Home Археологија Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди

Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди

696 views
0

„Археолошката тетратка и инвентарна книга на наоди за млади истражувачи“ ја создавав навистина со многу голема љубов. Не мислев дека ќе стане публикација, но кога најсетне веќе ја доби таа форма, на крајот ја вообличив, визуелизирав и ја публикував во 2021 под закрилата на ХАЕМУС како издавач. Некој месец претходно со ХАЕМУС ја имавме издадено боенката за деца „Скопје – Палеонтолошки град“, а некаде во исто време ги создавав и „Праисториската читанка и вежбанка за млади истражувачи“ и „Туристичкиот водич низ Скопје за млади истражувачи“. На почетокот од таа година од печат излегоа шест публикации за деца и млади посветени на Обичајот Мартинки (2 боенки на македонски и англиски јазик и 4 читанки на македонски, албански, турски и англиски јазик), кои беа резултат од грантот повод наградата на ХАЕМУС како „Најдобра Европска приказна за 2020“. И така некако спонтано, го создадов „Млад истражувач“.

Кристина Петрова ужива додека ја чита „Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди за млади истражувачи“

Млад истражувач“ е образовна програма на „ХАЕМУС“ со педагошки карактер, наменета пред сѐ за деца и млади. Оваа програма и едиција опфаќа широк спектар на боенки, читанки, вежбанки, како и интерактивни сетови и едукативни настани за богатото македонско културно наследство коишто ги создавам употребувајќи ги принципите на интерпретација на наследството.

Сакав на младите генерации да им оставам нешто коешто јас не сум го имала кога сум била дете, а тоа е привилегијата да читаат и да учат на македонски јазик за нашето наследство. Сметам дека ова е навистина убава можност да оставам трага, посебно кај помладата генерација која на овој начин, преку сите овие книги, читанки, боенки, вежбанки и интерактивни сетови од едицијата „Млад истражувач“, учи да го негува, да го препознава и да го почитува нашето пребогато наследство.

Оваа „Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди за млади истражувачи“ им помага на сите заинтересирани да дознаат што е археологијата. Воедно ги учи како да ги пронајдат, опишат и документират предмети и да инвентарираат артефакти пред да направат големо археолошко откритие. Археолошката тетратка помага не само да се научи како да се „прочита“ и да се раскаже околината, туку и како да се читаат старите монети, мапи и фотографии и да се води археолошки теренски дневник како вистински истражувач. Се добиваат сите информации што точно е потребно за да започне со истражувањето и кои алатки се неопходни за археолошко ископување. Тетратката исто така содржи археолошки квиз за проверка на знаењето и речник на стручни термини.

Објавувањето на Археолошката тетратка се случи во време на пандемијата и не доживеа своја официјална промоција. За среќа, изминатите години книгата отпатувала кај многу млади истражувачи кои живеат на разни локации во Македонија, но и надвор од нашата држава. А за промоција никојпат не е доцна, дури ни во ова лето господово дваесетичетврто.

Наслов: Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди за млади истражувачи
Автор: Василка Димитровска
Илустрација на корица: Зоран Кардула
Издавач: ХАЕМУС
Година на издавање: 2021
Јазик: Македонски
Опис: 28, [2] стр. : илустр. ; 21 см
ISBN: 978-608-4948-03-2
COBISS.MK-ID: 53910789

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here