Дома Археологија Архео пресек низ 2008

Архео пресек низ 2008

2,196 views
0

 

Денеска е Божиќ, еден од најголемите христијански празници. На сите мои читатели, пријатели, роднини и попатни минувачи низ мојот блог им посакувам следната година да им биде успешна, среќна и бериќетна.

Со публикуван текст на англиски во престижното словенечко списание ,,ARHEO“, оставив зад себе уште една успешна професионална година во полето на археологијата. Притоа пропратена со многу пријателства, дружења, патувања и споделување на знаење и информации. Ова е само еден дел од она кое ми се случуваше приватно и професионално, а го споделив он лајн со читателите на блогот.

Јануари

Археоблог конечно се пресели на своја платформа и сопствен домен. Само малку пред тоа ја напишав мојата Wish List for 2008 about macedonian archaeology според која не ми се исполни желбата ова година да има јавни трибини за археологија, да се издадат тони книги од оваа област и да се запослат 400 невработени археолози. Затоа пак имаше десетици ископувања на кои археолозите наместо во некоја институција, најдоа привремено место да го канализираат своето знаење и способност. Секако “мануелно” во ерата на дигиталната теренска документација, а во некои случаи и уз помочу штапа и канапа. Во Јануари се оддели посебен дел од сајтот означен како Археолошка креативна работилница, а некаде кон крајот на месецот со Кими и Новица гостував во Радио Равел на тема блог и блогирање.

Февруари

Овој месец започна со Archaeomeme-то иницирано низ блогосферата, за реакцијата кај блогерите да продолжи во оштра дебата со/против Роберто Беличанец кој наводно ги увреди блогорите со тоа што изјави дека скоро 70% од блогосферата е ѓубре. Овој настан подоцна ќе резултира со дебатата Face 2 Face организирана од страна на New Media Centеr и контровезното сечење на мојата изјава за диктатура по блогосверата. Секако на мое барање. 🙂

Март

Македонскиот народ почна да се соочува со криза на својот идентитет. Сето тоа се преслика на блогосферата. Се исфрлија стотици постови и текстови на таа тема, со илјадници коментари.

Како еден од блогерите кои ја користат лиценцата на Криејтив Комонс, дадов кратко интервју за весникот Шпиц, кое беше увод за културниот настан кој се случи на 28 Март и ги помести границите за поимањето на блогот и блогосферата.

Благодарение на издавачката куќа Аквариус 5 и публикувањето на едицијата Блог записи, Археолошкиот дневник помеѓу 14 други блогови си го најде свое место како книга. Се доби првата битка во игрите без граници, оставајќи зад себе многу “мртви” дела кои на големо задоволство на читателите се заробија помеѓу две корици. Притоа ми се укажа можноста не само преку блогот, туку и преку ТВ медиумите да објаснам што тоа кажав и направив добро за Македонија преку блогирањето за археологијата.

Април

Продолжи недостатокот на идентитетот кај македонскиот народ. Мојот придонес на оваа тема се состоеше од неколку последователни текстови. Помеѓу нив ,,Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина” убедливо беше еден од најчитаните постови на Археоблог за 2008 година. Тој пост подоцна го узурпирав максимално и од него произлегоа дури 3 научни труда кои беа публикувани на македонски и англиски/словенечки јазик.

Мај

На покана од New York University Skopje учествував на Конференцијата Glocal 2.0 со темата ,,Blogging Archaeology: Creating an Open Access Source for Knowledge“. Уште еднаш се покажа дека археологијата во спрега со Новите медиуми е одлична релација за надградување на знаењето во дигиталниот свет. Во исто време со конференцијата се случи да падне втората македонска блогерска платформа на која ми останаа заробени преку 700 текстови. Многу благодарност до Мк WordPress тимот на кого се обратив за помош. Посебно му благодарам на Ванчо Орданоски кој несебично ми помогна да се сработи сето ова за исклучително кратко време. Со негова помош поголем дел од постовите се спасија и се инкорпорираа во сегашниов сајт.

Кон крајот на Мај се појави и четвртиот дел од серијалот за Индијана Џонс. Реченицата на Инди при влегувањето во пештерата подоцна ќе биде употребена во повторна одбрана на македонскиот идентитет од страна на разни квази-научници, надрилекари и секако самопрозвани експерти по археологија. 🙂

Јуни

На почетокот од годинава отворив профил на facebook, а во Јуни за прв пат се обидов да го тестирам со покана за Бесплатна тура низ Скопско кале пред концертот на Синтезис. Испадна дека facebook во случаите со креирање и организирање на културни настани функционира сосема успешно. Факт е дека до сега оваа е една од најдобите платформи за промовирање на социјални настани и тоа веќе наголемо почна да се злоупотребува.

Групата која храбро го изоде археолошкиот локалитет пеш, еден час пред настапот на Синтезис на Скопското кале

Јули/ Август

Се појави конкурсот за Blogopedia во рамките на Blogopen 2008 на кој испратив 2 мои текста. Само малку подоцна презентацијата со кој настапив на Glocal 2.0 конференцијата беше публикувана на македонски јазик во списанието „Културен живот“.

Септември

Ми стигна track back дека Археоблог е публикуван во Блогопедија 2008 на српски јазик со горе споменатиот текст.

На 20-22 Септември со “Белешките за Трибулимите од Македонија” настапив на Меѓународна Конференција „Социјални и духовни аспекти на материјалната култура“ организирана од Институтот по етнологија и антропологија. Ова го споменувам затоа што на етнолошката конференција во Охрид стигнав благодарение на овој блог и Илина која веќе долго време ја следела мојата активност на интернет.

Како еден од блогерите кои постојано пишуваат за културното наследство бев поканета на јавната дискусија во рамките на проектот “Машина за преименување”, која предизвика реакции и беше проследена со исклучителен интерес.

Октомври

На 05. и 06. Октомври со уште шест блогери бев дел од конференцијата BlogOpen 2008 која се одржа во Бор (Србија). Како шлагворт на овогодинешниот BlogOpen беше книгата Blogopedija – избор од најдобрите постови за изминатава година пишувани на српски, хрватски, бошњачки или македонски јазик. Од 41 текст кој се најде поместен во книгата Блогопедија, 11 се од македонски блогери, што само посведочи за квалитетот на македонска блогосфера во однос на пишаниот збор.

Ноември

Како секоја година, така и оваа Туристичкиот Сојуз на Скопје на 15.11.2008 за сите граѓани организираше бесплатен разглед на градот со посета на културно-историските споменици Свети Спас, Скопското Кале, Скупи и Свети Пантелејмон.  Јас бев еден од директните учесници на оваа тура (бидејќи имам А лиценца за туристички водич во Македонија), a настанот го поставив и на блогот и на facebook креирајќи посебен event за таа намена. Присутвото на огромен број фејсбукери како и оние кои ја прочитале информацијата на сајтот уште еднаш се покажа дека се одлична база за добро организирање и функционирање на социјално-културни настани кои ќе ги применувам и во иднина.

Ми стигна извесување дека Археоблог по втор пат само за неколку месеци е публикуван во списанието Културен живот, чија основа беше постот објавен во Блогопедија.

Декември

Во периодот од 03.12-06.12.08 во Кичево, се одржа XX редовен симпозиум на МАНД на кој требаше да настапам со два текста, но го презентирав само оној за употреба на блоговите во научни цели. Втората тема “Зошто македонските археолози треба да публикуваат на Интернет под лиценцата на Creative Commons” наумив да ја направам отворена дебата помеѓу археолозите. Како повод за тоа ќе послужи и промоцијата на првата книга од еден колега археолог од Македонија, поставена за симнување под оваа лиценца, што ќе се случи набрзо.

Бев дел од жирито за Наградата на Светскиот самит за информатичко општество за 2009 благодарение на поканата од Фондацијата Метаморфозис.

Кон крајот на месецов ги исфрлив двата најкликани и најкоментирани постови за оваа година – “Кралството на Античките Босанци” и “Aхам, баш сме тајмлес, мор ор лес“. Вториот пост инспириран од кампањата на Владата на РМ за промоција на Македонија како туристичка дестинација е најлинканиот пост на Археоблог воопшто, откако овој блог постои на интернет во било која форма.

Јануари 2009

Секако дека во 2008 година се случија уште многу настани кои не го најдоа своето место на страниците од Археоблогот. Сепак ова е мој приватен сајт и што ќе напишам на него најмногу зависи од мене, а не од потребите на јавноста за информации околу археологијата. Тоа што јас и блогот моментално “служимо и цару и народу” најмногу се должи на отсуството на записи за македонската археологија на Интернет кое се надевам дека во 2009 година ќе биде апдејтувано кон подобро. Ама така се тешам и си велам веќе четврта година по ред.

Конечно ја завршувам мојата магистерска теза која ја влечкам веќе три години. Нема да кажам зошто сето тоа траеше толку долго, поради причини и проблеми кои за македонската археологија не се баш најпогодни да отидат во јавност. Па со господ напред би сакала сите да ве поканам на една заедничка журка по тој повод некаде кон крајот на годинава.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име