Home Историја Престанете да го викате (само) Охрид – град на УНЕСКО

Престанете да го викате (само) Охрид – град на УНЕСКО

7,519 views
0
Охридско ѓеврече покрај Охридското езеро со поглед на реконструираните бронзенодобски наколни живеалишта, Музеј на вода - Охрид, (лична архива)

Колку пати до сега сте слушнале, прочитале или виделе на медиумите дека Охрид е град на УНЕСКО!? Охрид, нашата гордост, Охрид – бисерот на Балканот. Реченицата дека Охрид е град на УНЕСКО, ја знам од мала, од кога паметам за себе. Толку многу ми била повторувана и толку пати во минатото и самата сум ја повторувала, што понекогаш мислам дека на сите ни е всадена како алгоритам уште пред да се родиме. Тоа е брендот кој продава и мотото за насловна што ќе го сретнете во сите каталози, брошури и на веб сајтовите кои ја промовираат Република Македонија. И со право, имаме со што да се гордееме.

St. Naum monastery - Ohrid
Манастирот Св. Наум, дел од богатото наследство на Охридскиот регион
ставено на листата на УНЕСКО (лична архива)

Според фактографските податоци, УНЕСКО на својата листа на светско наследство прво го става во 1979 год. Охридското Езерo, и тоа само делот кој припаѓа во тогашна Југославија, за да подоцна во 1980 год. својата одлука ја прошири врз заштитата на комплетното природно и културно наследство на Охридскиот регион. Надвор од востановената и папагалски повторувана изрека дека (само) Охрид е град на УНЕСКО, реалноста е всушност поинаква. Според УНЕСКО – целиот Охридски регион вклучително со своето богато културно и природно богатство е ставен на листата на светско наследство. Тоа ги опфаќа општините Охрид, Струга и Дебарца. Според оваа категоризација и Струга е град на УНЕСКО и пештерните цркви се дел од УНЕСКО и Илинската планина е наследство на УНЕСКО. Но тоа никогаш не сме го прочитале во домашните научни тестови и промотивни каталози, ниту пак сме го чуле во медиумите. Во прилог се и некои линкови до македонските медиуми кои придонесуваат за оваа забуна (1, 2, 3), а ова селективно читање и восприемање на информациите ја има истата основа според која на пр. Кокино никогаш нема да биде ставено на листата на светско наследство на УНЕСКО. Не е сосема јасно како во изминатите три децении се промакнал оваков пропуст, но последиците од него тешко дека може навремено да се санираат.

Во меѓувреме (иако со малку доцнење) за волја на вистината, државата се потрудила да изработи во 2010 год. Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Накратко, се работи за закон со кој во еден подолготраен период од 9 години, се утврдува начинот и акционата стратегија преку кои треба да се менаџира и управува наследството на овој регион кој опфаќа три македонски општини. Предложена и е дури и комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (член 52,53), но таа до сега ниту е создадена ниту функционира, што е по голема штета за нашето севкупно наследство, неговото истражување, менаџирање и најсетне, светско промовирање.

Famous Struga Poetry Evenings bridge
Мостот на поезијата во Струга – град на УНЕСКО (лична архива)

Заклучок

Сметам дека еден стратешки план кој ги утврдува целите, приоритетите и мерките за развој на туризмот во Охридскиот регион, мора да ги има предвид сите овие ставки. Тоа ќе придонесе да се изнајдат начини што би ги мобилизирале постоечките и потенцијалните ресурси кои ќе ги имплементираат сите категории кои би можеле да придонесат за подобра економска состојба и подобра политика за регионалниот туристички развој.

А во меѓувреме, додека се мачиме со интерпретација на пропозициите од УНЕСКО, би сакала најљубезно да ги замолам сите моите колеги-експерти, медиумите и останатите љубители на културното наследство да престанете да го викате само Охрид – град на УНЕСКО. Ако сте неписмени, тоа е ваш проблем. Имаме голем предизвик пред нас да промовираме достоинствено уште две општини и еден куп на природно и културно наследство. Засукајте ги ракавите and deal with it.

Пештерна црква „Св. Архангел Михаил“ - Радожда, Струга (14 век)
Пештерна црква „Св. Архангел Михаил“ – Радожда, Струга (14 век)
дел од културното наследство на листата на УНЕСКО (лична архива)

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here