Дома Cпонзорирано Меморијален туризам од Прва светска војна – или шанса Македонија да ја...

Меморијален туризам од Прва светска војна – или шанса Македонија да ја раскаже својата приказна

3,764 views
0

Оваа година се навршија 100 години од почетокот на Првата светска војна (1914-1918). Историчарите, археолозите, етнолозите и антрополозите со сето свое расположиво знаење, се обидуваат да направат реконструкција на настаните од пред стотина години за да објаснат што е тоа коешто довело до создавањето на ‘модерна Европа’.

Kale Tepe - Dojran
Стојам на Ѓаволско око, највисоката точка на Кала Тепе (Дојран). Позади мене e Дојранското езеро, а под мене е главниот бункер од кои се раководеле сите стратешки операции во Првата Светска Војна. Бункерот е освоен од 22 англиска дивизија на 18 Септември 1918 г.

Првата светска војна ја викаат уште и Големата војна. Во вртлогот на настаните не била одмината ниту Македонија која во тоа време била дел од Источниот фронт. Овој фронт, познат во историјата под разни имиња (Македонски, Солунски), е еден од клучните четири фронта на европскиот континент во овој период. Источниот фронт се шири низ четири земји: Грција, Бугарија, Србија (Македонија која е во тоа време дел од Србија) и Албанија. На 15 септември 1918 започнува победничката офанзива која ќе доведе до капитулациите на Бугарија, Турција, Австро-унгарската империја пред примирјето на 11 ноември 1918 кога се повлекува и Германија.

HAEMUS and Normandie

За мене, како некој кој професионално се занимава со културното наследство и згора имам лиценца за туристички водич, ми претставува ‘голема болка’ што од периодот на Првата светска војна немаме многу информации (теренски и кабинетски), што не поседуваме дигитална база на материјали, ниту пак постои интерес оваа тематика да се истражува, презентира и промовира. Токму поради поширока популаризација и зачувување на локалната колективна меморија, заедно со ХАЕМУС се нафативме да бидеме дел од еден поширок тим во долгорочниот проект за ‘Меморијален туризам од Првата светска војна’. Овој проект е резултат на соработката помеѓу Република Македонија и регионот на Долна Нормандија, а инспириран е од темата за ‘Сеќавањето и помирувањето‘.

The team engaged in WWI Memorial tourism
Групата од Македонија пред влезот на Музејот во Каен посветен на Втората светска војна (photo by ALDA)

Kако почеток на еден процес кој ќе трае неколку години, во октомври 2014 год. имав задоволство да бидам дел од студиското патувањето во Долна Нормандија, во организација на АЛДА, кое беше посветено на меморијалниот туризам од Првата и Втората светска војна. Главниот домаќин во Франција ни беше Регионалниот совет на Долна Нормандија, а на средбите присуствуваа околу 50 учесници од двете држави, локалната власт, претставници на неколку локални самоуправи од Македонија, како и организации кои се вклучени во соработката. Меморијалниот туризам е всушност иновација во соработка помеѓу Нормандија и Македонија и драгоцено беше споделувањето на искуствата од страна на француските експерти, со оглед на тоа што Франција е земја која со децении работи на оваа тематика.

Mémorial de Caen
Холот на Музејот во Каен посветен на Втората светска војна

За време на работните сесии имавме многу состаноци, обуки, работилници, како и теренски патувања и посета на неколку музеи. Ја имавме честа да посетиме неколку историски локации во Долна Нормандија поврзани со Втората светска војна и истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија и да бидеме дел од турата ‘D-day’. Би ги споменала и посетите на Музејот во Каен посветен на Втората светска војна кој за мене претставува еден од најавангардите музеи што сум ги видела на оваа тема, како и Музејот во Перон кој е една од ретките институции што ја раскажува приказната за Првата светска војна, се’ до моментот на помирувањето на Франција и Германија и употребата на булката како симбол на сеќавањето.

Museum at Peronne dedicated to WWI
Музејот во Перон посветен на Првата светска војна и булката како симбол на помирување помеѓу Франција и Германија

Заклучок: Република Македонија има непроценливи ресурси од Првата светска војна кои можат да се искористат како во научни, така и во промотивни, т.е. туристички цели. На сегашната територија на Македонија се случиле некои од најголемите битки во кои загинале илјадници војници од многу националности и религии. Тие почиваат на повеќе организирани концептуални некрополи/гробишта. Aрхитектонските остатоци на местата каде се бореле војските, вклучуваат делови од разурнати комплекси на бункери, позиции, митралески гнезда и ровови кои може да се видат и денеска. И најсетне, ако до сега не сме можеле тоа да го сториме, сега имаме шанса на светот да му ја раскажеме нашата приказна и нашата страна на историјата. Да истражиме и да запишеме, пред поголем дел од сеќавањата да биде засекогаш заборавен и складиран во архиви на податоци кои никогаш нема да му бидат достапни на човештвото.

WWI and Macedonia
И официјално почнува нашата приказна со промоција на културното наследство од WWI од Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име