Дома Антропологија Краток осврт кон Музејот на македонската борба

Краток осврт кон Музејот на македонската борба

5,021 views
1

Пред извесно време бев да го посетам Музејот на македонската борба, институција формирана со одлука на Владата на Република Македонија, како дел од Проектот Скопје 2014. Музејот официјално беше отворен на 08.09.2011 година, во чест на 20 години независна Македонија, а посетеноста со несмален интензитет се одвива до денеска благодарејќи на фактот што во него се поместени восочни фигури на историски личности, преку кои треба да биде раскажана добра и лошата страна на нашата македонска современа историја.

Музејот уште неизграден предизвика многу рекации во јавноста, но изостанаа јавните реакции на оние кои беа најпотребни, на историчарите и луѓето кои се занимаваат со културното наследство. Во последното десетлетие освен по блоговите, форумите и по некоја ‘неутрална’ колумна, кај народот латентно се вдоми изреката Homo homini silentium est! (Човек на човека молк е!), па со ретки исклучоци, скоро и да не може да се прочита критичка рецензија за некој проект или настан, бидејќи експертите по културно наследство бегаат од новинарите.

Како национална установа од прв степен, музејот збунува со својот назив. Постојат три имиња за него: ‘Музеј на македонската борба за државност и самостојност’, ‘Музеј на ВМРО’, и ‘Музеј на жртвите од комунистичкиот режим’, кои сите би ги сублимирала во еден термин. Едноставно, се работи за ‘Музеј на нашата современа историја’ (Museum of recent Macedonian history) и беспотребно се комплицира неговото именување.

фотографија © Википедија

Бидејќи секој граѓанин има право да го доживее и/или да го рецензира музејот, јас ќе раскажам како хронолошки се одвиваше мојата посета, која верувам е слична на многу претходни посети од страна на нашите сограѓани, домашни и странски туристи. Архитектурата и архитектонските елементи ќе оставам да бидат подискутирани на некоја дебата од страна на архитектите, но впечатокот е дека надворешноста на фасадата во никој случај не кореспондира со поставката, а ентериерот на овој музеј може да се употреби во секое време за било каква друга музејска изложба, од секаков тип. Исто така, самата поставка која од дел од јавноста беше посочена како контроверзна со личностите кои се вклучени во неа, ќе биде предмет на посебен текст. Тука ќе се задржам само на функционалноста на музејот и неговите основни карактеристики како институција од образовен карактер.

За да го посетите музејот, морате да причекате да се соберат одреден број на луѓе кои ги превзема официјален кустос. Сите кустоси се воглавном дипломирани историчари, а некои се веќе и магистри по историја. Прошетката е ограничена на 40-50 минути. За целото време зборува кустосот, а посетителите само слушаат и восприемаат информации, во неможност да постават било какво прашање. Бидејќи моето решение да го посетам музејот беше ненадејно, задоцнив со групата којашто влегла десеттина минути претходно, и на моја молба вработените сепак ми дозволија да се припојам кон неа. За сега влезницата за домашни граѓани е 100мкд, а за странци е 300мкд, па ми се виде мошне невообичаен ваквиот неизедначен пристап кон посетителите, на една многу млада институција која допрва треба да го гради својот имиџ во јавноста. И се запрашав која е разликата во услугата да странците плаќаат три пати поскапо, кога во сите светски музеи од највисок ранг, освен ако не се работи за деца, пензионери и групни посети, влезницата е еднаква за сите посетители.

Кустосот беше една млада, фина и спастрена дама со одличен вокабулар и навистина ми остави добар впечаток. Во секоја од просториите кажуваше одредени информации кои претпоставувам според концепцијата на поставката, дека се кај сите водичи/кустоси унифицирани. Групата го пратеше нејзиното темпо и како се движевме низ музејот, немаше можност да се вратиме доколку нешто не заинтересирало и сме испуштиле, а фотографирањето е најстрого забрането!

Поставката е пред се базирана на восочни фигури, налик на Музејот Мадам Тисо и огромни платна во маслена техника, преку кои се претставени личностите и настаните од последните стотина години од историјата на македонскиот народ. Амбиентот е надополнет со многу малку оригинални историски документи, разочарувачки мал број на артефакти и прегласна музика. Во некои делови на поставката музиката е толку многу гласна, што кустосите во обид да ја надвикаат, одат кон тенденцијата да го загубат својот глас ако се продолжи со ваквата практика. Поради присуството на восок од кои се лиени фигурите на историските личности и температурата на која се оддржуваат, целиот музеј го прати малку необичен мирис.

Како што наведов погоре, турата се одвива со пребрзо темпо при кое не е дозволено враќање наназад, ниту пак има интерактивност од водичот кој само се движи праволински нанапред по одреден установен итинерар и фактографски ја прераскажува поставката. Затоа и не ме зачуди на крајот од турата реакцијата на дел од посетителите во мојата група, кои беа разочарани во поглед на оскудните информации, зошто имаа да постават голем број на прашања кои останаа нераскажани. Верувам дека не е проблемот до кустосот кои само ги следи инструкциите наметнати од својата матична куќа, туку до политиката на оваа институција кон посетителите за кои треба да се запрашаат дали по ваков третман би дошле по втор пат во нивниот музеј.

Фотографија © Википедија

На што не учи овој музеј? Историјата е меч со повеќе острици, особено кога зборуваме за не толку далечен период од кој имаме се уште и живи учесници/сведоци. Ни покажува кои сме ние како македонски народ, и во поглед на едукација која ниту еден граѓанин на ова држава ја немал во своето школување, потполнува еден период за кој голем дел од луѓето имаат одбивност или пасивност да го осознаат. Од едукациска гледна точка, музејот на современата македонска историја е мошне важен, бидејќи за некои настани и личност долго се молчело, биле прикажани погрешни историски толкувања или пак воопшто не бил дистрибуирана било каква информација во јавноста. Позитивната страна е што посетата може да ги поттикне луѓето да се информираат и да прочитаат малку повеќе за македoнскиот народ во последниот век, што впрочем е целта која овој музеј ја носи во своите именувања. Останува отворено прашањето дали ни беше потребна еднa ваква институција и што со неа понатаму? Се рабира, времето ќе покаже бидејќи е тоа најмудро, а најмногу поради фактот што културното нaследство од еден период се ваја токму низ временската перспектива и мислењето на народот.

Текстот е пишуван да укаже на некои работи, со цел во идина тие да се подобрат. Зошто факт е дека луѓето и владите се менуваат, но музејот ќе (ни) остане. Се обидов накратко и колку што е можно коректно, да ги сумирам моите впечатоци.

Слабости: отсуствува 10-15 мин задолжителна проекција во кино-сала која би го заменила неинтерактивниот линеарен пристап во споделување на информациите од страна на кустосот; постои многу оскуден печатен водич (но добро е што го има!); музејот после пола година егзистирање нема своја веб страница и сметки на социјалните мрежи како facebook, youtube и twitter; засега не постои аудио водич на разни јазици (иако добив информација дека е во процедура); мал број на артефакти (зборуваме за период од пред стотина години); мал број на историски документи, прегласна музика …

Предности: едукативен тип на музеј прилагоден за средношколска возраст и за возрасни (да се размисли за предшколска и школска возраст поради начинот на презентацијата); делумно приспособен за луѓе со посебни потреби; тип на зграда и поставка која може да се адаптира и надополнува со артефакти по потреба; останува во наследство на идните генерации.

Евалуација:

Тип: едукативен музеј
Брзина на тура: пребрзо
Правец на движење: праволиниски
Простор: прегледен
Интерактивност: нема
Листови за евалуација: нема
Политика кон туристи: ограничена
Јазик: македонски и други (по потреба и со најава)
Печатен водич: има
Аудио водич: нема
Дигитални и е-материјали: нема
Фотографирање: забрането
Музејска продавница: има
Детско катче: нема
Интернет простор: нема
Веб адреса: нема

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име