Многу нелогичности постојат околу термините за празнување на некои традиционални празници во православниот свет. Следејќи ги своевремено постовите на блогерите Кибицер – “Грегоријански v.s. Јулијански календар“, и на Волан – ,,Крив ни е календарот“, решив и да се произнесам по повод ова прашање.
Во средновековното фрескосликарство исто како и во црковните канони, постојат правила и редоследи како се сликаат некои икони и циклуси кои останале непроменети стотици години. Покрај другите, еден од највпечатливите циклуси е и оној на ’12-те Големи празници’. Тој почнува со: ‘Благовестие’, потоа со ‘Раѓање Христово’, ‘Сретение’, ‘Крштевање на Исус Христос’ итн… Редоследот по кои се сликаат сцените е истиот оној кој е запишан во Новиот Завет. Чинам малку повеќе се изместиле реперите за прославување, зошто излегува дека прво ја славиме Нова година кога Исус (веќе роден) го однеле во храмот (т.н. Обрезување на Исус, стар еврејски обичај), за да неколку дена подоцна го славиме и официјално неговото Раѓање. Нашето славење со збркани календари навистина го гледам како крајно нелогично. И прилично нецрковно, кога сме веќе кај традицијата на религијата.
Нелогични се исто така и оправдувањата од типот дека ние според редоследот, по Раѓањето на Исус Христос на 7 јануари ја славиме Василица или Стара Нова година, зошто тој ден не е ниту државен празник, сите работат и исклучиво благодарение на луѓето се задржала традицијата на славењето. За разлика пак од традиционалната Новата година (на 1 јануари) која е всушност верски празник (Обрезување на Исус по Грегоријанскиот календар), но во повеќето држави преминал во државен празник, вклучувајќи ја и нашата.
За воља на вистината, МПЦ уште во 1967 год. донела одлука да се напушти Јулијанскиот календар, но оваа одлука никогаш не стапила на сила. Црквата била мошне умна, се изјаснила дека научниот свет треба да го реши тоа, оградувајќи се мудро од било какви промени. И така останало до денеска. Но, мислам дека е крајно време МПЦ да не седи по страна и конечно да го даде својот став за ова прашање кое добива на значење помеѓу верниците секоја година се повеќе.
Јулијанскиот календар е напишан во Рим од математичарот од Александрија Созиген, по наредба на Јулиј Цезар.
Од друга страна пак, Бадник е пагански обичај инкорпориран да се слави во сврха на Бoжиќ, при што се пали Бадниково гранче, а палењето секако дека не спаѓа во христијанските обичаи. Нелогичности повторно има, но Православната Црква ги прифатила за да може да ги задржи верниците. Ако го прифатила тоа не гледам причина да не се прифати и славењето на Божиќ на 25-ти Декември.
Моето омилено домашно цвеќе
Што се однесува до терминот Божик или Божиќ, мислам дека секој има право да го нарекува како му е по воља, или како го научил додека бил мал, се додека не менува ништо во традиционалните обичаи. Бидејќи традицијата и обичаите се една од одликите кои не двојат од останатите етноси.
Запишана во
многубројните кодови на
конструкцијата од традицијата
која не е создадена
за да се предава
туку е конструирана
за да создаде клучови на толковните поими
и необични сонови,
пребожиќно расположени.
Македонскиот етнос е како хард-диск кој со текот на векови апсорбирал кодови кои ги вткал во сопствениот фолклор. Вистинскиот клуч за старите култури го носиме во себе. И треба да го дадеме како сведоштво, за да остави печат на времето. Затоа пишувајте, запишувајте и споделувајте на интернет.
Како и секоја година, за овие денови моите ритуали се однапред одредени. Горе-долу (со варијанти на тема) традиционално се знае редоследот на настаните пред Божиќ. Вечерта на преминот кон Бадник е палење на огновите, потоа доаѓаат Коледарите, следниот ден, т.е. вечерва е Бадниковата посна вечера, Кршењето на лепчето, Паѓање на паричката и Божиќ или Рождество Христово.
По овој повод, на сите драги пријатели, роднини, блогери, твитерџии и читатели им посакувам Радост, Љубов и Мир, Стрпливост и Спокојство. За многу години да ви се празнициве, нек се угодат.
Христос се роди
Навистина се роди
Клучни зборови: Бадник, погача, паричка, Коледе, коледари, Божиќ, Божиќ, Исус Христос, обичај, традиција, Македонија, Badnik, coin, pie, Merry Christmas, tradition, customs, Macedonia