Дома Антропологија Култот на Свети Никола во Општина Бутел

Култот на Свети Никола во Општина Бутел

149 views
0
Црквата Св. Никола, с. Љуботен (фото ХАЕМУС)

Пред неколку години работејќи на проектот за „Водич низ византиските цркви во Скопје“, којшто во 2019 година излезе како посебно издание на ХАЕМУС, се наметнаа сериозни повеќемесечни теренски и кабинетски истражувања за средновековните храмови на територијата на градот Скопје. Со цел да добиеме што е можно порелевантни информации за овие храмови, го сработевме „Култот на Св. Никола во општина Бутел“ кој во тоа време како проект беше ко-финансиски подржан од Градот Скопје.

Научниот фокус на овој проект беше мал дел од Скопска Црна Гора во рамките на општина Бутел каде со столетија се задржал култот кон Св. Никола. Во тој микро-регион е исто така забележана и концентрација на храмови посветени на овој светец како и обичаи кои сѐ уште се практикуваат масовно од локалното население (поединци, семејства, цркви и манастири) во рамките на двата големи годишни празници, летен и зимски Св. Никола. По завршувањето на проектот, извештајот кој го поднесовме на околу 30 страници ни укажа на опцијата дека можеме оваа тема и понатаму да ја развиваме, истражуваме и најсетне да ја вообличиме во соодветна публикација која би била од полза на сите заинтересирани за оваа тематика.

*Св. Никола е светец-заштитник на морнарите, трговците, стрелците, покајаните крадци, децата, пиварите, ловците и учениците во разни градови и земји низ Европа. Неговата репутација се развивала постепено меѓу верниците, како што и било вообичаено за сите ранохристијански светци, а неговата легендарна навика за тајно подарување на подароци дала придонес кон развивање на традиционалната претстава за Дедо Мраз.

*Денот на Св. Никола во Скопје, впрочем како и во целата држава, се слави според јулијанскиот календар два пати во годината: на 19 декември (познат како Зимски Св. Никола) и на 22 мај (познат како Св. Никола летен).

*Во Македонија, каде што повеќето луѓе се православни, Св. Никола е еден од најпочитуваните и најпразнуваните светци кој се слави на лично и на колективно ниво. Овој празник е толку многу популарен, што дури и националните новински агенции и дневни весници посветуваат особено внимание на неговото прославување.

📷 1 и 2 – Црквата Св. Никола, с. Радишани
📷 3 и 4 – Црквата Св. Никола, с. Љубанци
📷 5 и 6 – Манастирот Св. Никола, с. Љубанци
📷 7 – 9 – Црквата Св. Никола, с. Љуботен (врвна уметност)
📷 10 – Постер посветен на култот на Св. Никола во Скопје, од изложбата ByzArt 2019 во организација на ХАЕМУС

📷 сите фотографии се сопственост на ХАЕМУС

За значењето на Св. Никола во традицијата на скопските народни празници, не ни сведочат само топонимите, храмовите, песните и обичаите, туку и фрескоживописот во Марковиот манастир кадешто се насликани фрагменти од животот на Св. Никола. Во тој поглед особено би ја препорачала книгата на Марко Китевски Китевски „Скопје во македонските народни песни“ каде честопати се споменува спојот од Св. Никола и Богородица, што се пресликал и директно на терен каде многу храмови посветени на Богородица, со текот на времето или се преименувале во Св. Никола, или имаат двојно именување, или пак во најмала рака имаат додаден дел посветен на Св. Никола. Но оваа синхронија помеѓу овие два светци заслужува можеби пошироко елаборирање бидејќи има претхристијански паралели.

Како резултат на овој проект произлегоа неколку продукти, обемно научно истражување, итинерари кои можат да се користат во културниот туризам, а помеѓудругото и кратко едукативно видео на македонски и на англиски јазик за црквата Св. Никола во с. Љубанци и промотивно видео за водениците вдолж Кучевишка река кај с. Кучевиште. Се разбира, најважните белешки беа вгнездени во моето авторско дело, публикацијата „Водич низ Византиско наследство на Скопје“.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име