12th March 2010

Кастелот кај Пчиња и записите на еден јеромонах

Не постои патник кој на 26 километри јужно од Скопје, на автопатот кој води за Велес, не поминал а да не го забележи Кастелот кој се издигнува на едно специфично нагласен простор кој од другата страна стрмоглаво се спушта кон реката Пчиња. Овој археолошки локалитет познат и како Кожле со својата комплексност беше инспирација за романот „Кале“ на Јордан Јовановски, во издание на „Macedonia prima“, кој успеа да влезе во вториот круг за годинешниот избор на Роман на годината организиран од дневниот печатен весник – Утрински.

*     *     *

Пред да замине за својот манастир, да не гледа уште една несреќа, да се скрие зад топлите денови погодни за поправка на запалениот конак, остарениот архимандрит го повика.

- Време е, синко! На секое живо суштество, Оној горе севишниот му го покажува патот – благо и тивко му зборуваше. – Ти, млад си, остани, Господ нема да те заборави. Имам уште една молба, утре симни се долу во св. Спиридон. На брат Мердарие, тебе те одбрав го знаеш каков е, и ако некого послуша тоа можеш да бидеш само ти. Кажи му, знаеш подобро од мене, ако затреба пушти и некоја солза, да не го предизвикува Божјиот грев. Да не заборава каква сила, какви ѕверови наближуваат, да не се јуначи попусто. Ќе изгорат живи во таа нивна префалена кула спасителка! Не се тоа оние наши вошлосани разбојници, ќе ограбат што им дојде до рака, за ден-два ги снемало. Ова е поцрно и од црната чума. Така ти е кога подигаш манастир крај пат…

Без збор, се поднаведна да му бакне рака. Но остарениот архимандрит, и тој без збор, благо му ја исправа главата му ја става на своите гради и го прегрнува со двете раце. Потоа, кога се разделија и кога стариот свештеник тргна кон колата, се сети нешто, подзастана, се сврте и му рече.

- Ако брат Мердарие решил да си остане, оној дојденецот, рашанецот, треварот, живописецот нека го испрати кај мене, ќе има многу работа, штета е, и за него и за нас, да пропадне…

Утредента, Продан гласникот, уште рано, го одбива, понудениот коњ – не сум навикнат, подобро ми е вака, пеш – ќе им рече на слугите од господарската коњушница и за неполни два часа по оној пат, крај река, по удолницата, веќе тропаше на малата манастирска врата. Тоа се оние мали едвај видливи вратичиња кои секогаш се свртени кон ридовите, шумите, за не дај Боже!

Влегува слободно како во дворот на своја куќа, поминува крај казаницата, поминува подолу и покрај меѓарницата нигде никого, а од некаде допираат непрепознатливи гласови. Подзаслушува. Гласовите му се нејасни, неразбирливи, а се’ погласни, се приближуваа до него. Одзади разгранета црница, над средната чешма, се појавија двајцата глувонеми манастирски слуги, со бали сено на грб од кои не можеа да го видат. Ги знаеше, тоа се момчињата кои пред некоја година ги одмина онаа црвена грозница, но им го зеде говорот и им ги затвори ушите. Нивните пет-шест огништа, цело село, се запусти. Немаше каде, како и секогаш по таквите несреќи, последното засолниште за несреќниците е манастирот. Оној постариот, Тодор, сила од човек, можеше кош полн со грозје да изнесе на врв планина. Лете, кога паѓаше град и кога удираше по оловниот покрив на манастирот, со прст, до увото кој го креваше горе до покривот и потоа до увото, можеби сакаше да ни покаже дека нешто слуша. Не можеше да се разбереме ни тој што наумил да ни рече ниту да не слушне, што има ние да му кажеме. Оној, неколку години помладиот, негов братучед, целото време го минуваше со овците.

Превземено од @Утрински весник

Од изложбата во 2008/2009 г – Музеј на македонија

Археолошки истражувања на локалитетот Кастел кај Пчиња, познат и како Кожле, започнаа во 2008 година под раководство на археологот Кирил Трајковски од Музејот на Македонија. Една година подоцна по добиените првични резултати од теренот, беше отпечатена и илустрирана брошура/флаер на македонски и нa англиски а во некоја мера истите инфомации може да се сретнат и во написот од последниот број на МАВ. Во текстовите се дава преглед на хронолошкиот дијапзаон во кој бил населен овој локалитет, од праисторијата па се до 14 век, кога кастелионот престанува со својот живот.

Околу 3.500 година пред Христа, безимените жители на минорната населба биле принудени да подигаат палисади за да се заштитат од освојувачите кои доаѓале од север. Малкуте собрани и откриени парчиња од керамички садови постари од илјада години, упатуваат на Пајонците. Период од IV -II век пред Христа, како и римскиот период се до IV век по Христа е се уште прекриен со ”тајни”. Како Кастелион, населбата имала стратегиско значење од VI до VII век заради контролата на средновековниот пат од Тесалоник (Солун) до Скупи (Скопје). Христијанското население изградило црковен објект кој функционирал до првите децении на VII век, кога тврдината ја освоиле варварски племиња од север. Aктивниот живот на Кастелионот продолжил во XI и според наодите се смета дека без прекини течел се до османлиските освојувања во XIV век. Во крајниот западен дел од просторот, утврдени се остатоци од црква со фрагменти од живопис од XII до XIII век, а во блиската пештерата – монашка ќелија.

Наодите од ископувањата на Кастелот кај Пчиња кои ќе продолжат и годинава, влегоа во рамките на Годинешните археолошки изложби 2008/2009 и 2009/2010 и се’ уште можат да се видат во привремената поставка на Музејот на Македонија во Скопје.

photos courtesy @volan

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Византија, Доцна антика, Енеолит, Книги и литература, Рана антика, Религија, Среден век | 0 Comments

7th February 2010

Проекти – COST: European monetary unification, from Antiquity to modern times

Мојот колега од Франција Georges Depeyrot (Centre de recherches historiques /CNRS/EHESS) пред некој ден ми ја испрати апликацијата за проектот COST, со други зборови именуван како “European monetary unification, from Antiquity to modern times”. За разлика од праксата ваквите мејлови вообичаено да ги препраќам на моите македонски колеги, тука го споделувам видеото, а за дополнителни информации верувам дека можат да се снајдат и без мене. :)

Моето прашање гласи – A каде е Македонија во овој проект со сите тие “силни” археолози и наоди кои ги имаме? Во најмала рака очекував Нумизматичкиот оддел на Народната Банка да биде партиципант во еден ваков грандиозен проект.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Доцна антика, Историја, Културно наследство, Нумизматика, Рана антика, Римско време, Среден век | 0 Comments

10th September 2009

Видео запис од уништениот локалитет Градиште, с.Граиште, Демир Хисар

Откако добив известување по мејл од еден мој читател дека на археолошкиот локалитет Градиште, с. Граиште, Демир Хисар, е направено сквернавење, на 08.09.2009 година појдов на теренски увид.

При утврдување на оштетеноста, посебно во средишниот дел од археолошкиот локалитет, може да се забележи дека скоро 2/3 од акрополот се уништен засекогаш. Едниот тип на уништување се направил со поставувањето на самите антени за мобилните оператори, а второтo уништување е направено со механизација во вид на ров долг 200м, на делови широк до 8 м и длабок до 70см, употребен да се постави заземјување за громобран. Багерот кој го сторил тоа, се уште стои на локалитетот.

На сите страни можат да се видат парчиња керамика и делови од садови кои се раздробени што од механизацијата, што од претумбувањето да се направи/откопа, а потоа да се закопа ровот. При тоа еден дел од фортификациските утврдувања се комплетно разрушени. Се направи фото и видео документација. Дел од видео материјалот е монтиран и подигнат на мојот канал на Youtube.

Ова е монтираното видео од археолошкиот локалитет Градиште кај с. Граиште, Демирхисарско, со додадени забелешки вметнати во него. Не сум горда што морам на оваков начин да го претставам пред јавноста овој локалитет, но не постои поинаков пристап. Им благодарам на сите луѓе кои учествуваа во неговата реализиција, посебно на Ј. и Д.

„Градиште”, Граиште, античко регионално средиште (град Брианион). Акрополата е обновена во средниот век (град Добрун)

Овој локалитет е одамна заведен како таков во Археолошката карта на Македонија, Том 2, МАНУ, 1996, Скопје, стр.135, а подоцна е повеќепати публикуван. Иван Микучиќ во неговата книга (Средновековни градови и тврдини во Македонија, МАНУ, Скопје, 1996, стр.193-197) наведува опис на овој локалитет. Неговата мапа со фортификациските обѕидувања е скоро идентична со приказот на Google Earth, и со наодите на терен каде се истите воочливи на почетокот од видеото.

bryanion-demir-hisar-vip-operator

Поставеност на предавателите од мобилните оператори на археолошкиот локалитет „Градиште”, с. Граиште,  со црвено е означен ровот од 200 м. кој уништил поголем дел од центарот на локалитетот

Факт е дека со самото стапнување на терен, сите мобилни оператори направиле кривично дело. Да не зборувам понатаму за базните станици и за ровот кој само го доуништиле овој локалитет. Би сакала да знам кој е тој кој ја издал и ја потпишал дозволата за било какво поставување на објект на локалитетот, што подоцна резултирало со негова деструкција.

Според Законот за културно наследство, не смее да се уништува место кое е веќе означено како наоѓалиште од минатото. Минатото припаѓа на цел свет, од него сите учиме и се надградуваме, на лично и на колективно ниво.

Нашите наоѓалишта се наши светилишта, а во секој од нас гори по едно кандилце со факелот од минатото. Археолошкото богатство е како огромен хард диск. Да не дозволиме да се подели на премногу партиции. Оти подоцнежно форматирање нема да биде возможно.

Инфо за локалитетот:

Според историчарот Плиниј, Пелагонија и Деуриоп биле пајонаски земји. Географот Страбон исто така го поставува Деуриоп во соседството на Пелагонија и Линк. Тој во Деуриоп бележи три града, сите на реката Еригон (Црна): Бријанион, Алкоменае и Стибера. Според археолошките наоди, но и според пронајдените натписи два од овие града се веќе потврдени: Стибера (локалитет Бедем, кај с. Чепигово) и Алкоменае (Бучински рид – Пачкоец, над Бучин). Овие три локалитети вклучувајќи ја и месноста Граиште се меѓусебно оддалечени 8-9км, и нема трета богата населба во околината каде евентуално би бил лоциран Бријанион (BRYANION).

Средновековните остатоци се во северниот дел на акрополата каде се протега еден внатрешен ѕид, влечен во прави потези но граден без малтер, што затворал простор со димензии 90 х 30 м. На северната и на западната страна се потпирал врз доцноантичкиот ѕид, кој што останал добро запазен и во подоцнежните векови. Ова било јадрото на средновековниот фрурион („град”) Добрун, потврден со повеќе наоди: средновековна грнчарија, ситните предмети исковани од железо и повеќето византиски монети: анонимни фолиси од средината на 11. век, бакарни скифати од 12. и 13. век. (во музеите во Битола и Скопје).

Поврзани текстови:

Како мобилните оператори ги уништуваат археолошките локалитети во Република Македонија

Извештај од терен – Увид во оштетувањата на локалитетот Градиште, с. Граиште од страна на мобилните оператори

Bookmark and Share

posted in Архео TV 2.0, Археологија, Архитектура, Доцна антика, Рана антика, Среден век | 6 Comments

9th September 2009

Извештај од терен – Увид во оштетувањата на локалитетот Градиште, с. Граиште од страна на мобилните оператори

По увидот на терен на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Граиште, Демир Хисарско, кој беше извршен на 08.09.2009 година од моја страна, може да се заклучи дека:

Акрополот на археолошкиот локалитет е 2/3 уништен засекогаш со копање основа за антени на мобилни оператори. Копано е до длабочина од 30-40см, а некаде прекопувано и до 60-70 см за да се направат ископи за темели на базните станици токму во центарот на локалитетот. Со машини е ископан 200 метри долг и 1 метро длабок канал (ров). Багерот кој го направил тоа се уште стои горе на самиот локалитет. Парчиња керамика и делови од садови можат да се пронајдат раздробени на сите страни. При тоа еден дел од фортификациските утврдувања се комплетно разрушени. Направив фото и видео документација. Ќе се обидам сето тоа да го сложам и да направам неколку минутна репортажа која би ја подигнала на интернет.

„Градиште”, Граиште, античко регионално средиште (град Брианион). Акрополата е обновена во средниот век (град Добрун)

Сметам дека е доста на самоволието од страна на политиката која врши силување на археологијата за свои цели во последните години. Некој оваа дозвола да се постават антени за мобилни оператори на археолошки локалитет мора да ја издадал и да ја потпишал. Сакам да знам прво како граѓанин, а потоа како археолог, кој е тој што во името на државата дал дозвола да се уништува археолошки локалитет и културното наследство на една земја? Со едната антена тоа морало да се случи во најскоро време, зошто последната базната станица е поставена пред само неколку недели. Останатите се поставени пред тоа. Најстарата антена е на МРТ и претпоставувам дека е поставена после 1969 година, кога оваа телевизија почнала за прв пат да се емитува.

bryanion-demir-hisar-vip-operator

Поставеност на предавателите од мобилните оператори на археолошкиот локалитет „Градиште”, с. Граиште,  со црвено е означен ровот од 200 м. кој уништил поголем дел од центарот на локалитетот

Чисто како една идеја до мобилните оператори, за да не се случуваат во иднина вакви работи. Можат да си вработат/најмат еден, или тим археолог кој би одел на терен и би ги рекогносцирал (површински прегледал) локациите на кои имаат намера да се постават базни станици. Потоа би следел извештај дека на тоа место нема индикации за постоење на траги од културно наследство, со чиј сертификат мобилните оператори би можеле да си ја продолжат планираната работа.

Колку археолошки локалитети имаат уништено мобилните оператори? Треба ли да ги поминам сите локации каде што им се поставени антените и базните станици?

Поглед од с. Граиште кон локалитетот и антените од мобилните оператори

Се чувствувам поразена. :( Функционира ли барем еден закон за заштита на културното наследство во оваа држава? Вакво сквернавење не сум видела скоро никогаш во животот, дури ни од страна на дивите копачи. Тие се барем повнимателни.

Инфо за локалитетот:

Според историчарот Плиниј, Пелагонија и Деуриоп биле пајонаски земји. Географот Страбон исто така го поставува Деуриоп во соседството на Пелагонија и Линк. Тој во Деуриоп бележи три града, сите на реката Еригон (Црна): Бријанион, Алкоменае и Стибера. Според археолошките наоди, но и според пронајдените натписи два од овие града се веќе потврдени: Стибера (локалитет Бедем, кај с. Чепигово) и Алкоменае (Бучински рид – Пачкоец, над Бучин). Овие три локалитети вклучувајќи ја и месноста Граиште се меѓусебно оддалечени 8-9км, и нема трета богата населба во околината каде евентуално би бил лоциран Бријанион (BRYANION).

Повеќе информации и фотографии за локалитетот

Дел од уништените наоди на локалитетот Градиште, с. Граиште, Демир Хисарско

П.С. Подетално елаборирање ќе следи во наредниот пост



Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Доцна антика, Рана антика, Среден век | 9 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes