Дома Лично Прво Обрезување или Раѓање, Божик или Божиќ

Прво Обрезување или Раѓање, Божик или Божиќ

2,960 views
1

Многу нелогичности постојат околу термините за празнување на некои традиционални празници во православниот свет. Следејќи ги постовите на Кибицер –  “Грегоријански v.s. Јулијански календар“, и на Волан – ,,Крив ни е календарот“, решив и јас да се произнесам по повод ова прашање.

Во средновековното фрескосликарство исто како и во црковните канони, си постојат правила и редоследи како се сликаат некои икони и циклуси кои останале непроменети стотици години. Покрај другите, еден од највпечатливите циклуси е и оној на ,,12 Големи празници”. Тој почнува со: ,,Благовестие”, потоа со ,,Раѓање Христово”, ,,Сретение”, ,,Крштевање на Исус Христос”, итн…

Редоследот по кои се сликаат сцените е истиот оној кој е запишан во Новиот Завет. Чинам малку повеќе ни се изместиле репериве за прославување, зошто прво ја славиме Нова година кога Исус (веќе роден) го однеле во храмот (т.н. Обрезување на Исус, стар еврејски обичај), за да неколку дена подоцна го славиме и официјално неговото Раѓање. Така да навистина нашето славење го гледам како крајно нелогично. И нецрковно.

Нелогични се исто така и оправдувањата од типот дека ете ние ја славиме Василица или Стара Нова година, зошто тој ден не е ниту државен празник, сите работат и благодарение на луѓето се задржала традицијата. За разлика пак од традиционалната Новата година (на 1 јануари) која е всушност верски празник (Обрезување на Исус по Грегоријанскиот календар), но во повеќето држави преминал во државен празник.

За воља на вистината, МПЦ уште во 1967 год. донела одлука да се напушти Јулијанскиот календар, но оваа одлука никогаш не стапила на сила. Црквата била мошне умна, па се изјаснила дека научниот свет треба да го реши тоа, оградувајќи се мудро од било какви промени. Но, мислам дека е крајно време МПЦ да не седи по страна и да го даде својот став.

Колку за информација, Јулијанскиот календар е напишаn во Рим од математичарот од Александрија Созиген, по наредба на Јулиј Цезар.

Од друга страна пак, Бадник е пагански обичај инкорпориран да се слави во сврха на Бoжиќ, при што се пали Бадниково гранче, а палењето секако дека не спаѓа во христијанските обичаи. Пак нелогичности нели, ама Православната Црква ги прифатила за да може да си ги задржи верниците. Ако го прифатила тоа не гледам причина да не се прифати и славењето на Божиќ на 25-ти Декември.

Инаку горе-доле (со варијанти на тема) традиционално се знае редоследот на настаните пред Божиќ. Прво е палењето на огнови, па Коледарите, следниот ден е Бадниковата посна вечера, Кршењето на лепчето, Паѓање на паричката и Божиќ или Рождество Христово.

Што се однесува до терминот Божик или Божиќ, мислам дека секој има право да го нарекува како му е по воља, говор, како го научил додека бил мал, се додека не менува ништо во традиционалните обичаи. Бидејќи традицијата и обичаите се една од одликите кои не двојат од останатите етноси.

Затоа мои драги пријатели, блогери, читатели…

На сите вас Ви посакувам Радост, Љубов и Мир, Стрпливост и Спокојство, бидејќи

Христос се роди

Навистина се роди

Среќен Божиќ

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име