Home Едукација Археологијата е тема и во „слободната“ литература

Археологијата е тема и во „слободната“ литература

527 views
0

Што читам, кога читам, кое дело прво ми паѓа на ум кога ќе се спомене именката книга, дали книгите како предмети успеваат да станат археолошки пронајдоци, поради која книга се запишав на археологија и многу други работи читателите можат да прочитаат во новогодишното интервју кое го дадов за blog.literatura.mk, блог за литература којшто го менаџира издавачката куќа Ars Lamina.

Заради сопствена архива, го пренесувам интервјуто објавено на 27.12.2017, во целост. Фотографиите се на Ана Зафирова.

Археологијата е тема и во „слободната“ литература

Оваа година УНЕСКО ги прогласи мартинките за светско нематеријално културно наследство, а зад апликацијата стои ХАЕМУС и Василка Димитровска, кои го почнаа процесот на акредитација со цел да продолжи да го негува духот на традицијата во Република Македонија во сите негови облици. Фолклорот и македонскиот етнос се движечкиот порив во нејзината археолошка дејност, што низ раскажување мошне вешто денес ни ја прави поблиска од кога и да е претходно. Ова е библиотеката на Василка Димитровска.

Василка, како археолог, кога ќе се спомене именката книга на која книга прво ви паѓа на ум?

Првата книга на којашто ми текнува од оваа перспектива е Волшебното самарче од Ванчо Николески. Толку многу ја сакав книгата, што како дете ја прочитав најмалку 12 пати. На крајот, моите родители мораа да ја кријат од мене, за да не ја препрочитувам повторно. Но, и ден-денес ми остана љубовта кон детската литература и ги почитувам писателите кои ја создаваат, бидејќи е ѓаволски тешко да влезеш во светот на децата и да го создаваш делото со нивни речник. Од детството ми се останати многу книги на повеќе јазици што моите родители ги купувале додека шетале, бидејќи ги немало на македонски јазик. Ми се случува во домашната библиотека некогаш да се навратам на Двојната Лота, Ханс и Гретел (кај нас адаптирано како Ивица и Марица), потоа Пајажината на Клементина, Пипи Долгиот Чорап и многу други детски книги.

Дали книгите како предмети успеваат да го преживеат забот на времето и дали стануваат археолошки пронајдоци? Дали постојат такви кај нас?

Веднаш си споменувам на филмот Агора, филм за една жена која ќе го промени светот, историјата и дел од науката. Приказната за Хипатија е приказна за една исклучителна жена на своето време, филозоф, математичар и астроном, која се обидува да ја спаси мудроста на античкиот свет, предавајќи во Александриската библиотека. Следејќи ја нејзината кариера во едно општество пред колабирање, филмот завршува со признавање на христијанството како официјална религија во Римската Империја и палењето на Александриската библиотека во името на еден бог. Со палењето на Александриската библиотека всушност почнува мрачната доба во светот на науката што ќе талка со столетија додека излезе од заплетканите лавиринти на своите стапици. Загубено е знаењето од античкиот свет на кој делумно почива и нашата цивилизација. И затоа секогаш оние книги што ќе го преживеат забот на времето се скапоцен артефакт што напати може добро да ги протресе темелите на теориите за човековата еволуција и/или наука, како што тоа се случи и со т.н. „Гностички евангелија“, свитоци од пергамент пронајдени крај Мртвото Море. Заклучокот дека, и покрај нивната очигледна апокрифност и неавтентичност, преку деталната анализа на текстовите се овозможува поцелосно разбирање на раното христијанство, неговиот развој и ширење.

Во светот се зачувани многу стари книги, но и Македонија не заостанува во тој поглед. Пред неколку години јавноста имаше можност да ја види изложбата „Словенските ракописи од Македонија од 13 до 19 век“, во чиишто рамки беше изложен најстариот ракопис, фрагмент од пергамент од 13 век. Ваквите цивилизациски остварувања и книжевни дела се гордост за една држава и треба постојано да се изложуваат во јавноста, бидејќи тоа е начинот на кој се расте и поединечно, но и колективно како нација.

Каков е балансот на стручната литература наспроти белетристиката во твојот живот?

Во последните десет години толку многу читам стручна литература, што ми е неопходна како дел од мојата работа, што едвај ми останува време за белетристика. Понекогаш ми паѓа тешко што одам на секој саем на книгата и се враќам дома со еден куп на нови изданија, а не успевам во текот на годината да прочитам ни половина од тоа. Но, дури и кога одбирам „слободна“ литература, случајно или не, свесно или несвесно, секогаш акцентот паѓа на наслов што се однесува на археологијата или историската фикција. Еве, додека го работиме ова интервју, погледот ми паѓа на сѐ уште непрочитаните Венецијанското предавство, Талкачи, Толкување на убиството…

Што читаш? Кога читаш?

Читам секогаш и секаде. Особено ги читам текстовите со малку букви, бидејќи секогаш содржат важни пораки. Во последно време, многу читам литература што е поврзана со менаџмент и маркетинг на културното наследство. Директор сум на ХАЕМУС, кој со текот на времето прерасна во голем центар за научно истражување и промоција на културата. Како граѓанска организација, една од нашите цели е да го дисеминираме научното знаење и да најдеме начин да го доближиме до граѓаните. И токму поради тоа ми е потребна дополнителна едукација на оваа тематика.

Инаку, не постои ниту некој точно определен дел од денот, ниту, пак, место за да читам. Исто не постои медиум, од печатен до електронски, на кој не читам. Понекогаш си мислам дека само кога возам автомобил и кога спијам, единствено тогаш не читам, бидејќи е невозможно. 🙂

Дали постои книга што направила пресврт во твојот живот?

Хазарски речник на Милорад Павиќ е книгата поради која се запишав на археологија. Тоа е книгата на сите мои минати, сегашни и идни времиња. Книга што ми стои на дофат на раката и на која постојано ѝ се навраќам. Но, чинам дека Павиќ не е за секого. А на оние што ќе го пронајдат тајниот премин помеѓу литературата, археологијата, историјата, митологијата и религијата, засекогаш им се отвораат толковните поими на филозофијата. Поголем дел од моите магистерски студии ги поминав во Белград на катедрата по археологија. Ја немав честа да ми предава Павиќ, бидејќи студирав праисториска, а тој држеше семинари на колегите од средновековна археологија. Но, затоа, пак, предавањата беа отворени и имав можност да присуствувам неколкупати и да си ги проширам хоризонтите надвор од оние строги научни рамки во кој е заробено културното наследство. Овој „речник“ ме менува на секое негово прочитување, иако се работи за нелинеарен тип литература и тип на книга што може да се чита на која страна и да падне маркерот.

Кој лик од книга во одреден период од животот влијаел на твоите ставови и начин на размислување?

Не би рекла дека тоа е лик од книга, туку цел сет настани што ми се случија кога почнав со моите магистерски студии во Белград. Во тоа време во подем беше концептот на колективната свест, работата на себе и начините за развивање на интелектуалните вештини. Си споменувам дека посетував некои од курсевите што ги организираше издавачката куќа „Финеса“, што подоцна прерасна во голем едукативен центар. Курсевите на теми како мапа на умот, брзо читање, брзо помнење и креативна визуализација ми дојдоа во период од животот кога ми беа најмногу потребни. Ако треба да издвојам книга од тоа време што неколкупати досега ми го сменила светогледот во позитивна насока, тогаш тоа е Креативна визуализација на Шахти Гавејн. Ова е книга што од сѐ срце ја препорачувам и не ја позајмувам, туку за нивно добро ги терам моите пријатели да си ја купат и да ја имаат во својата домашна библиотека.

Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?

Неодамна од археологот Ленче Јованова ја добив на подарок книгата „Inventaria archaeologica personarum II“, која има уште еден поднаслов што подиректно се однесува на обработуваната тематика: „Скупи – некрополи: стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва“. Како што се вели во рецензијата на почетокот од книгата, како на филмско платно презентирани се животни приказни на повеќемина бележити личности кои се пренесени на оригинален, креативен, разбирлив и допадлив начин, за да ни ги приближат судбините на одамна исчезнатите луѓе и настани истовремено правејќи реконструкција на дел од автентичната слика на секојдневното живеење во римската колонија Скупи. Во рамките на ХАЕМУС ја имаме програма „Scupini Romani“ или во превод „Граѓаните на римскиот град Скупи“. Се работи за иден бренд на ХАЕМУС наменет за промоција на културното наследство од античкиот римски период преку историска реконструкција, во англиското говорно подрачје позната под терминот „reenactment“. Акцентот на оваа реконструкција е ставен врз експерименталната археологија, древните технологии и нивната интерпретација во обид да се подигне јавната свест за одредена научна област кај љубителите на културното наследство.

Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?

Бајки од Македонија е книгата што ме плени од почетокот, и визуелно и според начинот како се адаптирани приказните земени од македонското народно творештво. Генерално, ми се допаѓа кога традиционалните вредности се преточуваат во нов модерен производ на кој му е дадена можноста за современ креативен израз. Многу e важно сите наши традиции, обичаи, ритуали и верувања да се продолжат, да се заштитат, да се документираат, да се негуваат, да се презентираат и да се популаризираат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here