Home Администрација Македонска онлајн археологија за претстојниот XXI Симпозиум на МАНД

Македонска онлајн археологија за претстојниот XXI Симпозиум на МАНД

2,561 views
0

Едно десеттина години одам на симпозиуми на македонските археолози. Сум била прво слушател, а подоцна активен партиципант. Овие симпозиуми ги организира МАНД (Македонското археолошко научно друштво) на секои две години и како резултат од овие научни собири се печати зборникот МАА (Macedoniae acta archaeologica) кое е периодично списание, или јас би рекла спорадично деценско списание кое доцни онолку колку што застаруваат и се забораваат пронајдените артефакти во македонските но и во светските академски рамки. Од тие причини во последните неколку години иако имам презентирано неколку текста, ниту еден се’ уште не е публикуван.

Следниот XXI симпозиум на МАНД треба да се одржи есенва во хотелот Цар Самоил, во Банско. Барем така беше најавено од страна на претседателството, иако отчет мора да постои секоја година за сработените проекти и во форма на спимозиум и во форма на научен текст. Но кај нас секогаш се изнаоѓаат причини, генерално финансиски, дека списанието е тешко да се отпечати, а всушност главната причина е нискиот квалитет на научните текстови, ако се земе во предвид когнитивниот пресек на македонските археолози и нивниот дострел во светската наука каде никаде ги нема. Чест на исклучоците, генерално колеги од помладата генерација кои веќе имаат еден сосема поинаков методолошки пристап во перцепцијата кон истражувањата, теренски и кабинетски.

Со оглед на моите впечатоци од последниот XX симпозиум на МАНД, кога имаше имаше совршено грозни презентации наспроти кои и Пирамидите од Босна изгледаа реални, мислам дека е редно да има поголемо присуство на печатените и електронските медиуми, за да впечатокот на јавноста биде комплетен. Најмногу од се што ми паднало чудно за овие десеттина години, е што до сега немало ниту еден новинар на нашите симпозиуми. Од причини кои навистина не ми се познати.

Неоспорно е дека можам да известувам што ќе се случува на XXI симпозиум на МАНД преку моите блогови, сајтови и in real time преку сметките на твитер и фејсбук. Но тоа ни оддалеку нема да го долови ефектот ако се постави жив линк на интернет, па презентациите ги следат и колеги од странство и сите заинтересирани за оваа наука. Би било штета да не се искористат технолошките придобивки на 21 век. Впрочем, македонските археолози се социјално ангажирани стручњаци чии истражувања имаат ефект врз многу општествени сегменти и не би требало да се противат на ваквиот тип медиумска популарност. Освен ако немаат нешто да скријат. Но доколку ова се случи, мислам дека половината од нив нема да сакаат да ги презентираат своите текстови со оглед на нивните когнитивни капацитети. 🙂

А вакво нешто е навистина потребно, посебно откако се вложија огромни средства во последните неколку години во археологијата, а резултатите тешко се видливи и за граѓаните, а и за мене како колега. Впрочем луѓето треба да биде запознаени кој се тоа ‘работи’ во полето на културното наследство, па да видам дали некој ќе се дрзне да се ‘шегува’ со својата професија ако знае дека јавноста му го следи секој научен потег.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here