Златните маски од Требениште се уникатна појава не само во балканската, туку и во светската археологија. Нивната вредност е немерлива. Не само затоа што се направени од злато, туку поради тоа што сведочат за уметничките, техничките и религиозните дострели на времето кога се создадени. Верувам дека секој од вас ги видел овие драгоцени артефакти на фотографија, на македонската банкнота од 500 денари која катадневно ни поминува низ рацете, а некои од вас ги видоа и во живо кога во 2019 година патувачката изложба за оваа охридска некропола започна од Скопје.
За сега на територијата на Македонија пронајдени се 5 целосни златни маски, од кои 2 се наоѓаат во музеј во Софија, 2 во музеј во Белград и една во златната соба на Музејот и Завод во Охрид. Пронајдени се и мноштво на фрагменти на археолошките локалитети од антиката кои упатуваат дека потенцијално имало и други вакви погребни маски, особено на територијата на Македонија. Забележлива е тенденцијата на македонските археолози во последните 10-15 години да ја избегнуваат темата за етничкото потекло на носителите на Требенишката култура, иако според периодизацијата овие богати кнежевски гробови од 6. – 5. век пр. н.е. најчесто им се припишуваат на Пајонците.
Овие златни маски најверојатно ги имитирале ликовите на покојниците. Тие се изведени шематски и имаат големи бадемасти очи, кај некои се нагласени и веѓите, а странично и по должината имаат орнаменти од сплетени ленти. На една од маските, поточно онаа од гробот I од Требенишката некропола, над коренот од носот има пластична изведба на пчела. Ќе се запрашате пак, од каде сега пчела токму на маска која е од злато и очигледно припаѓала на повисок ранг на луѓе во тогашната заедница! Некои истражувачи сметаат дека пчелата како симбол е донесена од Египет кадешто претставува еден од првите кралски симболи и во погребниот обреден систем ја визуелизира душата на божествениот покојник, т.е. ја симболизира неговата моќ. Но пчелата како симбол се сретнува во многу култури и цивилизации пред и по Требеничката некропола и веројатно се потребни некои малку поопширни анализи на ова тематика.
Траги на мед (а преку него веројатно и на медовината) не се потврдени во гробните наоди од некрополата во Требениште. Генерално, во македонската археологија многу ретко се прават хемиски анализи на остатоци од храна, прескокнувајќи ги дури и оние ископувања од 2002 година во Охрид кога се пронајде последната златна маска. Затоа пак медот е потврден со хемиската анализа на талогот откриен во некои култни садови на Балканот кои се истовремени со златните маски. Според археолошките докази, одредени истражувачи се на мислење дека во тој период во поголемиот дел од Европа, традициите на користење медово вино биле многу подоминантни во однос на виното од грозје. Со голема веројатност може да се смета дека присуството на овие компоненти се должи на есхатолошките аспекти кои произлегуваат од медот (и пчелата како негов создавач) или посредно – во светиот пијалак што се добивал преку негова ферментација. Нели, виното со мед е пијалок на боговите!
Од друга страна пак, популацијата на Apis mellifera macedonica во голема мера се поклопува со ареалот на досега пронајдените слични златни маски во Македонија и северна Грција, кои 100 години по нивното откривање прераснаа во мит, легенда и вечна мистерија. Одвоена во 1988 година како посебен подвид на автохтона македонска медоносна пчела, можеби токму Apis mellifera macedonica ќе ни го даде одговорот на многу прашања поврзани со златната маска во Требеништe и односот на древните луѓе кон природата, религијата и секако „Медената земја“.
Литература:
Поповић В., 1966. О пореклу грчких архајских предмета из некрополе код Требеништа са посебним освртом на проблем златних маски. Старинар XV–XVI. Београд. 1966. 15–30.
Соколовска, В., 1997. Етничките носители на Требенишката некропола. Скопје-Охрид. 1997.
Kuzman, P., 2008. Le masque funéraire en or d’Ohrid dans le contexte des trouvailles identiques du cercle culturel de Trebeništa. In: Археолошките откритија на почвата на Македонија: прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија, Археолошките откритија на почвата на Македонија: прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија. Македонска академија на науките и уметностите. 231-246.
Чаусидис, Н., 2017. Македонските бронзи и религијата и митологијата на железнодобните заедници од Средниот Балкан. Скопје: Центар за истражување на предисторијата.
Ardjanliev, P., Chukalev, K., Cvjetićanin, T., Damyanov, M., Krstić, V., Papazovska, A. and Popov, H. eds., 2018. 100 years of Trebenishte. Sofia; [Skopje]; Belgrade; Ohrid: National Archaeological Institute with Museum – Bulgarian Academy of Sciences; NI Archaeological Museum of Macedonia; National Museum in Belgrade; NI Institute for protection of monuments of culture and museum – Ohrid.
Јакимовски, А.,Саракински, В. (едит.), 2022. Пајонија и Пајонците: извори: историја: археологија. Скопје: Филозофски факултет.