Home Археологија Скопското Кале – пример за лоша интерпретација на наследството

Скопското Кале – пример за лоша интерпретација на наследството

2,331 views
0

Утринава го следев онлајн предавањето на професор William Logan во организација на „Центарот за интерпретација и презентација на УНЕСКО“. Предавањето беше со одлични поенти, од коишто впечаток ми остави онаа за локациите ставени на листата на светско наследство на УНЕСКО кои својата приказна ја раскажуваат низ призмата на воената тематика. Тип на интерпретација на заедничкото историско минатото која е доста сложена и пред сѐ конфликтна во преносот на информации кон посетителите.

Ова ме потсети дека и ние во срцето на Скопје имаме локалитет чиишто информации со децении погрешно се толкуваат, интерпретираат и пренесуваат од генерација на генерација, како во школскиот систем, така и во туристичката понуда.

Скопското Кале е еклатантен пример за лоша интерпреација на неговиот историјат, како од страна на граѓаните, така и од неедуцраните туристички водичи кои ги има илјадници во Македонија. Сум имала прилика да поминам низ непријатни искуства додека сум слушала секакви приказни за владеење на отомански султани низ презентацијата на нелегални турски водичи, искривена верзија на историјата од бугарски водичи, но најмногу од сѐ ме погодила неиформираноста на домашната јавност, особено ако се знае дека стратиграфијата на Калето е позната уште од 50ти год на 20 век, а со ревизионите ископувања и заштитни интервенции (2007-2012), може со голема сигурност да се реконструираат одредени периоди или настани.

Така, имаме конфликт во пренесување на информацијата дека Скопското Кале е Јустинијана Прима, теза којашто е отфрлена по последните археолоши истражувања. Имаме проблем и со тезата дека Калето е изградено откако замрело Скупи по катастрофалниот земјотрес од 518 год. и целиот мермерен материјал веднаш се вградил за времето на владеењето на Јустинијан во т.н „киклопски ѕид“. Патем тоа обѕидување според монетите најрано се датира во 11 век, како впрочем и најголем дел од бедемите на градската тврдина, а најстарите слоеви пак на Калето се од Енеолитот кога населбата се протегала дури до црквата Св. Спас. Постои некоезистентност во информациите на Евлија Челебија дека локацијата била стабилна и добро бранета при нападот на Пиколомини, наспроти археолошките информации кои велат дека се работи за една слаба крепост којашто била освоена за неполн ден. Околу интерпретацијата на средниот век и отоманскиот период нема ни да ја отворам темата, затоа што се издадени научни трудови и тие мора да се консултираат пред да се создаде приказната за јавноста.

Заклучок

Според мене, би требало да постојат сертифицирани тури и рути (во поглед на итинерар и информации) коишто би обезбедиле квалитет во интерпретацијата на културното наследство. Тие би се осврнале научно на секоја локација и/или споменик вклучен во концептот, при што градењето на приказната за интерпретација на локацијата би се базирала врз вистински научни информации.

Пред извесно време во еден допис, му предложив на Град Скопје да се погрижи преку своите административни механизми да постојат сертифицирани тематски рути кои би биле еден вид на гаранција за квалитет и би можеле да бидат експлоатирани поединечно од туристите, но и од туристичките агенции, а секако би претставувале и основа за едукација на самите домашни граѓани и честопати нивните приватни гости кои ги шетаат. Ова би било само еден од чекорите преку кои државата може да му помогне на туристичкиот сектор да го врати приматот во полето на креативните индустрии и да почне полека да ги амортизира последиците од пандемијата со ковид-19.

И како за крај, еве еден пример за интерпретација на минатото преку краток видео документарец што го направивме со тимот на ХАЕМУС, а опфаќа дел од историјата и на Скопското Кале.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here