Дома Археологија Археолошки впечатоци од 20 симпозиум на МАНД

Археолошки впечатоци од 20 симпозиум на МАНД

13,264 views
18

 

На археолошките симпозиуми на МАНД одам со години. Поточно на секои 2 години како што било до сега адет. Мојот став воопшто не се разликува од гледиштето на некои мои колеги кои сметаат дека треба да присуствуваат на ваков “научен” собир, за да дознаат што се сработело во изминатиов период и во кој правец македонската археолошка наука направила напредок. Ако воопшто некогаш го направила.

Според моето скромно субјективно мислење чинам дека овој собир во неколку случаи беше блиску до маргините на дебал од наука. Во споредба со одредени презентации, дури и Босанските пирамиди се чинеа така реални и вистински. Сепак, можеше да се најде и нешто неконтаминирано во целиот тој хаос. Чест на исклучоците! Поради нив доаѓам на секои две години зошто навистина вреди да се слушне што има да кажат.

Се избра ново претседателство на МАНД, се промовираше (само на хартија) новата Macedoniae acta archaeologica, дебати немаше, округли маси на тема… – пак немаше,  групирање на презентациите по секција – немаше…Па ќе се запрашате што всушност имаше на оваа спорадично одржувана средба на археолозите на Македонија во Кичево?

Имаше коментари. И тоа дрски. Дека ова е симпозиум на кој треба да се даде ревизија за сработеното во изминатата година, поточно постои исклучиво за да се даде отчет за сите оние силни и огромни капитални проекти. Па така некои археолози си земаа за право да го надминат лимитот за презентација од 15 минути (кој важеше за сите) и да ги узурпираат слушателите навредувајќи ги на овој начин со своето однесување. Главната изнесена причина беше што треба да се оправдаат потрошените пари.  Но отчет се дава на оној од кого се добиени парите, а не на зрели археолози кои дошле до Кичево за да чујат нешто повеќе од извештај кој можат да го прочитаат и на хартија. Заузврат на тоа беа анатемисани луѓето кои не добиле пари за ископување од Владата или Министерството. Тие немаат што да присуствуваат на овој собир, кој не би требало да биде ништо друго освен визуелно сиже на она што го (пре)копале оние кои добиле пари. Колегите кои работат теоретски и истражуваат кабинетски, се зачудија што ли навистина бараат да бидат присутни на еден археолошки НАУЧЕН симпозиум, кога тој комотно може да се преименува во археолошки симпозиум. Оти од наука абер видовме, ама фајде – не видовме.

На овој симпозиум како на ниту еден досега, имаше совршено грозни презентации. На некои колеги не само што би им забранила да истражуваат, туку би им ја одземала титулата археолог за ,,век и веков”. Во сето ова среќна околност е што немаше големо присуство на медиуми кои веројатно би се запрашaле кој се тоа го истражува културно-историското наследство на една земја и си поигрува со нејзиниот идентитет.

На еден момент се допре и перменентниот проблем со дивите копачи кои во последните  години стана акутен. Но изгледа моите колеги археолози воопшто не беа спремни да разговараат отворено на таа тема и тука сите “мудро молчеа”. А проблемот си останува да постои како таков и нема да го спасат дури ни оние 400 археолози кои се уште не се вработени. А како тргнала работава, уште долго нема ни да бидат.

Ако го оставиме настрана правењето опструкции и зборувањето зад грб, се прескокна проблемот на непубликување на материјалите од ископувањата, а непостоење на интернет публикувањето се уште се оправдува дека со години се нема пари за оваа намена. Во ера кога и дете може да напише бесплатна статија на Интернет, македонската археологија се уште останува заробена во својата немоќ онаму каде што припаѓа. Некаде кон крајот на 19 век. Оти официјална статија на некој признат археолог во некое престижно списание на Интернет, да не ти била валидна референца.

Единствена предност на овој симпозиум беше присуството на голем број млади дипломирани археолози со бројка од 35 нови членови на МАНД. Тие беа и единствената светла точка на овој кркамбар од собир, од кој се надевам дека ќе извлечат умни поуки. Иако најпаметно ќе им биде да се искалат малку на симпозиуми надвор од државава, по можност и надвор од Балканов.

Имиња нема да споменувам зошто знам дека голем број од археолозите ќе се пронајдат и без фусноти во овој текст. А и поради фактот што Археоблог е приватен сајт и немам намера никому да му правам  реклама на Интернет, па била таа и во негативна конотација. Овој сајт постои заради мене и мојата самопромоција, а кој сака да пишува реплики, широко му поље интернетско на кој борбата е меч со повеќе острици. 😉

А ако политиката е легитимен начин да го заштитам културното наследство на Македонија од понатамошно сквернавење, во тој случај ќе ги чекам изборите, пред се локалните за да се одлучам на која партија да и се приклучам. Можеби тоа е начинот да и се помогне на македонската археологија и да се слушне гласот на сите оние невработени а способни археолози, кои постојано се под пресија и нечија опструкција. Око нема да ми трепне за политиката. Ама за археологијата – ДА!


Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот ribaro. За статијата можете да гласате тука.

18 КОМЕНТАРИ

  1. Значи, стравотии и ужаси. Ако е вака во археологијата која нели е од ДРЖАВЕН интерес и најблиску и до нивото на дискусии кои се водат меѓу „рајата“ (историја, традиција, наследство, балканско разликување од другите), што да кажат другите науки кои се поапстрактни, но секако битни за државата (математика, физика, инженерии од секој вид). И додека се труби на сите страни дека Македонија да ти била земја на знаењето итн. работите си продолжуваат по старо. Не се изменети минимум 12 години барем колку што јас присуствувам на случувања од областа на природните науки во Македонија. Исто е и таму.

    И сега, Quo Vadis, политичарчиња? Ама не сте само вие криви, криви се и оние „доктори“ кои со одбраната на дисертацијата мислат дека завршува се, а всушност почнува, криви се и оние кои ги трпат на државен грб, криво е и немањето на самокритика, на МОРАЛ и ЕТИКА.

    Човек да не знае од каде да почне. Зрели се за линч и политичките врхушки, а ете и научните работници, а изгледа и народот кој треба да линчува е зрел за линч. Како младите научници од страна ќе ви се вратат ако Македонија ја претворите во бара во која нема кислород а преживуваат само сомовите во калта на дното кои ја матат водата? Намерно ли се прави ова за да се задржи статус кво и да се СПРЕЧИ секаква промена, секакво враќање или вработување на млади кои може (далеку било) да почнат и да работат нешто?

    Ноут ту селф: Отвори Фејсбук група: „Се кладам дека можам да најдам 5000 луѓе на кои им е преку таквото од состојбите во Македонската наука“.

  2. Баш греота што на вакви гранки ни е сведена државотврорната археологија. Интересна тема е на пр. формирање паравоена формација од тие невработените и млади археолози за спротивставување на дивите копачи, нешто како тексашки ренџери што беа во времето на Кит Телер и Текс Вилер…

  3. Zagrizuvacko e ova sto go pisuvas/-te za sostojbite vo makedonskata arheologija 🙁
    Ne mozam da sfatam kako vo zemja so takvo ogromno kulturno nasledstvo moze da postoi vakov nihilisticki
    tretman kon edna dosta znacajna i plemenita kulturna (i kulturoloska) granka, kako sto e arheologijata!!
    Smetam deka ne e losa idejata za individualno grupiranje na silite na mladite arheolozi vo vid na zdruzenie,
    pa so pomos na iskreni dobronamernici da se obidete nesto zaednicki da isturkate. Jas kako akademski ucitel vo stranstvo,
    kade sto arheologijata e mnogu vazna oblast i drzavata (Polska) ne stedi pari za promocija na kulturnoto nasledstvo,
    mozam da se obidam da vi pomognam vo povrzuvanjeto so vam srodni organizacii tuka i potoa po razmenata na iskustva
    nekako da pocnete niv da gi primenuvate i vo vasata sredina. Vi posakuvam srekja i se nadevam deka ke dojdat
    i za vas podobri vreminja. Pozdrav od Polska 🙂

  4. Долго време се размислував дали треба да коментирам на постов оти мислев дека се сум кажала. Но кога добро ќе размислам, навистина многу сум кажала, но во ублажена форма. Бидејќи на моменти она што се случуваше во Кичево не наликуваше на научен симпозиум. Ќе паразфразирам еден колега кој за многу работи беше во право кога коментираше: ,,А која е научната придобивка од оваа презентација” …

    Инаку поради една несреќна семејна околност утрината кога настапував не успеав да стигнам на својата прва презентација па пред публиката отиде само она кое имав да го кажам за блог-археологијата. И воопшто за присуството на научниците на интернет. Во текот на самиот симпозиум се отвори простор и за првата тема “Зошто македонските археолози треба да публикуваат на Интернет под лиценцата на Creative Commons”. Меѓутоа се откажав да презентирам и наумив да ја направам отворена дебата помеѓу археолозите. Како повод за тоа ќе послужи и промоцијата на првата книга од еден колега археолог од Македонија, поставена за симнување под лиценцата на Криејтив Комонс.

    Ова е само една од придобивките која може да ја пружи технологијата на 21 век во однос на презентација на нашето културно наследство на интернет. Притоа секако се надевам и на соработка од блогосферата. 🙂

  5. […] Живот. Истоимената темата ја пријавив на последниот симпозиум на македонските археолози во Кичево, но за жал од оправдани причини задоцнив утрината кога […]

  6. […] Живот. Истоимената темата ја пријавив на последниот симпозиум на македонските археолози во Кичево, но за жал од оправдани причини задоцнив утрината кога […]

  7. […] Живот. Истоимената темата ја пријавив на последниот симпозиум на македонските археолози во Кичево, но за жал од оправдани причини задоцнив утрината кога […]

  8. […] МАНД 2006 Археоблог дел од престојниот XX редовен симпозиум на Македонското Археолошко Научно Друштво Археолошки впечатоци од 20 симпозиум на МАНД […]

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име