
Како што е ред, секоја година на сите мои драги пријатели, читатели, колеги, блогери, роднини, попатни минувачи низ мојот сајт, како и оние кои ми даваат поддршка на било каков друг начин, им посакувам Среќна Нова Година. Но после толку многу години традиционални честитки за успех и добро здравје, решив оваа 2014 година да ја започнам и со една поинаква честитка. Честитка чии невидливи кодови се вткаени како приказна во нашата колективна меморија. Честитка која заслужува да биде испратена до сите истражувачи и љубители на културното наследство ширум светот. Честитка стара околу 2000 години …
Наоди од Скупи, Ретроспективна археолошка изложба 2007-2013 Музеј на град Скопје (фото © ХАЕМУС)
Поради природата на мојата работа како археолог и како некој што се занимава со промоција на културното наследство во поширока смисла на зборот, честопати имам прилика да бидам во текот на сите најнови откритија, случувања и публикувања од оваа сфера. Затоа како мој новогодишен поклон решив да споделам една серија на текстови за археолошкиот локалитет Скупи, кои беа издадени во списанието Културен Живот бр. 3-4/2012. Се работи за трудови напишани од мои колеги кои долги години се дел од археолошкото ископување на Colonia Flavia Scupinorum и научните текстови опфаќаат еден широк дијапазон при обработка на разните видови археолошки наоди откриени низ годините. Или што би рекла мојата колешка м-р Ленче Јованова, еден од раководителите на ископувањето на Скупи: ‘За да се разберат содржината и суштината на приказната, да се реконструира реалниот живот на минатото, неопходно е да се употреби голема имагинација која ќе ги оживее творештвото, креативноста, емоците, мислите, сетилата, соништата, стремежите на некогашните жители на Скупи – наши претци, чии судбини се нераскинливо вградени не само во археолошките остатоци, туку во самите нас и нашата колективна меморија‘.
Честопати се прашуваме каде ли заминуваат сите нераскажани приказни за археологијата? Не заминале никаде, тие се тука и ве очекуваат да ги споделите со светот. Да ги носите гордо како печат на времето и симбол од местото од каде што доаѓате, за никогаш да не си ги заборавите вашите невидливи корени.
