Дома Артефакт Кој ја сокри Јустинијана Прима под Старата скопска чаршија?

Кој ја сокри Јустинијана Прима под Старата скопска чаршија?

16,822 views
1
Цртеж на Сер Артур Еванс на Безистенот во Старата скопска чаршија со антички арки (1885 год.)

Некаде кон средината на јули 2018 започнаа реконструктивни зафати на Чифте амам во Старата скопска чаршија, поврзани со одводот и дренажата на објектот. Чифте амам е изграден во 15 век од Иса Бег, локален владетел во рамките на Отоманската империја во Скопје и завештан од него за потребите на издржување на неговите задолжбини, медресата и теќето. Во текот на своето постоење амамот бил пренаменуван за разни потреби, претрпел оштетувања во големиот пожар од 1689 год. и многу настрадал во земјотресот од 1963 год. при што претрпел дополнителни штети. Денес е споменик на културата заштитен со закон и претставува дел од Националната галерија на Република Македонија.

Токму при изведба на дренажен канал на источната страна на амамот од надворешната страна, во темелите на објектот беше пронајдена една плоча со латински натпис и тоа веднаш ја разбранува фелата на археолозите за можноста повторно да се отвори претпоставката дека фазмозниот град Јустинијана Прима се крие под површината на денешната Стара скопска чаршија.

(фото) Откриени нови археолошки наоди во темелите на Чифте амам

Но пред да кажеме неколку зборови за Јустинијана Прима, би сакала да направам мал дискурс кон истражувањата на оваа тематика. Прв со теоријата дека Јустинијана Прима е под историскиот дел на Скопје излегол Сер Артур Еванс, еден од најславните британски археолози на сите времиња. Затоа седнав да ги исчитам научните трудови кои тој ги напишал по теренските истражувања во Македонија. Пред да ја открие Палатата во Кносос и Минојската култура на Крит, Еванс престојувал повеќе години на Балканот, а во 1885 год. бил и во Скопје. Оставил доста белешки, а богами и богата палета на своерачно нацртани цртежи.

Искрено, не ме мачи пршањето дали Јустинијата Прима е под Старата скопска чаршија, бидејќи тоа може да се дознае со неколку подлабоки сондирања покрај некои од спомениците. Повеќе ме мачи она што Еванс го видел од античкиот и византискиот период во чаршијата, а денеска не постои. Со оглед на неговите податоци и детални цртежи за огромен број на артефакти, особено плочи со латински написи кој тој ги пронашол во Куршумли ан, Мустафа пашината џамија, џамијата на Султан Мурат и на други локации во и околу Старата скопска чаршија, се прашувам колку од тие објекти се уништени. Помеѓу нив спаѓаат и античките арки во Безистенот, кои се разбира, сотрени се до темел во време на отоманскиот период некаде помеѓу неговиот престој во 1885 год. и последното обновување на Безистенот во 1900 год. посведочено со натпис над самиот влез.

Куршумли ан во Скопје, како го видел еден од најпознатите британски археолози Сер Артур Еванс во 1885 год. (лево) и како го видов јас 130 години подоцна (десно)

На сето ова треба да се додадат и информациите кои ги имаме од терен. При градењето на хотелот „Арка“, на околу 3 м. длабочина пронајден е објект со арки, кој сигурно не бил од турскиот туку од постар период, а на 18 м. длабочина имало полукружен објект, ѕидан од делкани камења и блокови придружен со два бронзени сада од античко време. Запрашајте се само од каде ли потекнува името на хотелот?!Исто така, во подрумите на црквата „Св. Спас“ има ѕид од 10-12 м. кој сѐ уште е таму и се смета дека е од античкиот период. Кога сето ова ќе се надополни со сите оние артефакти од доцноримскиот период кои ги излистал и завел Сер Артур Еванс во неговите белешки, претпоставката дека Јустинијана Прима би можела да биде токму под Старата скопска чаршија изгледа повеќе од возможна.

Дел од спомениците кои Еванс ги нашол во Старата скопска чаршија и во околината на Скопје

A little below the Musta Pasha Dzamia I observed an altar to Silvanus, while another altar with a Greek inscription and apparently dedicated to Zeus had recently been found by a Turkish Sheik in his garden in the Balaban Mahala, where he courteously invited me to inspect it (fig. 57). The fragment (fig. 57) presenting part of the Greek inscription, with letters of a form not uncommon on Macedonian momiments, found in modern Uskiip, probably formed part of an altar of Zeus, as may be gathered from its having an eagle relief on its side. To these may be added the altar of Silvanus (fig. 59) near the Musta Mosque in tiskiip itself (see p. 101).

Од белешките на Сер Артур Еванс

Во повеќе наврати имам пишувано за Јустинијана Прима, дури своевремено имам објавувано и статии во весници. Накратко, Јустинијана Прима е фамозно изгубен доцноантички град и седиште на истоимена архиепископија, а името го добива по својот основач царот Јустинијан I (527–565). Градот бил изграден околу 535 година во близина на родното место на царот – Тауресиум (ден. село Таор, Катлановско). Според некои археолози, градот се наоѓа во Лебане (Србија) каде постои Царичин град, огромен и прекрасен локалитет од тоа доба. На локацијата во Лебане веќе еден век траат ископувањата и нашите соседи скромно се надеваат дека можеби ќе ја најдат Јустинијана Прима, а финалето кое им недостига и дефинитивно може да го ги потврди нивните надежи е пронаоѓање на натпис, што во археологијата е навистина ретко, но не е невозможно. За волја на вистината, имам учествувано во 3 археолошки кампањи на локалитетот Тауресиум, кое сме смета за родното место на Јустинијан и најдени се огромен број на артефакти кои го потврдуваат неговото присуство. Но според конфигурацијата на теренот и архитектонските објекти во долниот и горниот град, тоа секако не би можело да биде ни приближно Јустинијана Прима. Наспроти тоа, кога бев дел од археолошката кампања на Скопското кале која започна во 2007 год, не се пронајде ниту еден артефакт од тоа време. Ова значи дека Јустинијана Прима треба да се бара некаде помеѓу, а како локација археолозите честопати ја посочуваат и Старата скопска чаршија.

Јас и една монета од археолошкиот локалитет Тауресиум 🙂

Датум: 31.03.2010
Место: Археолошки локалитет Тауресиум
Фотограф: Виктор Алаџајков

Оттука, сметам дека пронаоѓањето на плочата со латински натпис во темелите на Чифте амам е мошне важно откритие на кое медиумите му посветија многу малку внимание. Што би им била пак на медиумите една римска плоча во темели на стар турски амам толку важна, де? Може затоа што некогаш тука течела реката Серава, можеби затоа што честопати амамите се граделе каде што имало римски терми, а можеби се работи и за Јустинијана Прима?

Ама што знам пак јас, не сум истражувачки новинар, јас само сум обичен археолог, а ти го читаш мојот „Археолошки дневник“. 😉

1 КОМЕНТАР

  1. Дали има можност од преклопување на територијата на она што денес се нарекува Шоповлук со некави условно да ги именуваме како “граници на имот ” на Јустинијана Прима ?
    Ве молам ако имате макар претпоставки да ми ги посочите.
    Ова го прашувам поради тезата што застапувам за терминот Шоп ,дека означува припадност кон црква.
    Шоп или Shop како припадник на EpiSHOPiae ,каде се вбројуваат и офчарите на англиски SHEPards кои одработуваат за одржување на имотот .
    Благодарам
    Гоце Јаневски ,економист

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име