Home Едукација Како го создадов Storytelling Skopje – мојата програма за интерпретација на наследството

Како го создадов Storytelling Skopje – мојата програма за интерпретација на наследството

1,079 views
0

Проектот Storytelling Skopјe („Скопје раскажува“) е моја програма за интерпретација на наследството. Проектот се градеше постепено низ мојата професионална кариера. Скопје e град во кој сум родена, град кој го сакам, го живеам, го сонувам, го проучувам и публикувам за него. Ја промовирам неговата култура и наследство секаде каде што можам. За мене Скопје е љубов, но и вечна инспирација која сакам да ја споделувам со луѓето на секаков можен медиум, вклучувајќи и огромен број на научни публикации, монографии, книги, водичи и прирачници кои досега сум ги напишала.

Токму од таа инспирација се изнедри и овој проект чијашто основа е интерпретацијата на наследството. Се работи за интерактивни игрифицирани едукативни активности во коишто посетителите се активно ангажирани за време на некое искуство коешто го создавам. Имајќи го предвид моето богато научно-истражувачко портфолио комбинирано со алатките за интерпретација на наследството, многу ми е лесно да креирам гамифицирано искуство низ коешто учесниците ќе научат многу работи за нашето наследство преку игра и забава, загатки, тајни насоки и дешифрирање на кодови. Обрнувам исклучително внимание нивното учество да биде активно во секој момент и проткаено низ авантурите, со што се создаваат трајни сеќавања и длабока врска со локалното наследство.

Ориентациона мапа базирани на оригинална мапа за Скопје од 1899, дел од „Потрагата по шапката на мајсторот Крон“

Логото на Storytelling Skopje

Мирисот на липата е мирисот кој сите ги потсетува на Скопје. Од таа причина логото и слоганот на  Storytelling Skopјe се визуелизација којашто  ја отелотворуваат мојата длабока поврзаност со градот, неговите жители низ вековите и приказните кои се поврзани со разни личности, настани или анегдоти.

Преку автентичните искуства кои авторски ги создавам, се обидувам на сите љубители на наследството да им ја пренесам љубовта кон Скопје истовремено споделувајќи ги приказните до кои сум дошла по пат на научни истражувања, долгогодишна работа во архивите, читање на старите весници или книги и преку разговори со мештаните.


Kој може да биде дел од искуствата и зошто е важно да се знаат овие приказни 

Секој заинтересиран за историјата на Скопје може да биде дел од овие искуства. Нив ги градам преку валидни податоци кои самата ги прибирам, но честопати се дообликуваат и со информации кои посетителите ми ги споделуваат како лично сведоштво. Приказните се нематеријално колективно културно наследство. Нивното расажување и преточување во игрифицирани искуства овозможува многу лесно секој да ги разбере, да се идентификува со нив, да ги запомни и да ги пренесе на следните поколенија како вредност.

Дел од реквизитите за различни авторски проекти во рамките на мојата програма за интерпретација на наследството Storytelling Skopje

Би рекла дека досега, дефинитивно најголем интерес побудуваат „Љубовните приказни на Скопје“ бидејќи тое е искуство низ коешто поминал секој човек во животот и може да допре длабоко на индивидуално ниво. Тоа се некои универзални вредности кои луѓето ги препознаваат и со нив се идентифуваат. Во меѓувреме преку овие приказни низ активна игра, забава и едукација посетителите исто така учат и за локалното наследство на Скопје. Голем интерес побудува и „Митската авантура: Скопските шумски суштества и како да ги пронајдеш“, бидејќи преку неа се учи за нашето богато нематеријално наследство, поточно за македонската народна традиција, обичаи, ритуали и верувања кои се дел од нашето секојдневие. На мое големо задоволство, огромен интерес кај публикaта побудија и „Авантурите низ Старата скопска чаршија“. Овие авантуристички потраги и игрифицирани прошетки во соработка со мојата организација ХАЕМУС ги создадов специјално за проектот „Чаршијата: галерија на занает и уметност“ поддржан од Europe House Скопје со цел достојно да се одбележи Меѓународниот ден на уметноста. За таа цел повторно посегнав по алатките за интерпретација на наследството за да дизајнирам искуства кои посетителите ќе ги поврзат со занаетите и уметноста во историскиот дел на Скопје, притоа откривајќи го нивното подлабоко значење.

На 18.04 кога се славеше Светскиот ден на наследството, се појави и моето прво интервју за Storytelling Skopјe коешто го дадов за магазинот „Портрет“. Голема благодарност до авторката и новинар Марта Стевковска којашто го увиде потенцијалот на Storytelling Skopјe само неколку дена откако ги отворив профилите на социјалните мрежи

Реквизитите на Storytelling Skopje

Секој предмет и реквизит во рамките на мојата програма за интерпретација на наследството Storytelling Skopјe е дизајниран и изработен рачно и лично од мене со огромно внимание кон деталите и почит кон старите занаети и уметноста, а сѐ до цел за поавтентично искуство на локалното наследство. На пример за ориентационите мапи низ Старата скопска чаршија ми се потребни по 2-3 работни дена за секоја индивидуална мапа. Но има случаи кога на развивање, дизајнирање и продукција на овие реквизити и придружни медиуми работам и до половина година. Намената и функција на овие реквизити мора да биде конкретна во рамките на некое искуство со цел да се илустрира содржината, соодветно да се ангажира публиката и да се инспирираат луѓето од презентираното наследство.

Што значат овие приказни лично на мене, за историјата на Скопје, како ги учам и на што особено обрнувам внимание?

Секоја приказна за Скопје за мене е подеднакво важна, независно од кој период потекнува и независно дали доаѓа како информација од артефакт пронајден на археолошки локалитет, архивски документ, книга, патеписна белешка од минатото или коментар на социјалните мрежи. Потекнувам од старо скопско семејство и јас сум веќе петта генерација која е дел од битисувањето на градот. Куќата во која се родил и израснал мојот прадедо се наоѓала на местото близу Камениот мост покрај Вардар, на почетокот на денешен ГТЦ.

Покрај мојата стручна наобразба во полето на археологијата и генерално во менаџментот на наследството, од мала растев со приказните за Скопје и неговите интересни жители кои имале привилегија да изградат дел од идентитетот на градот. Кога имате толку многу информации на располагање, тоа ви ја олеснува постапката при креирање на вакви тематски искуства кои се дел од програмата Storytelling Skopјe за да можат луѓето индивидуално, во групи или со семејството квалитетно да го поминат своето време.

Што точно означува интерпретацијата на наследството?

Како лиценциран интерпретатор за наследство и тренер за обучување на кадри, но и како некој којшто со децении се занимава професионално со ова тематика можам да потврдам дека познавањето на оваа одлична бизнис алатка може да ја зголеми видливоста за одреден проект, продукт или програма, бидејќи се разликува од дузина навидум слични модели поради уникатноста на својата презентација и реквизитите кои се дел од неа. Интерпретација на наследството е моќна алатка за менаџмент, визуелизација, едукација и пред сѐ комуникација која се употребува за да се облагороди природното и/или културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување бидејќи треба да овозможат искуство за локалното наследство коешто посетителите ќе го запаметат доживотно.

 

Заклучок:

Storytelling Skopјe или „Скопје раскажува“ е сѐ она што сум сакала да направам за нашето наследство употребувајќи ја на креативен начин мојата фантазија. Конечно е тука за да ги радува сите љубители на мистериите, потрагите и авантурите под отворено небо како моја благодарност кон градот кој го обожавам и ми дава бесконечно инспирација да го визуелизирам нашето наследство и да ги споделам приказните за Скопје преку незаборавни интерактивни гамифицирани (игрифицирани) искуства.

Официјален веб сајт на Storytelling Skopje https://storytelling-skopje.com/

За повеќе следете ме и на сметките на социјалните мрежи:
https://www.facebook.com/Storytelling.in.Skopje
https://www.instagram.com/Storytelling.Skopje

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here