Дома Интерпретација Интерпретациска обука: Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот...

Интерпретациска обука: Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам

71 views
0

На 16.09.2023 од 09-17 часот во просториите на Europe House Скопје, во организација на ХАЕМУС се случи интерпретациска обука „Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам“. Котизацијата за присуство на сeкој учесник во оваа високо квалификувана интерпретациска обука беше покриено од страна на Europe House Skopje.

Настанот во организација на ХАЕМУС се реализираше во партнерство со Europe House Skopje а повод „Европските денови на наследството 2023“. За таа цел беше подигнат фејбук настан, а заинтересираните можеа да се пријавуваат преку соодветна онлајн апликација.

Како директор на „ХАЕМУС“, сертифициран интерпретатор на наследство, акредитиран тренер по интерпретација на наследството и национален координатор на Interpret Europe, јас ја имав привилегијата да ја водам оваа обука за толкување на наследството со фокус на одржливиот туризам.

Обуката беше наменета за оние кои сакаат или веќе професионално се занимаваат со одреден бизнис којшто во голема мера го допира природното или културното наследство. Претходно искуство во толкување на наследството не беше неопходно, но поради спецификата на тренингот кој предвидува голем број интерактивни креативни вежби за визуелизација, бројот на учесниците беше ограничен на максимум 16 луѓе.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by HAEMUS (@haemus_org)

Еднодневната едукативна обука на учесниците им откри како може да го подобрат своето знаење и вештините на креативна визуелизација и комуникација од областа на толкувањето на наследството и да создадат културно-туристички производи кои преку искуството на самите гости ќе придонесат за одржлив развој на локалните заедници. Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се оплемени природното и културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот.

Учесниците во интерпретациска обука „Наследството како основа за одржлив развој на културниот и природниот туризам“, 16.09.2023, Europe House, Скопје