Дома Антропологија Обичаите „Иванка“ и „Тајане Бојане“ за Иванденските празнувања

Обичаите „Иванка“ и „Тајане Бојане“ за Иванденските празнувања

866 views
0

Се смета дека Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет. Иванден се слави на 7-ми јули и во него се преплетуваат обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Празникот е поврзан со летната долгодневица. Кај народот се верува дека тој ден сонцето игра или се превртува трипати и затоа Иванден како празник се паѓа во најтоплиот период од годината. За Иванден, иако е христијански празник, се прават многу ритуали со билки, бидејќи се верува во нивната магиска моќ. Собирачот на народни умотворби Марко Цепенков запишал:

На ден Иванден арно е да се збираат секакви билки и тревки, 
многу за арно било: са година здрав ќе бил.

Сте слушнале ли некогаш за обичаите „Тајане Бојане“ и „Иванка“?

И што е тоа толку скришно што го прават момчињата и девојчињата наспроти празникот Иванден!

Обичајот „Иванка“

Кај македонскиот народ самото празнување се состои од поголем број обичајно-обредени дејствија: берење на иванденско цвеќе, налевање на вода во ѓумот кој потоа се украсува во кукла „Иванка“, пеење на иванденска песна, обиколка со куклата и нејзино дарување, и растурање на куклата.

Обично мали девојчиња до пубертетска возраст дента спроти празникот почнуваат со берење на „магиското“ иванденско цвеќе – камилицата. Камилицата често ја нарекуваат и боливач. Цветот на камилицата е жолт со бели ливчиња и многу асоцира на сонцето, па токму затоа овој празник е поврзан со периодот на летната долгодневица.

Откако ќе ја соберат камилицата, девојчињата прават женска кукла. Прво земаат бакарен ѓум и го полнат со вода од три чешми, а потоа од него прават кукла што ја нарекуваат „Иванка“. Иванката може да се накити со прстени, белегзии, ланчиња. Се верува дека откако „ќе преноќеваат“ во ова ѓумче, цвекињата се здобиваат со магиска ноќ, па кога ќе се растури Иванката, девојчињата ги стават цвекињата под перница за да го сонуваат својот иден брачен сопатник.

Фотографиите на Орданче Петров се превземени од каталогот за изложбата „Иванки“, од истражувачите д-р Мери Стојанова и д-р Ели Луческа.

Запомнете, „Женската поворка Иванденка од Ресен“ со Одлука на Влада на Република Македонија, во 2020 година е прогласена за заштитено нематеријално културно наследство, категорија особено значење, поткатегорија исклучително значење. Мора да е многу важен овој обичај и да го познаваме, штом и државата го заштитила на највисоко ниво.

Повеќе за обичајот може да се прочита на следите линкови: https://bit.ly/2VRIIJ8 и тука https://bit.ly/2DllHrT

Тајане Бојане

Во Прилепско, Битолско и Крушевско за Иванден има сличен обичај со друго име „Тајане Бојане“. Групи на момчиња и девојки собираат билки вечерта спроти Иванден. Билките служат да се украси едно ѓумче кое се полни од вода на три чешми, се носи на глава и се вика „Тајане“.

За да ви ја откријам тајната за „Тајане Бојане“, ви ја споделувам видео слем поезија на поетесата Маја Малиновска, којашто пристигна на конкурсот за настанот „Сподели го твоето наследство“, којшто со ХАЕМУС го организиравме во соработка со Poetry SLAM Macedonia повод „Меѓународниот ден на културното наследство“ во 2020 година. Оваа песна е поттикната токму од обичајот во Битола кој се практикува(л) за Иванден и е скоро веќе на замирање.

Традиционално за празникот Иванден се прават кравајчиња, но се прават и многу други обичаи и ритуали, што зависи од регион до регион како се пренесува оваа традиција. Нека е среќен празникот Иванден, некој слави име, а некој слава.

Да си го чуваме, почитуваме и споделуваме нашето богато културно наследство 🏛🇲🇰❤️

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име