Home Археологија Недостаток на стручни кирилични содржини како валидна референца

Недостаток на стручни кирилични содржини како валидна референца

4,086 views
3

На изминатата конференција “За употребата на кирилицата на Интернет” која се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци”, бевме поканети неколку блогери (Ментална Онанија, Археолошки дневник, Волан, Виолетова, Кими, Конзерватив), a што се говореше на самата дебата можете да прочитате од постовите на Волан,  на Алек, делумно во коментарите кај Виолетова, како и колумната на Филип.

Самата конференција не донесе ништо ново во поглед на одредени решени, туку на едно место ги сублимираше сите проблеми со кои реално се соочуваме со нашата азбука на интернет секојдневно. Имаше интересни размисли или изјави како онаа на Министерот за информатичко општество дека ќе “донирале гратис” 20 македонски кирилични фонтови. За да биде се во духот на Владата за која работи, нели!? 🙂

Јас лично имав две забелешки кои ги кажав јавно. Првата беше упатена до гостинот од Бугарија кој својата презентација во power point (кој подржува кирилични фонтови) на конференција со работен наслов за зачувување на кирилицата, ја имаше направено на “англиски”. Втората забелешка беше многу покритична, бидејќи не беа поканети луѓето од Слободен Софтвер. Настрана тоа што јас лично многу ја почитувам нивната работа, тие се сепак носители на повеќето кирилични македонски локализации на многу од софтверски програми и нивното присуство не само што е нужно на вакви конференции, туку е и повеќе од потребно.

Имаше коментар дека “блогерите биле звезди на вториот дел на конференцијата, каде се покажаа како вистински познавачи не само на своите блогови каде креираат содржини на Македонски јазик туку и како познавачи на процесите кои се одвиваат на интернет а се поврзани со Македонски јазик”. Но на оваа дебата не отидов за да бидам декор, туку учесник кој активно создава содржини со своите писанија секој ден на интернет. Одамна се имам изјаснето зошто пишувам на кирилица на својот сајт и на другите блогови (види во ЧПП), со исклучок на мојот блог на англиски кој во последно време малку поинтензивно го активирав.

Едно од прашањата на кои се осврнав беше создавање, а не подигнување на кирилични содржини на интернет. Неоспорен факт е дека кириличните содржини во Република Македонија се создаваат од страна на два ентитета – медиумите и блоговите. И додека првите се прилично пристрасни и подложни на политички пермутации, скаламуции и пертурбации, вторите придонесуваат за збогатување на јазикот со нови содржини и отворање на нови погледи, размисли и перцепции. Некаде на пола пат помеѓу медиумите и блоговите се наоѓа Македонската Википедија чија судбина не се темели на напредокот во информатичката технологија, туку од (у)потребата на македонската кирилица на Интернет.

Проблемот со кој се соочува Македонската Википедија (и воопшто кириличните содржини) не лежи во малиот број на корисници, ами во недостатокот на стручни кирилични содржини со кои тие можат да ги поткрепат своите статии и кои би претставувале валидна референца за цитирање. Беше спомената Каталонската Википедија која е пример за јазик кој  нема држава, а моментално на неа се во оптек околу 177.324 написи, за разлика од Македонската која едвај брои околу 30 000 статии. Како активен корисник кој веќе неколку години придонесувам за содржините на Македонската Википедија во областа на археологијата и културното наследство, (вклучувајќи го и проектот Археомак 2.0) изнајдов начин да ги спојам овие две работи со тоа што делумно некои мои постови ги пишувам во духот на Википедија за да можат подоцна да бидат искористени и да се се постават како статија на оваа отворена енциклопедија. Но не можеме јас и мојот блог да служимо и цару и народу и да го понесеме товарот за создавање на е-археолошки содржини само затоа што сум единствениот археолог во Македонија кој пишува на интернет. Или поточно со мали проблесоци да не кажам дека сум единствената која воопшто нешто создава на овој медиум од сферата на археологијата, оти на толку ископувања по закон до сега требаше да има илјадници написи, документации и научни трудови од другите македонски колеги. И повеќето од нив подигнати и достапни на веб како што е практика насекаде во светот.

Но проблемот не е само во македонската археологија, туку во отсуството на научниот свет на интернет. Поточно отсуство на научниот свет воопшто, а не само во електронските медиуми. Ниту имаме институција која би ги координирала сите овие активности, ниту пак некој се грижи за проблемот на заштита на кирилицата и нејзината употреба на интернет. А додека на некого му текне, многу лесно во меѓувреме може да се случи да се самоасимилираме со англискиот јазик, оти во отсуство на кирилични написи за Македонија, истите во многу поголема мера и обем можете да ги сретнете на било кој друг јазик и на било каков медиум. А секогаш ама баш секогаш има за што да се пишува, па макар тоа не било и научно. Блоговите се најдобар доказ за тој процес.

Со интернетот јас сум граѓанин на светот. Бескуќник во времето. Но ако архивите се сведат само на дигитални записи, тогаш со истата брзина со која ја купувам “историјата”, ќе си го купам и заборавот.

3 COMMENTs

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here