Home Антропологија Публикации: Геоморфолошки и геоархеолошки карактеристики на Цоцев Камен

Публикации: Геоморфолошки и геоархеолошки карактеристики на Цоцев Камен

4,324 views
0

Веќе неколку години предмет на мојот интерес се предисториските локалитети во Источна Македонија, која како регион беше сосема заборавена и запоставена на научната мапа во рамките на македонската археологијата. Мојата субспецијалност во археологијата се камените алатки, т.е. каменот како материјал генерално. Тргнувајќи во потрага на ресурсите за камени алатки кои предисториските луѓе ги користеле за свои алатки во оваа област, вниманието го фокусирав на ареалот околу Цоцев камен, кој самиот по себе претставува еден комплексен локалитет. За да се добијат посодржајни резултати, направив соработка и побарав мислење од палеонтолози, геолози, географи и биолози кои се вклучени во еден подолготраен проект што резултираше до сега со два научни труда.

Стојам пред монолитите – всушност остенци, а во позадина е локалитетот Цоцев Камен

Публикација на текстот за ”Геоморфолошки и геоархеолошки карактеристики на Цоцев Камен” излезе на почетокот од 2012 година во Географски разгледи, списание на Институтот за географија во Скопје. Трудот го пишував во соработка со проф. д-р. Ивица Милевски, редовен професор на Катедрата по географија при ПМФ. Во трудот се претставени геоморфолошките и геоархеолошките карактеристики на локалитетот Цоцев Камен, кој се наоѓа во кратовското село Шопско Рударе. Цоцев Камен всушност е маркантна карпа во вид на стог. Таа е изградена во андезитски игнимбрити, а се одликува со бројни денудациски појави по нејзината површина и во околината. Покрај природните форми, јасно се забележуваат разни антропогени интервенции врз карпата, во вид наскали, базени, вдлабнатини и сл. Поради тоа, одредени археолози, Цоцев Камен го сметаат за светилиште, сакрално место и опсерваторија. За да откриете дали е или не Цоцев Камен опсерваторија и што се случувало со него во текот на илјадниците години, ќе морате да го прочитате целиот труд.

ГЕОМОРФОЛОШКИ И ГЕОАРХЕОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЦОЦЕВ КАМЕН

Покрај научниот труд, во постот е вгнезден и абстрактот за текстот кој беше објавен на ИГЕО Порталот

Абстракт

Цоцев Камен е интересна геоморфолошка (денуда­ци­она) појава-карпа во вид на стог, а воедно и маркантен археолошки локалитет кој се наоѓа 15 km западно од Кратово, на десната долинска страна на повремениот водотек Врлеј (или Врлеј Дол), 1.7 km спротиводно од неговиот влив во Крива Река. Локалитетот е речиси подеднакво оддалечен (по 2 km) од селата Коњух на запад и Шопско Рударе на исток. Надморската височина пак е од 389 m на запад, кон до­линското дно на Врлеј, до 440 m на врвот од карпата кон севе­ро­ис­ток. Цоцев Камен името го добило според маалото Цоцевци во раштр­ка­ното село Шопско Рударе (143 жители во 2002 година). Комуникациски, Цоцев Камен е релативно пристапен преку неколку патишта кои главно се исклучуваат од регионалниот пат Ст­р­а­­цин-Кратово или од магистралниот пат Куманово-Крива Паланка. Нај­лесно се доаѓа по локалниот асфалтен пат кој од главниот регио­на­ле­н пат Страцин-Кратово-Пробиштип, се исклучува кон десно кај с. Жи­валево и продолжува до с. Коњух на запад во должина од 22 km. Пред самото село Коњух, треба да се исклучи од асфалтниот пат кон ис­ток (лево) и по колски пат кој води околу 1.5 km, се стигнува до са­ма­та карпа. На ваков начин, растојанието од Скопје до Цоцев Камен из­несува точно 100 km или околу 2 часа.

На самиот локалитет и во неговата околина се јавуваат пого­лем број на карпести остенци во вид на пеќурки, столбови, виси­ба­би и сл. Ваквите карпи, тешки и до 10 тони, некои археолози ги сме­та­ат за монолити (карпи обликувани или поставени од страна на чо­векот). Во тој контекст како „монолити“ помеѓу кои се набљудувало Сонцето или Месечината, по­себно се неведуваат 3 остенци југоис­точ­но од Цоцев Камен, на надморска височина од 465 m. Истите се високи околу 4 m, на растојание од 260 m, под азимут од 111° и со аголна височина од 9-11° во однос на поткарпите на Цоцев Камен. Нашите истражувања покажаа дека тие блокови, но и сите останати поголеми блокови на овој простор настанале на природен начин, со долго­трај­ниот процес на денудација (во текот на холоценот) и во подножјето се поврзани со матичната карпа. Остенците (бло­ко­вите), како поотпорни карпи или карпести партии, останале да штрчат во релјефот, а поне­отпорните биле раздробени, при што наносот бил однесен во коритото на Вр­леј. Од друга страна, според изведените пресметки, набљудувано од долната поткарпа, Сонцето при­видно се појавува помеѓу овие ос­тен­ци од 25.02-05.03 и од 08.10-15.10, што не претставува некој посебен астрономски датум. Во лет­ни­от дел од годината, помеѓу двата периода е многу повисоко на хори­зонтот (за време на еквиноциумите е на околу 22°), а во зимскиот дел е под хоризонтот во правец на ос­тен­­ците. Можно е во одреден период од минатото (пред неколку ил­ја­ди години), заради прецесијата, полож­бата на Сонцето меѓу остенците да била точно за време на еквино­циу­мите, но тогаш пак блоковите не биле издиферен­цирани и впечатливи како денес. Слично е и со по­лож­бата на Месечината, па и другите не­бес­ни тела, кои зависно од нашата ло­кација можат на одредени датуми да се набљудуваат не само помеѓу спо­менатите блокови, туку и по­меѓу или околу било кои остенци на ри­дот источно од Цоцев Камен. Сето наведено не оди во прилог на твр­дењата за мегалитско-опсерваторискиот карактер на Цоцев Ка­мен, бидејќи во неговата око­ли­на не постои геометриска или ар­хитек­тонска камена конструкција, погодна за набљудување на Сонцето или Месечината во каракте­рис­тич­ни астрономски положби (датуми). Пок­рај наведе­ни­те природно фор­мирани остенци, забе­ле­жани се неколку ма­ли камени блокови (те­ш­ки до 500 кг.), преместени или дооб­ра­бо­те­ни од страна на човекот.

Цоцев Камен геолошки е составен од андезитски игнимбрити и туфови со горномиоцена до долноплиоцена старост (6-10 милиони го­дини). Во околината се застапени уште и горно еоцени слабоврзани се­дименти, делувијални и речни наноси. Освен андезитите, кои како доста цврсти заостанале да штрчат во релјефот, останатите карпи се слабо отпорни, поради што многу побрзо биле еродирани и од­несени со флувиоденудационите процеси. Самото оформување на карпата за­поч­нало со нејзиното сукцесивно откривање од водите на Врлеј, пред околу 150.000 години, односно од нивото на речната тераса од 60-70 m. Ве­ќе пред 50.000 години е соз­дадена речната те­ра­са од 30 m, а дел од кар­пата (до нивото на дол­ната поткапина) бил над речното ко­ри­то. Тоа значи дека од тој период (среден палеолит) до денес, постоеле усло­ви за насе­лување на карпата и интервенции врз неа. Сепак, карпата целосно била издвоена во релјефот пред околу 20.000-12.000 години (крајот на Вирм, кој се поклопува со крајот на доцниот палеолит), кога Врлеј се всекол до речната тераса од 10 m. За време на холоценот, интензитетот на ерозивните процеси и на всекувањето на Врлеј биле значително побрзи (околу 0.8 mm/год), заради попо­волната клима и антропогените влијанија преку уништу­ва­ње на шумите во сли­вот, особено по XVI век.

Цоцев Камен својот денешен релјеф почнал да го формира во средниот палеолит, а на преодот од доцен палеолит кон мезолит, кој се поклопува со почетокот на холоценот, веќе го добил современиот морфолошки изглед. Од X-ти, а особено по XVI-ти век, по претераното и речиси целосно уни­ш­тување на шумите на овие простори (заради топење на руда, заштита од ај­ду­ци за време на Карпошовото востание, потоа проширување на пасиш­та­та, продажба на дрвна маса за гола егзистенција и сл.), прос­торот ста­нува целосно деградиран. При недостаток на шуми, почви, повр­шин­ска вода, условите за живот во околината на Цоцев Камен драс­тично се влошуваат, а наместо тоа до израз доаѓаат процеси на прете­ра­на ерозија, суши, повремени поплави и засипување со нанос. Так­вата неповолна состојба во овој простор продолжила до денес. Цо­цев Камен пак, останал да сведочи за една жива активност на човекот во минатото и неговата исконска поврзаност со природата.

д-р Ивица Милевски & м-р Василка Димитровска

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here