12th March 2010

Кастелот кај Пчиња и записите на еден јеромонах

Не постои патник кој на 26 километри јужно од Скопје, на автопатот кој води за Велес, не поминал а да не го забележи Кастелот кој се издигнува на едно специфично нагласен простор кој од другата страна стрмоглаво се спушта кон реката Пчиња. Овој археолошки локалитет познат и како Кожле со својата комплексност беше инспирација за романот „Кале“ на Јордан Јовановски, во издание на „Macedonia prima“, кој успеа да влезе во вториот круг за годинешниот избор на Роман на годината организиран од дневниот печатен весник – Утрински.

*     *     *

Пред да замине за својот манастир, да не гледа уште една несреќа, да се скрие зад топлите денови погодни за поправка на запалениот конак, остарениот архимандрит го повика.

- Време е, синко! На секое живо суштество, Оној горе севишниот му го покажува патот – благо и тивко му зборуваше. – Ти, млад си, остани, Господ нема да те заборави. Имам уште една молба, утре симни се долу во св. Спиридон. На брат Мердарие, тебе те одбрав го знаеш каков е, и ако некого послуша тоа можеш да бидеш само ти. Кажи му, знаеш подобро од мене, ако затреба пушти и некоја солза, да не го предизвикува Божјиот грев. Да не заборава каква сила, какви ѕверови наближуваат, да не се јуначи попусто. Ќе изгорат живи во таа нивна префалена кула спасителка! Не се тоа оние наши вошлосани разбојници, ќе ограбат што им дојде до рака, за ден-два ги снемало. Ова е поцрно и од црната чума. Така ти е кога подигаш манастир крај пат…

Без збор, се поднаведна да му бакне рака. Но остарениот архимандрит, и тој без збор, благо му ја исправа главата му ја става на своите гради и го прегрнува со двете раце. Потоа, кога се разделија и кога стариот свештеник тргна кон колата, се сети нешто, подзастана, се сврте и му рече.

- Ако брат Мердарие решил да си остане, оној дојденецот, рашанецот, треварот, живописецот нека го испрати кај мене, ќе има многу работа, штета е, и за него и за нас, да пропадне…

Утредента, Продан гласникот, уште рано, го одбива, понудениот коњ – не сум навикнат, подобро ми е вака, пеш – ќе им рече на слугите од господарската коњушница и за неполни два часа по оној пат, крај река, по удолницата, веќе тропаше на малата манастирска врата. Тоа се оние мали едвај видливи вратичиња кои секогаш се свртени кон ридовите, шумите, за не дај Боже!

Влегува слободно како во дворот на своја куќа, поминува крај казаницата, поминува подолу и покрај меѓарницата нигде никого, а од некаде допираат непрепознатливи гласови. Подзаслушува. Гласовите му се нејасни, неразбирливи, а се’ погласни, се приближуваа до него. Одзади разгранета црница, над средната чешма, се појавија двајцата глувонеми манастирски слуги, со бали сено на грб од кои не можеа да го видат. Ги знаеше, тоа се момчињата кои пред некоја година ги одмина онаа црвена грозница, но им го зеде говорот и им ги затвори ушите. Нивните пет-шест огништа, цело село, се запусти. Немаше каде, како и секогаш по таквите несреќи, последното засолниште за несреќниците е манастирот. Оној постариот, Тодор, сила од човек, можеше кош полн со грозје да изнесе на врв планина. Лете, кога паѓаше град и кога удираше по оловниот покрив на манастирот, со прст, до увото кој го креваше горе до покривот и потоа до увото, можеби сакаше да ни покаже дека нешто слуша. Не можеше да се разбереме ни тој што наумил да ни рече ниту да не слушне, што има ние да му кажеме. Оној, неколку години помладиот, негов братучед, целото време го минуваше со овците.

Превземено од @Утрински весник

Од изложбата во 2008/2009 г – Музеј на македонија

Археолошки истражувања на локалитетот Кастел кај Пчиња, познат и како Кожле, започнаа во 2008 година под раководство на археологот Кирил Трајковски од Музејот на Македонија. Една година подоцна по добиените првични резултати од теренот, беше отпечатена и илустрирана брошура/флаер на македонски и нa англиски а во некоја мера истите инфомации може да се сретнат и во написот од последниот број на МАВ. Во текстовите се дава преглед на хронолошкиот дијапзаон во кој бил населен овој локалитет, од праисторијата па се до 14 век, кога кастелионот престанува со својот живот.

Околу 3.500 година пред Христа, безимените жители на минорната населба биле принудени да подигаат палисади за да се заштитат од освојувачите кои доаѓале од север. Малкуте собрани и откриени парчиња од керамички садови постари од илјада години, упатуваат на Пајонците. Период од IV -II век пред Христа, како и римскиот период се до IV век по Христа е се уште прекриен со ”тајни”. Како Кастелион, населбата имала стратегиско значење од VI до VII век заради контролата на средновековниот пат од Тесалоник (Солун) до Скупи (Скопје). Христијанското население изградило црковен објект кој функционирал до првите децении на VII век, кога тврдината ја освоиле варварски племиња од север. Aктивниот живот на Кастелионот продолжил во XI и според наодите се смета дека без прекини течел се до османлиските освојувања во XIV век. Во крајниот западен дел од просторот, утврдени се остатоци од црква со фрагменти од живопис од XII до XIII век, а во блиската пештерата – монашка ќелија.

Наодите од ископувањата на Кастелот кај Пчиња кои ќе продолжат и годинава, влегоа во рамките на Годинешните археолошки изложби 2008/2009 и 2009/2010 и се’ уште можат да се видат во привремената поставка на Музејот на Македонија во Скопје.

photos courtesy @volan

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Византија, Доцна антика, Енеолит, Книги и литература, Рана антика, Религија, Среден век | 0 Comments

4th March 2010

Разгледници – Византиските манастири околу Скопје

Византиската архитектура е архитектонски стил која настанал на територијата на Источното Римско царство (во подоцнежните текстови познато како Византија). Територијата на Република Македонија како дел од оваа империја наследила огромно културно богатство, најмногу во форма на цркви и манастири. Ова се неколку мои фотографии на кои се наоѓаат некои од поважните средновековни зданија во околината на Скопје.

Bookmark and Share

posted in Архитектура, Византија, Историја, Културно наследство, Скопје, Туризам | 0 Comments

21st January 2010

Топ 10 археолошки откритија на 2009

Многу е важно археолошките откритија брзо да се публикуваат и презентираат, зошто со секој нов наод се менува мапа на светот и нашата перцепција за минатото. И додека нашите археолози се борат на видело да ги изнесат сите податоци кои можат да одат во прилог на сопствениот идентитет, а тоа трае веќе со децении, во светот постои поинакво правило кое гласи: Тоа што ќе го пронајдеш публикувај го веднаш или ќе бидеш проколнат засекогаш. Со други зборови кажано, ако сам не се ставиш на археолошката мапа од светот, ќе бидеш од неа избришан исто како никогаш да не си постоел.

Повеќето од откритијата кои се случија во 2009 година ги проследив со линкови на моите акаунти на твитер и на фејсбук, а поретко на сајтот и блоговите. Во последниот период некако повеќе ми одговара микроблогирањето од пишување на колумни и огромни скрибомански текстови за археологијата. :)

* * *

На 20 Мај Google ја форсирше својата насловната страница на порталот со тагот Missing link. Се работи за наод чија приказна стана една од начитаните на популарното списание National Geographic за 2009 година. За ова откритие известија и неколку наши медиуми (1, 2, 3), а се работи за фосилен остаток на лемур стар 47 милиони години за кои научниците сметаат дека е веројатно алката која недостасува во еволуцијата на човекот.

Исто така огромно внимание повторно предизвика најголемото археолошко ископување на светот кое продолжи и 2009 година во Истанбул, каде беше откриена најстарата населба на територијата на овој град од т.н. централно Анатолиска доцна фаза на Пре-Керамички Неолит B, кој започнал околу 9500 B.C. Ископувањето опфати и многу подоцнажни артфакти, најмногу од византискиот период, бидејќи една година претходно беше откриена оригинална римска галија на пристаништето кое функционоирало за време на императорот Теодосиус.

Со исклучок на неколку пронајдоци кои ги има на обете листи, генерално двете најчитани списанија на интернет за археологија се поделија околу популарноста на тоа кој наод или локалитет заслужува да се најде во првите 10 светски откритија. Зачудувачки е колку изборот на тематика е различен, секако на големо задоволство на сите оние заинтересирани кои едвај чекаат да се објави и публикува нешто ново кое ќе ги пополни милениумските дупки во културниот развиток на нашата цивилизација.

Линкови:

Archaeology Magazine’s Top 10 Discoveries of 2009
National Geographic: Top Ten Archaeology Finds: Most Viewed of 2009

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Византија, Интернет, Неолит, Римско време | 0 Comments

5th October 2009

Теодосиј I и Македонија

Големиот римски имератор Теодосиј I последниве неколку години е повторно во фокусот на вниманието благодарение на Проектот Мармара кој се гради во Истанбул. Проектот Мармара со 2,2 билиони долари е еден од најскапите проекти во светот со кој треба да се спојат двата дела на Истанбул со подземна железничка линија. Беше планирано да заврши до 2009 година, но во меѓувреме се случија некои непланирани работи, кои и се заканија на Босфорската железница.

Богатата историја на Бизант, Константинопол и Истанбул не дозволија да се продолжи со работата на подземната железница, откривајќи огромно византиско пристаниште кое му се припишува на римскиот император Теодосиј I. Во едно од најголемите урбани ископувања во историјата на археологијата учествуваат околу 50 археолози и 750 работника, 24 часа на ден, 7 дена во неделата, кои на површина од отприлика 10 просечни градски блока во текот на овие две години во областа Yenikapi ги открија:

- Најстарата населба на територијата на Истанбул
- Најраното познато обѕидување на Константинопол
- 22 брода, вклучувајќи една Византиска галија за прв пат

Археолозите на овој артефакт му го дадоа работното име “The Titanic,” затоа што бил најголемиот од сите бродови кои доживеал бродолом. Претпоставуваат дека своевремено пренесувал жито од Египет во Константинопол. Околу бродот се наоѓаат расфрлани и искршени керамички ќупови, животински коски и школки стари илјада години.

На археолошкиот локалитет Стоби, кај Градско, веројатно се наоѓаат единствените архитектонски остатоци кои можеме да ги поврземе со Теодосиј I.

Теодосијанска палата

Источно од улицата Виа Теодосија се наоѓа една од најлуксузните досега откриени куќи во Стоби, во која се претпоставува дека престојувал императорот Теодосиј Први, при неговата посета на Стоби во 388 година. Со оглед дека името на сопственикот на куќата не е познато, наречена е Теодисијанова палата, во спомен на посетата на императорот. Оваа градба има план на латинско L и излегува на три улици. Салата е опкружена со колони од севернаата и западната страна. Од источната страна се наоѓа базен со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури, врз кои стоеле откриените статуи. На северната и јужната страна од дворот се ниски платформи, веројатно некогаш цветни тераси. Подот во дворот е прекриен со мермерни плочи, а перистилот со мозаици.

Големта апсидална просторија, триклиниумот, која се наоѓа на јужната страна на повисоко ниво, поплочена е во opus sectile. Останатите простории се исто така раскошно украсени. Според мозаичните површини, палатата најверојатно била изградена во 4 век. Извесни елементи на доуредувања можат да се датираат во раниот 5 век, а објектот бил во употреба во текот на целиот 5 век.

Превземено од Македонската Википедија

Според изјавите на УЗКН, новоформираната институција Стоби треба да добие официјален објект кој ќе биде налик на Палатата на Теодосиј Први во кој ќе работат и ќе живеат археолозите кои го истражуваат овој археолошки локалитет. Останува на времето да покаже колку од овие информации ќе се обвистинат.

http://www.tribune-eu.com/?page=read_news&id=4984&PHPSESSID=7b382c5b0d459b93883bff93f79a5db9

Неделен интернет магазин Tribune via kwout

Две години пред неговата смрт, во 393  година, Теодосиј I ги забранил Олимписките игри. Бил последниот владетел на Римско царство кое се распаднало 395 год., кога истовремено се поделило на источно и западно. Во негово време Македонија била сеуште дел од големата римската империја.

Поврзани статии:

Копајќи под Истанбул
Стоби – сублимат од текстови
Упатство за употреба: Како да ги слушате Синтезис во Стоби
Погрешни археолошки впечатоци – Римскиот форум во Стоби
The Roman Forum at Stobi

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Византија, Историја, Римско време | 0 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes