Дома Антропологија Готен (приказ на роман)

Готен (приказ на роман)

13,817 views
1

Романот Готен е првиот роман на Роберт Алаѓозоски, магистер по книжевност и човек кој се активно се занимава со културен менаџмент во независниот сектор на Македонија. Трудејќи се да направи еден храбар исчекор во македонската книжевна медиевалистиката, онаков каков што го гледаме секој ден на нашите мали екрани, во документарците, филмовите и сериите од овој период, пред нас се отвара една приказна која ќе (п)остави многу отворени прашања, лични и колетивни, за тоа кои сме и каков е културниот идентитет на дел од жителите во Македонија

Кратко сиже на романот

Како главен протагонист на романот го сретнуваме Јоаким Готен, по кој е можеби именувана истоимената Готен планина, што се наоѓа помеѓу планините Огражден на исток и Плачковица на запад. Тој бил утманин од највисок ред, специјално донесен да се грижи за рудниците и рудните богатства со кои отсекогаш располагала кратовската област. Готен живеел во Кратово во средината на 13 век, а патешествијата го пратат неговиот живот како сопственик и организатор на делови од рудници. Тој не само што одлично ја познавал својата работа, туку тоа го правел скоро без емоции и со голема прецизност. Би рекле, типично германски нели!

Дејствијата се фокусирани на Сасите за кои многу малку се знае во средновековната Македонија и нивните супериорни техники на рудна експлоатација за кои не останале записи, бидејќи тие усно ја предавале како наследство на својот род, тајната за рударењето. Паралелно со топонимите, архитектонските градби, личностите и историските настани кои вистински се случиле (падот на Кратово и Скопје под Османлиите; крунисувањето на цар Стефан Душан; последната кнежевска вечера пред големата Косовска битка) следиме уште две слоевити приказни. Едната е златната и сребрената хроника во која Јоаким Готен го предава целокупното свое знаење за рудите и минералите на своите наследници, обвиено со знаење за геологијата и педологијата, но и многу мистерија и типична средновековна алхемија. Другата е современата приказна во која еден млад човек во потрага по своите корени се преиспитува, притоа отворајќи рани и конфликти зошто ги допира современите културни и политички дебати за тоа како се врши културна трансгресија на етничкиот идентитет, како се создава и заслужува националниот идентитет, како постојат или престануваат да важат културните и етничките разлики.

Паралелно со сето ова, на маргините на Готен е поместен речник на изрази од германско потекло кои се потребни како дообјаснување на целата терминологија употребувана во средновековното рударење, но дел од нив ги објаснуваат и економскиот и социјалниот сталеж на инволвираните професии.

Каде се денеска Сасите од средновековна Македонија? Дали се иселиле со почетокот на новонастанатата историска ситуација (доаѓањето на Отоманската империја) или се претопиле со локалното население и станале дел од доминантните етноси во Македонија?! Не знам за вас, но во нашата сегашност можам со сигурност да набројам најмалку барем еден налик саски утманин од натежок вазалски вид, кој се уште живее и делува во Кратово! 😀

Кои се утманите во средновековниот Кратер

Саси, Саксонци се искусни германски рудари кои за време на Урош I Немањин се наслелуваат во Рашка кај тамошните рудници, бегајќи од монголската наезда во Унгарија, а потоа цар Душан ги носи во Кратово како познавачи на новата технолошка експлоатација на рудниците и во служба како рударски надѕиратели. Татковината на Сасите е Саксонија (денес со главен град Дрезден) во југоисточна Германија, каде што се наоѓаат познатите Рудни планини, кои се простираат покрај северозападната граница на Чешка, и се протегаат до рударската населба Шлезија во југозападна Полска (при граничното тромеѓе Германија-Полска-Чешка). Во областите од тромеѓето на овие три гранични држави постоело и живеело како во минатото, така и денеска, геманско малцинство.

Благодарение на познатите германски рудари Саси, во Кратово и кратовско покрај рудниците и Топилницата за руда, работела и Леарница (ковачница за пари). Во овој период (13/14век) постоел рудник кај кратовското село Трновац на Крива река којшто всушност бил манастирски посед каде работеле зависните селани. Имало рудокопи во с. Шлегово и на многу други локалитети.

Како што самиот автор во едно интрервју ќе каже: ‘Сасите внеле револуција во рударството, кое им донело неброено богатство на феудалните владетели, унапредувајќи го животот на многу полиња. Освен во Трансилванија, каде што опстанале како малцинство, Сасите оставиле видливи траги во културата и во архитектурата насекаде низ Балканот, па и во Македонија, каде што се претопиле и станале дел од доминантните етноси.’

Саските топоними во романот Готен

Сасите биле на територијата на Кратово уште од времето на деспотот Оливер, а имале и своја населба покрај реката Латишница (десна притока во горниот тек на Табачка река кај селото Горно Кратово). Од тој период кај населението се’ сочувани германските зборови: утман (рударски надзорник, рудар), фурник (работник), шљака (згура), штона (јама) и други зборови. Топонимите за селата Шталковица и Шлегово, како и името на реката Латишница се претпоставува дека имаат саско потекло. Се претполага дека околу реката Латишница постоела саска населба со своја црква и латински манастир, а името на изворот Сасево (Сасе) на оваа река и ливадската месност ‘Немски одаи’ во селото Горно Кратово исто така имаат саско потекло. Едно маало од ова село и денеска го носи името Манастирско маало, можеби алудирајќи токму на постоењето на оваа црква. Називот на еден од најпознатите рудници во Злетово – Саса, може директно да се поврзе со присуството на саските рудари во средновековна Македонија.

Историската основа на саската хароника, во вазалско издание

Во Македонија во средниот век се сменувале многу владетели, што како настани нашле одраз и врз Кратовската област. Со Кратовската област којашто влегувала во состав на поголема административно-територијална единица, управувле назначувани властелини. Тоа всушност биле заслужни феудалци кои управувале со рудниците во Кратовската област која уште од дамнина според евидентираните археолошки локалитети, позната е како извор на суровини за алатки на праисториските луѓе.

;

Фрески од Лесновскиот манастир на цар Душан (лево) и Јован Оливер како ктитор (десно)

Еден од познатите властелини – феудалци на Кратово се смета Јоан (Јован) Оливер (1336-1355) очув на цар Душан, кој владеел со Североисточна Македонија во чиј состав влегувале Ќустендил, Кратово, Штип, Радовиш, Овче Поле, Струмица, Велес и Тиквеш. Овој владетел, како и потомците на владетелот Дејан, се познати властелини кои управувале со кратовските рудници. Јоан како деспот (средновековна највисока титула до царот) се смета за еден од најпознатите и најзаслужните властелини во Кратовско кои својата титула ја искористил да ги експлоатира старите римски рудници, но отварал и многу нови кои му обезбедувале големи приходи. Знаејќи за моќта на големите рудни богатства кои интензивно ги користел, Кратово за време на деспотот Оливер станала голема и богата населба. Во негово време трговијата во Кратово била развиена и со неа раководеле Дубровчаните кои имале и свој претставник. Здобиеното богатство деспотот Оливер го возвраќал со градби и подароци, па така во 1341 година го подигнал познатиот Лесновски манастир. Како ктитор (заштитник) тој го овековечил својот портрет на една фреска, но всушност целта му била да ја придобие црквата за соработка и потпора во неговото владеење.

По смртта на двајцата владетели Оливер и Дејан, со нивните територии завладеале синовите на Дејан – Јоан и Константин Дејановец (го носеле и презимето Драгаш). Тие својата територија ја прошириле кон скопската, лесковачката и други области. Кнезот Константин Дејановец со исто темпо како и претходниците продолжил да ги експлоатира рудните богатства на кратовската област која во негово време станала важен регион за производство на олово, цинк, сребро, злато, железо и други руди. Тој ја проширил трговијата со Дубровник, па во Кратово се доселиле повеќе дубровнички семејства населени во месноста ‘Шинташи’ која и денеска постои.

Фрески од Кралот Волкашин во Псача (лево) и  Кралот Марко во Марков Манастир (десно)

По доаѓањето на Турците на територијата на Македонија и во околината на Кратово се губи трагата на Сасите, а нивните тајни на рударењето ги употребуваат и локалните владетели, но и Отоманската империја за свои потреби.

Независно дали авторот Алаѓозовски ќе предизвика историска дебата, особено по својата раскошност пленат сцените со крунисувањето на цар Стефан Душан во скопската црква Богородица Троеручица, како и последната кнежевска вечера пред големата Косовска битка во која средновековна Србија ќе претрпи пораз од Турската војска при што кралството ќе се распадне и ќе ја изгуби сета моќ што ја имала до тогаш. Познато е дека историјата памети само големи настани, но не и детали. Затоа со огромно внимание треба да се проследат описите на облеката на властелините, хералдиката, симболите (пентаграм, оган, црни ризи), церемониите кои потсетуваат на тајните братства, рицарите, замоците и сите останати детали во книгата.

Франшиза и туризам

Со концептот за книгата Готен, сметам дека е поставена добра основа за македонска франшиза од областа на културниот туризам и средновековната археологија, нешто кое навистина ни фали во промоцијата на Македонија. Сите топоними кои се сретнуваат во романот се уште постојат и претставуваат база за создавање на понуда за странските туристи кои би сакале да ги посетат културно-историски споменици споменати во овој роман.

Самиот град Кратово е музеј под отворено небо со сите оние стари мостови, кули, традиционална архитектура и богато природно и културно-духовно наследство кое напати во детали е опишано во романот Готен. Претпоставувам дека секој би сакал да ги помине итинерарите или да види тајните ходници под кулата во која се криел Јоаким пред да го (о)судат, а туке се и незибежните маала со типичната архитектура зачувана со стотици години во деталите од фасадите на куќите.

Според Стевче Доневски, кратовчанец кој е  пасиониран љубител на својот град и собира стари архиви: ‘во Кратово постоеле  57  маала,  но сега се  многу малку останати, и тоа:  долна  маала,  циганска  маала,  царина маала, таабачка маала, горна маала, чаир  маала, скопско маало, аргуличко  маало, бојадиско маало … Веќе не постојат еврејското маало,  турското  маало, злокуќанско, златарското и влашкото маало, а  најубаво било Дубровачкото  мало  кое се наоѓа  над Радин мост каде и денеска се уште постои улицата Дубровачка, како сеќавање на минатото на Кратово.’

Деспотот Јован Оливер покрај Лесновскиот манастир, подигнал и своја црква со црковен ан во Кратово (на местото од сегашните дворови со куќите на семејствата Велинпоцеви и Џашикови на ул. Јосип Даскалов бр 16а-22). Поради дотраеност, анот бил урнат пред Втората Светска војна и на истиот простор во 1939 година е откриена гробница на тела со крунисан маж и жена и со многу накит. Со доаѓањето на Бугарите во 1941 година, целото ова богатство е пренесено во Бугарија и се наоѓа во Археолошкиот музеј во Софија. Се претпоставува дека оваа семејна гробница е од кнежевски тип, но никогаш не било истражувано потеклото на личностите.

Кнезот Константин Дејановец (1353-1394) имал свој дворец во Кратово, посведочен во народните песни (види ја ‘Победливо Кратово’), во кој честопати на посета му доаѓал неговиот современик и пријател Кралот Марко (1355-1394) кој и самиот имал дворец во престолнината Прилеп, денеска познат како топонимот Маркови Кули.


Внатрешноста на ревитализираната Саат кула во Кратово

Со последните истражувања на Скопското Кале, археолозите дадоа изјава дека е пронајдена средновековна палата, но не знаеме дали е тоа онаа истата на Царот Душан, кој го издал познатиот Законик и се крунисал за цар на Камениот Мост во Скопе во 1343година. Церемонијата која се случувала можеби во некоја од црквите во рамките на оваа тврдина, во романот е поместена во црквата Св. Богородица во Скопје која е возобновена пред 3 години врз оригинални темели од 13 век, а фолклорот е поврзан со легендата за Стефан Немања и чудотворната икона на Богородица. Од пишаните извори познато е дека во 13/14 век Скопје го држеле Србите, Калето било густо изградено со најмалку 4 цркви, кои се посведочени и со археолошките ископувања.

Преданијата говорат дека на просторот од средновековна Македонија постоеле дворци на кнезови и локални владетели, но со доаѓањето на Турците тие биле присвоени или урнати, или евентуално на нивното место биле изградени сараи и други градби. Овој момент би сакала да го потенцирам бидејќи пред неколку години на мојот блог добив коментар од читател дека средниот век во Европа е поинтересен од оној во Македонија зошто имало витези и кралеви кои живееле во дворци, а локалните владетели тука живееле во трошни колиби.

Целата историјата и историски личности од романот Готен се посведочени со фрески од Византискиот период во некои од најпознатите македонски црки и манастири во Кратовско-злетовскиот регион. Од тој апект, би рекла дека романот Готен е одлична можност за промоција на градот Кратово и околината, па би било убаво доколку самата локална самоуправа го види потенцијалот на оваа книга за поставување на еден проект кој на долги патеки би бил финаниски мошне исплатлив.

Заклучок

Кога некој истражувач доволно упорно ќе се задлабочи во историските факти, секогаш ќе му остане простор за фикција на личност и настани кои би можеле да бидат поврзани со вистинските историски настани. На мошне умесен начин кој делува како историска вистина, авторот Алаѓозовски успева да ни ја наметне својата замисла, позајмувајќи еден историски факт дека редот на утманите во средновековно Кратово навистина постоел (налик на некој ред на темплари или друштва) и тие одиграле голема социјално-економска улога во сталежите на своето време.

Готен е се’ друго, освен здодевна историска приказна. Во Готен настаните, пластично доловени, се движат како на филмска лента, наназад и нанапред во времето. За мене лично, Готен е визуелизација на се она што сум го учела по предметот Средновековна археологија на Македонија, додека студирав на факултет. И многу би сакала сето ова еден ден да го видам реализирано на филмското платно, налик на сите средновековни филмови кои ги гледаме на малите екрани и на кино, зошто Готен тоа и го заслужува.

Дополнување: критички осврти (1,2) и извадок од Готен кој конкурира за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2011.

1 КОМЕНТАР

  1. Василка, това не е ли така наречената “Симичева” кула во Кратово? А дали знаеш кой е Стеван Симича из Кратово :-)?

    Поздрави од еден кратовчанец из България

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име