Морам да признаам дека после толку години присуство, ова за мене сигурно беше еден од најдобрите симпозиуми на Македонското археолошко научно друштво (МАНД), и квантитативно и квалитативно. Оти други години навистина имало дебакл од презентации кои навистина го рушеа реноменто на професијата. Некои колеги своите циркузантски настапи ги повторија и годинава па се надевам дека тоа во идина ќе биде санкционирано, онака како што налага законот и етичкиот кодекс на примерно човечко однесување.
За разлика од други средби, овој пат се случија многу позитивни работи за прв пат. Публикувањето на обемната Macedoniae acta archaeologica, должината на презентациите, поделбата и среденоста на учесниците по секции итн … Но да почнам со ред.
Секциите за праисторија, антика и среден век
Во изминатите години редоследот на учесниците на симпозиумот на МАНД се базираше најмногу на периодот кој го истражуваат. Па ако колегите работат палеолит или бронзено доба, тогаш секако се на почетокот од првиот ден. Но на тој начин оној кој има презентација на пример за отоманските монети треба да ги исчека да поминат сите ученици и сите периоди од почеток до крај, и неговата презентација да биде меѓу последните. Што навистина не е коректно кон истражувачите. Сепак не смее да се заборави дека секоја година (поточно на 2 години) бројот на учесниците се зголемува, па следствено на тоа беа нужни промени.
За прв пат од постоењето на симпозиумите на МАНД, овој пат учесниците беа групирани по периоди, оние на предисторијата, раната антика, генерално антика и средниот век. Исто така во рамките на секциите имаше и заокружени тематски целини кои беа посветени на пример на истражувањата на нумизматиката, или на Скопското Кале, Скупи, Стоби, Марвинци, Баргала и тн. И покрај ситните омашки и преместувања, навистина организаторот се потрудил сите колеги да ги помести во секциите кои најмногу им одговараат по тематиката. Но од друга страна ова доведе до парцијално восприемање на информациите, бидејќи презентациите се одвиваа на различни места, во две различни сали. Така оние како мене кои беа ‘заглавени’ во секцијата за праисторија, а сакаа да бидат апдејтувани за наодите од ископувањата на големите антички локалитети, останаа покуси, затоа што едноставно временски и физички не можете да постигнете да бидете на две места и да ја апсорбирате таа огромна концентрација на археолошки податоци.
Се надевам дека во иднина и овој начин ќе биде малку изменет и адаптиран поради предноста за циркулација на информациите помеѓу колегите, со што првиот ден би бил посветен само на предисторијата, вториот и третиот на антиката … Со тоа на учесниците ќе им се овозможи да бираат кој ден ќе дојдат на симпозиумот и кој од презентерите ќе се решат да го слушаат.
Macedoniae acta archaeologica
При промоцијата на Macedoniae acta archaeologica која се случуваше при крајот на вториот ден, беше кажано дека овој зборник кој се публикува како резултат на симпозиумот на МАНД, е еден од најобемните по волумен, квантитет и квалитет на трудовите. Конкретно, се работи за зборникот бр. 19 каде се поместени научните резултати од истражувањата во Македонија презентирани 2006 година на симпозиумот на МАНД во Делчево. Овој зборник во последната деценија доцни побајаги, а причините се воглавном финаниски и по некој човечки ресурс кој би бил инволвиран во една се уште неразвиена гранка од македонската археологија – културен менаџмент. Како и да е, според зборовите на проф. Драги Митревски ‘ова е најдобрата Acta од сите до сега публикувани зборници, која полека но сигурно го враќа сјајот и угледот на македонската археологија’.
Помеѓу публикуваните текстови се наоѓа и мојот насловен како ‘Прилог кон вреднувањето на неолитскиот литички материјал‘. Текстот набрзо ќе го подигнам на интернет, со една мала напомена. Се направи мала збрка околу моите настапи на МАНД, затоа што всушност ова е текст кој го презентирав на симпозиумот на МАНД во 2004 година во Гевгелија и требаше да биде публикуван во претходниот бр. 18. Ама ете, во меѓувреме публикував за Оксфорд и за Кембриџ прес, како и некои други европски престижни списанија, додека се појави за прв пат еден мој научен текст на македонски јазик во оваа Acta.
Медиумите и македонската археологија
Имаше многу презентации, можеби преку 90, ама немаше ниту еден медиум тоа да го проследи. Поточно, можам да кажам дека јас бев единствениот ‘медиум’ кој воопшто известуваше од овој симпозиум. За прв пат повеќето од работите во мојата сесија ги постирав онлајн на моите сметки на твитер и фејсбук, со што се направи исчекор кон апдејтување на јавноста но и на некој начин популаризација на македонската археолозија.
Срам да им е на македонските медиуми за ваквиот однос кон луѓето кои го создаваат културното наследство на една земја и чии трудови се одновата за идентификација на граѓаните со истото. Немам некое големо мислење за македонските медиуми, посебно од редакциите на културата (чест на исклучоците). Впрочем, од сите археолози јас сум таа која изела најмногу гурабии на интернет за нивната неспособност, па така овој банирачки однос кој не вклучуваше скандали, политички испади и спектали, ами само наука, остана вон дометот и интересот на македонската јавност од за мене познати и веќе горенаведени причини.
Плаќањето на чланарина
Секој археолог кој е член на МАНД, со самата пристапница се обврзува дека ќе ја плати чланарината за две години во висина од 1000 денари. Ако јас како невработена можам да си го дозволам тоа, не гледам причина колегите кои работат во институции + земаат дневници од терен да глумат лудило (како што нагласи претседателот на МАНД), и да не си ги подмируваат своите обврски. Фуј, навистина ниско, но веројатно таков им е и моралот на оние колеги кои со години не плаќаат чланарина, а заузврат очекуваат чуда од археолошкото друштво кое се бори за финании како да ги публикува веќе готовите напишани научни трудови.
Презентациите на интернет
Сум била на секакви конференции, симпозиуми, округли маси… По завршувањето на сесијата секогаш уредно сум ја предавала/испраќала својата презентација која подоцна била закачена и достапна на интернет. Тоа е и случајот со повеќето ‘отворени’ за јавноста симпозиуми во светот. Повеќето од моите презентации може да се погледнат на мојата сметка на scribd, вклучително и оваа последната која беше подигната два дена пред мојот настап на МАНД. Не ми е јасно од кои причини би се криеле презентациите кога никој никому нема да му ги украде резултатите, а овие текстови се надевам и дека набрзо ќе бидат публикувани, како што е редот.
[slideshare id=5556483&doc=mand21-lokalnisurovinizakamenialatki-101025110517-phpapp01]
Како за крај
Генерација која сега има помеѓу 55-60 години и која е пред пензија (т.з. београдски џаци), ја закочи македонската археологијата добри 15 години. Тоа е генерација која требаше да го понесе товарот на транзицијата во деведесеттите години, а потклекна. И многу долго се тапкаше во место се до овој симпозиум, кој беше преклопен момент за многу работи. Никогаш повеќе нема да биде исто во македонската археологија. Многу млади луѓе, со одлично спакувани презентации во духот на напредната технологија, со јасна идеја и мисла, покажаа дека се спремни да понесат уште потежок товар. Да ја постават македонската археологија во публикации и на интернет, каде би го завземала местото кое одамна и припаѓа.
Имам уште многу ‘сериозни’ замерки, како што имаше сериозни парчиња на керамика, сериозни фрагменти од лепеж и преживеани профили од сондите. Но тоа ќе го оставам за понатаму. 😀
И како за крај. Некои од колегите треба да се приземјат и да престанат да глумат ‘ѕвезди’. Сите ние сме само обични археолози, во морето на илјадници други археолози какви што ги има по светот. Ние сме само една алка во методолошката постапка од моментот на откривање, обработка, публикување, презентирање и промоција на археологијата и културното наследство воопшто. Ние не треба да му се допаѓаме на никого посебно, но треба да си ја работиме својата работа. Во таа смисла разберете го и овој мој запис. Затоа што Незапишано – неслучено! 🙂
Што ќе ви се медиуми — ти си одлична!
Постручно известување од настанот, кој ќе даде…
одлично…
се радувам на сите успеси на македонската наука… 🙂
срдечни поздрави!
🙂
[…] This post was mentioned on Twitter by Vasilka Dimitrovska, Vasilka Dimitrovska. Vasilka Dimitrovska said: [нов блог пост] Заврши 21 Симпозиум на македонските археолози во Банско – http://bit.ly/9RBGcC #archaeology #Macedonia […]
@Ванчо Орданоски
Се надевам дека колегите во брзо време ќе ја сфатат предноста од употребата на новите медиуми и социјални мрежи. Најсетне, тоа за мене беше и остана добар маркетинг за кој не платив ниту менаџер, ниту даночна стапка. 🙂
@prezviterkozma
Благодарам за коментарот, јас и понатаму ќе се трудам да апдејтувам колку можам за успесите на ‘македонската археологија’, но секако низ моја призма. Сепак е ова приватен сајт за археологија и тоа во голема мера го отсликува гледиштето кон работите и случувањата.
Поздрав и до тебе 🙂
[…] за разлика од претходните години. Верувале или не, на спимпозиумот на МАНД пред 2 години во Струмица јас бев единствениот медиум кој пишуваше и […]
[…] за разлика од претходните години. Верувале или не, на спимпозиумот на МАНД пред 2 години во Струмица јас бев единствениот медиум кој пишуваше и […]