Home Cпонзорирано Meet, See, Do 2024 – Меѓународна музејска конференција за заштита на културното...

Meet, See, Do 2024 – Меѓународна музејска конференција за заштита на културното наследство во време на криза

756 views
0

Осмото издание на “Meet, See, Do”, годишната конференција на Балканската мрежа на музеи, оваа година собра повеќе од 70 учесници од 17 европски земји во Тиват (Црна Гора). На конференцијата учествуваше и голема делегација од Македонија со професионалци од музејскиот, граѓанскиот и бизнис секторот.

Конференцијата беше организирана во соработка со домаќините Музеј и Галерија Тиват како и со сесрдна подршка од општината Тиват, со цел да се зајакне регионалната соработка и да се поттикне создавање партнерства меѓу експертите посветени на зачувување на културното наследство. Веројатно најзаслужна за сето ова е Аида Вежич, претседател на Балканската мрежа на музеи и организатор на конференцијата според која овие конференции претставуваат одлична можност за средби, инспирација и нови партнерства, а истовремено им даваат ветар во грб на професионалците кои се борат за зачувување на културното наследство дека не се сами, туку дека се поддржани од мрежа на колеги низ целиот свет, а не само балканскиот регион.

Во текот на конференцијата се одржаа презентации на успешни музејски практики, интерактивни работилници и панел дискусии кои помагаат да се отворат важни прашања од музејската професија. Од името на ХАЕМУС јас имав работилница која покрај кратката презентација, беше дизајнирана како динамична вежба за создавање на игрифицирани искуства во кои се применуваат алатките на интерпретацијата, гамификацијата и секако storytelling-от, т.е. раскажувањето. За мојата работилница “Engaging children and youth with storytelling and heritage gamified activities”, ќе напишам посебен текст.

За време на овој меѓународен состанок беа презентирани два европски проекти во кои Балканската мрежа на музеи е партнер и кои се финансирани од програмата Европски Хоризонт: проектот SHIFT, кој користи нови технологии за подобрување на пристапноста до културното наследство за слепите и слабовидните лица и Проектот AURORA, кој ги истражува иновативните пристапи за заштита на артефакти од нелегални активности за ископување и кражба, и со користење на хемиско обележување, минијатуризирани уреди, техники за длабоко скенирање (HRF) во дигитална платформа каде што ќе се зачуваат сите овие податоци.

Македонската делегација на конференцијата Meet, See, Doo 2024 во Тиват, Црна Гора

Значаен момент на конференцијата беше најавата за лансирање на новата програма за културно наследство, Фондот за културно наследство на Југоисточна Европа, Headley Trust 2024-2026 година, која ќе биде достапна за институциите и организациите за културно наследство во регионот на Југоисточна Европа. Целите на Фондот се насочени кон подобрување на ангажманот и управувањето со културното наследство на Југоисточна Европа. Ова вклучува градење на капацитетите на младите, заедниците, професионалците за наследство и организациите од граѓанскиот сектор, како и подобрување на регионалната соработка и разбирање.

На конференцијата беше прогласен и добитникот на првата награда „Куратор за мир“, која се доделува на музејски професионалец од Западен Балкан, кој даде значаен придонес во процесот на градење на мирот. Првата награда ѝ припадна на Мерима Ражаница од Музејот на военото детство од Сараево..

Конференцијата “Meet, See, Do” во Тиват беше финансиран од The ​​Headley Trust UK и кофинансирана од Европската Унија преку програмите AURORA и SHIFT.

По завршувањето на конференцијата, претставниците од Македонија го посетија историскиот дел на Котор кој е впишан во листата на УНЕСКО како светско културно наследство.