Дома Антропологија Безистенот во Скопје

Безистенот во Скопје

4,742 views
0

Влезот во Безистен од источната страна вдолж Златарската уличка (лево) и неговата внатрешност

Пред извесно време бев дел од еден проект каде имав несекојдневна ‘Бесплатна прошетка низ јавните места како мој приватен простор‘. Настанот беше во склоп на повеќедневниот проект на НВО Контрапункт, насловен како ПРИВАТНО | ЈАВНО (заземање простор — > правење простор), а во мојот случај се работеше за класична пешачка тура низ културно-историските споменици на Скопје, но таа се состоеше од два дела – да се кажат главните информации за еден споменик, но и личната прикаска која мене ме врзува со него. Така за Скопското Кале ме врзуваат спомени од ископувањето во 2007 година каде од март-октомври бев дел од тимот за документација, за Куршумли Ан ме врзуваат спомени од концертите на Мизар, но најмногу лични и колективни спомени од целата Скопска чаршија всушност ме врзуваат со Багдад кафе.

Кога ќе се спомене Безистен, она што на него ме потсетува – се мирисите околу Багдад Кафе. Од зачини до јадења, а пред се од разните чаеви донесени од целиот свет, припремани и послужувани во мали специјални чајничиња за ќеиф на гостите. Малата чајџилница со години беше собиралиште на генерации авангарни креативни луѓе, од кои некои денеска се познати во светски рамки. Функционирашње доста долго во 90тите години од 20 век, се до замирањето на чаршијата некаде по 2001 година. Кафе Багдад го снема, како и многу други алтернативни места од типот на 21, Арарат и Мондријан, а просторот во Безистен онеме под чекорите на ретките минувачи и посетители.

Bezisten 2 Bezisten 1

Но, ете чудо, по скоро десетгодишна борба, Старата скопска чаршија заживеа. Неколку добри потези на сегашната Владата на Република Македонија, како проектот за ревитализација и прогласувањето на стариот дел на Скопје за културно наследство со законот во 2009 година, придонесоа луѓето повторно да се вратат во најубавиот и најавтентичниот дел на градот. Заживеа на моја голема љубов и задоволство и Безистенот. Повторно се наполни со кафулиња, чајџилници и галерии каде луѓето, посетителите и туристите остануваат до доцните часови.

За оние кои не знаат каде се наоѓа Безистен и како да стигнат до него, тој е лоциран вдолж Златарска уличка и сместен е на тромеѓето од Кади – ќосината џамија, најмалата уличка во чаршијата и возобновената Араста џамија покрај која се наоѓала т.н. покриена чаршија, т.е. единствениот покриен дел во некогашната стара чаршија. Самиот објект има квадратна форма со четири големи капии ориентирани на сите четири страни на светот, а вертикалната и двете хоризонтални улички овозможуваат слободно движење низ целиот внатрешен простор од 775м2. Во средината денеска се наоѓаат два засебни објекта за кои постои запис дека некогаш биле столбови кои подржувале кровна конструкција, оти објектот бил од типот на затворените Безистени.

Кафето се служи во оригинални ѓезвиња и старски филџани

Зборот Безистен потекнува од арапските, т.е. персиските зборови ‘без’-платно и ‘и-стан’-продажно место, означувајќи ја главната трговска функција на дуќаните која опстојувала со векови. За овој културно-историски споменик се сврзани неколку големи настани кои оставиле трага на целиот стар дел од Скопје. Изграден во средината на 15 век од Исхак бег, Безистенот прво бил срушен од земјотресот во 1555 година, а потоа дополнително уништен во 1689 година, кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил целото Скопје.

Помеѓу овие два настани, кон средината на 17 век во Скопје допатувал познатиот турски патеписец Евлија Челебија кој запишал дека во Чаршијата имало 2.150 дуќани. ‘Секој дуќан го красат саксии со зумбул, со темјанушки, ружи, зимски ружи, босилек, јоргован, со кринови. Сите посетители и трговци се опиваат од нивниот мирис. Има деловен и чесен свет… Има еден Безистен, за чиј опис јазиците се недоволни, а перата немоќни и слаби. На двата влеза има железни порти со кубиња. Прилега на една цврста тврдина. Безистенските трговци секогаш му палат на гостинот мирисен темјан и ги прскаат муштериите со ружина вода. И тука на човека паметта ќе му се занесе од мирисот на мошус, камфор со зумбулов мирис’.

 Македонскиот огранок на ICOMOS е сместен во Безистен

Според Данило Коцевски, вљубеникот и хроничарот на Скопје, од историските податоци што ги открил, запишано е дека порано, за време на Отоманската империја, посебно во 16 век, дуќаните се отворале многу рано, се затворале на зајдисонце, а навечер биле надгледувани од чувари наречени пасванџии. Сите газди на дуќаните самите ги плаќале пасванџиите со специјална такса за ноќно чување. Парични казни се наплатувале и од лицата што ноќе, без причина, се задржувале во Чаршијата.

Очигледно е дека по палењето на Пиколомини, Бесистенот не бил долго обновен. Записите на еден од најпознатите британски археолози, сер Артур Еванс, кој живеел неколку години во Скопје во последната деценија на 19 век, бележат опис на објектот чиј цел прв спрат е срушен и цртежи според кој тој го датира како византиска градба. Избледениот натпис на источната капија, онаа врата што се наоѓа кога во објектот се влегува откај Златарската уличка, сведочи дека денешниот Безистен е изграден во 1899/1900 година на местото од некогашниот безистен што го подигнал Исхак бег во периодот помеѓу 1445 и 1496 година.

 

Исто така помеѓу големите настани што го зафатиле Безистенот, треба да се споменат пожарот во 1908 година што ја зафатил целата чаршија и во чие гаснење лично учествувал големиот писател Бранислав Нушиќ, како и големиот земјотрес во 1963 година, кои како и на другите објекти, несомнено оставиле видливи траги врз архитектурата на Безистенот, после кои е направена негова реконструкција и ревитализација.

Некогашното продажно место за текстил сместено во срцето на стариот дел на градот и тајно затскриено со околната архитектура, денеска е еден од напријатните амбиенти за скопјани за и туристите. Покриено е со гратис wifi интернет и претставува една од ретките локации каде можете се уште да се напиете оригинален турски чај и кафе во адекватно послужување. Државата направи доста за старата скопска чаршија, сега се бизнисмените, туристичкиот сектор и граѓаните на потег. Безистенот е дел од секоја моја пешачка тура низ Скопје кога ги шетам странските туристи, а исто така и место каде понекогаш навечер се наоѓам со своите пријатели за да се освежиме од напорното работно секојдневие.

Bezisten 3 Bezisten 4

А вие драги читатели, истражувајте го сопствениот град и понекогаш дозволете да се чувствувате како туристи. За тоа време и јас ќе истражувам и ќе запишувам. Моќта на интернетот е преголема да дозволиме нашето културно-историско богатство да остане затскриено зад патините на времето.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име