Духови, гробови и останати салтанаати
posted in Археологија, Интернет, Историја, Медиуми |
Постои еден сајт за кој сите блогери одамна знаеме дека е фејк. Служи за забава и на него секој може да си направи вест и да ја дистрибуира како вистинска, прележувајќи ги на пример своите пријатели за 1ви април. Но ова што се случува изминатиов ден навистина го досегна дното на македонскиот медиумски простор. Имено, на истиот овој сајт со граматичка неписменост во падежите од српскиот јазик, измислени топоними и “археолошки грешки во чекори” беше лиферувана вест дека е откриен гробот на Александар Македонски. Покрај тоа што “некој” од непозната природа си поиграл со јавноста, најголемата трагика е што наседнаа сите посериозни медиуми во Македонија. Ако воопшто постои медиум кој би можеле да го наречеме сериозен.
A1 – Пронајден гробот на Александар Македонски?
Кирилица – Пронајдена гробницата на Александар МакедонскиП
Форум – Сензација или лага: Пронајдена гробницата на Александар Македонски?
Net Press – Гробот на Александар Македонски откриен на македонско-грчката граница?
MINA – Gravesite of Alexander the Great found?
Dragan Varagic – Srpski blog prvi objavio vest o pronađenom grobu Aleksandra Makedonskog
Живееме во епоха кога само ни се чини дека контролата на информациите е огромна. Новите медиуми се меч со две оштрици и треба крајно да се внимава со шпекулациите. Не смееме да заборавиме дека тие се бесплатна алатка до која сите имаат пристап. Така секој може во исто време да конзумира, но и да “произведе” информација. Станува невозможно да се контролира протокот на информации кој доаѓа од толку многу различни извори. Живееме во време кога секој прави или пишува сопствена историја. Дајте ми и на мене 2-3 податока, и јас ќе ви конструирам каква сакате археолошка вистина.
За да биде се во знакот на нашата антиквизација, пред некој ден во медиумите се појави уште една несериозна вест која му оди во маркетиншки прилог на историчарот Донски за неговата нова книга. Имено, тој минатата година посетил извесен медиум во Америка кај кој отишол на спиритуална сеанса и притоа се појавил духот на Александар Македонски во својство на негов предок. Духот зборувал на “разбирлив” јазик и кажал се, освен каде се наоѓа неговиот гроб. Пу јаз`к, а можевме стварно да го најдеме.
Како прво секоја информација се проверува од најмалку три различни независни извори. Побогу, па тоа го знам дури и јас, а не сум ни новинар. Да се дистрибуира вест од рангот на било што поврзано со археологијата без одење на терен, па макар тоа биле гробот и духот на Александар Македонски химселф, е на границите од небулозата. Додека не се проверат сите опциии и не се отстрани било каква можност за сомнеж, научната јавност треба да биде лишена од вакви турбулентни емоционални медиумски опсервирања.
Претпоставувам дека историчарите и археолозите ќе молчат и за овие настани, како што молчеа за Првата плескавица во светот, Бакарната книга, Хунзите и Калашите, Каменот од Розета итн… А нема ништо полошо од молчењето и игнорирањето, бидејќи на тој начин молкум се потврдуваат нечии хипотези и теории. Полека но сигурно чекориме кон аксиомата “Како земјата од секогаш била наша” која има за цел на општата публика да и пружи една прошетка низ историјата на Македонија од палеолита до Тита. Само што во неа временските исечоци не се занимаваат баш со “безбедни теми”, па настануваат куршлуси како горенаведените.
Она што заслужува критика е разбирањето на историјата како наука на митови без грешки и ломови и вметнување на елементи кои доволно ја реметат и онака кревката “пропишана наша македонска еволуционистичка шема”. Немаме потреба да лажеме – вистината ни е сосема доволна, ма каква и да е таа. Иако, националните митови на сите европски земји од Грција до Шведска, се скоро идентични. Сепак, со вакви несериозни информации на светот му даваме погрешна претстава дека го јакнеме својот идентитет (пред се античко-македонскиот), но во отсуство на наука, научни трудови и археолошки ископувања. И не ми е јасно зошто мораме преку техника на самодефиниција низ порекнување, да потврдуваме било каков идентитет.
За крај, мислам дека е редно македонските новинари од редакции за култура кои пишуваат на тема историја–>идентитет, да се едуцираат малку повеќе на полето на археологијата како наука за минатите, но и за сегашните општества. Еве јас се нафаќам да им одржам еден семинар или работилница. Ако треба и гратис.
Апдејт (15.04.2009): Медиумската топка почна да се спушта на земја:
Фокус [Бг] – Паско Кузман: Твърдението за намерен гроб на Александър Македонски е невярно
Фокус [Бг -eng.] – Pasco Kuzman: Allegation for found tomb of Alexander of Macedonia is incorrect
Канал 5 – Пронајден гробот на Александар – патка на српските интернет медиуми
Дневник – Српски блогер се пошегува со Македонија
Вечер – ШЕГА, ПРОВОКАЦИЈА ИЛИ… Пронајден гробот на Александар Македонски?!
Утрински – Сензација околу, наводно, откривање на гробот на Александар Македонски
Текстот e поставен на интерактивниот сервис Кајмак.от. За постот можете да гласате тука.
Клучни зборови: археологија, ископување, блог, информација, гроб, Александар Македонски, сензација, дух, новости, медиуми, нови медиуми, Македонија, archaeology, excavation, blog, information, grave, Alexander the Great, sensation, spirit, media, new media, Macedonia














