Дома Археологија Истанбул – Европски град на културата за 2010 – (Дел 2)

Истанбул – Европски град на културата за 2010 – (Дел 2)

3,071 views
0

На сите оние кои сакаат да го разгледаат родниот град на славниот писател Орхан Памук, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година, ќе им бидат потребни многу мапи за влезот во минатото исполнето со историја, цркви, џамии и многу други дела и настани. При тоа не би требало да ги пропуштат: Султан Ахметовата (Плава) џамија, наспроти неа црквата Св. Софија и цистерната Базилика, во нивна близина Археолошкиот Музеј, црквата Св. Ирина и палатите Топ Капи и Долма Бахче – резиденции на отоманските султани од почетокот на царството до младотурската револуција на чело со Кемал Ататурк.

Оваа црква во која се одржал Вториот Вселенски Собир е посветена на Великомаченичката Ирина: Првиот христијански маченик од Македонија.

Големо внимание во Истанбул предизвикува археолошкиот парк каде меѓу другото може да се погледне дел од оригиналната Порта на божицата Иштар во Вавилон и еден од саркофазите кој бил наменет за Александар Македонски од некрополата во Сидон (денешен Либан). Исклучително орнаментираниот саркофаг обезбеден со стакло и ласери е еден од најпознатите артефакти од дрвниот свет во Археолошкиот Музеј покрај кој дневно поминуваат илјадници туристи. Подолу е видео клипот кој успеав да го направам при една од моите посети на овој богат музеј.

[youtube]Y9rRRFn6Ya4[/youtube]

Осум порти се отворале кон срцето на Вавилон, заштитен со надворешен ѕид и внатрешен бедем. Осмата капија во северниот дел од градот т.н. Порта на божицата Иштар (чијашто најпрегледна реконструкција се наоѓа во Пергамонскиот Музеј во Берлин), е еден од неговите препознатливи знаци. Подигната во чест на вавилонската богинка на љубовта, била изградена околу 575 BC од кралот Набукодоносор II. Истиот оној кој ги подигнал Висечките градини на Семирамида, едно од седумте чуда на стариот свет.

На видео клипот е снимката што ја направив лани во Музејот за ориентална култура, кој се наоѓа во Археолошкиот парк во Истанбул, заедно со уште два други музеи. На него се гледаат остатоците од оваа Порта која денеска се наоѓа распрчкана низ 15 музеја по светот.

[youtube]1K7exfpRvpg[/youtube]

За да се почувствува мирисот на ориентот во Истанбул, би требало да се посетат Капали чарши и Египетскиот пазар на зачини. Доколку туристите имаат време може да се повозат со едно од многуте бротчиња кои крстатат низ Златнот рог преполни со туристи, да прошетаат до палатите Топ Капи и Долма Бахче, да се напијат кафе кај Галата кулата со поглед на Босфор или пак да прошетаат низ плоштадот Таксим и улицата Иштиклал. При тоа не треба да заборават на ценкањето како стил и начин на живот кај домашните трговци.

Со милениуми многупати опседнуван од Персијанците, Македонците, Ломбардите, Словените, Аварите, Бугарите, Русите, Готите, Хуните, Печенезите, Крстоносците и исламските војски, Истанбул е град во кој се сретнале многу цивилизации чии траги се видливи насекаде низ градот.

Меѓу другото, во аналите ќе остане забележано дека Истанбул е град кој во 2006 година го посети папата Бенедикт. По Седмиот Вселенски собор, ова е првиот Папа кој воопшто отишол во земјата каде се одржале сите седум вселенски собори, што е само по себе чин за пофалба. Од 2007 година Истанбул е дом на најголемото археолошко ископување на светот на кое работат 50 археолози и 750 работника, 24 часа на ден, 7 дена во неделата, на површина од отприлика 10 просечни градски блока. На ова ископување кое започна како реакција на Проектот Мармара, еден од најскапите проекти во светот со кој треба да се спојат двата дела на Истанбул со подземна железничка линија, за само неколку месеца во квартот Yenikapi се открија:

– Најстарата населба на територијата на Истанбул
– Најраното познато обѕидување на Константинопол
– 22 брода, вклучувајќи една Византиска галија за прв пат

Со изборот како еден од трите европски градови на културата, на Истанбул му се дава можност да ги раскаже сите тајни приказни и скриени легенди. Многу настани, изложби, работилници, концерти, биеналиња и перформанси … многу музеи, хотели и паркови се спремни да ги угостат туристите, како искуство кое треба да го доживеат и низ кое треба да помине секој љубител на културата. Со пиететот “Европски град на културата” Истанбул веројатно ќе биде една од петте топ дестинациите во Европа за 2010 година. А зарем тоа не бил и отсекогаш?

Крај

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име