- Вие си мислите Охрид-Скопје ривалитет, ама не сте знаеле дека некојпат „Скопско“ пиво се викало „Охрид“! За помошта околу пронаоѓање и датирањето на некои етикети, упатувам неизмерна благодарност до Златко Ангелески од Прилеп.
По неколкугодишно научно истражување, архивирање, прибирање на артефакти, интервјуирање на луѓе, креирање на дата база за сите собрани информации и создавање на искуствен центар, моите научни истражувања за Пивара Скопје АД преточени во научно-популарни текстови можете да ги прочитате на веб страницата на компанијата.
- Како научен консултант на Пивара Скопје АД, би сакала да заблагодарам за соработката со Ламбро Патче и Марија Мининчиќ, тимот на Пивара кој ни ја пружи сета можна логистичка и финансиска поддршка за да можеме научно да го врамиме времепловот на компанијата кој започнува со првото произведено индустриско пиво во Македонија и создавањето на Парната Пивара АД во Скопје во 1922 година.
Наточено од
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
24 АВГУСТ 2022
Денес најпопуларното македонско пиво несомнено е светлото „Скопско“, а зад него стои широка лепеза на разни вкусови на пиво за сечие непце. Но, дали сте знаеле дека на самите свои почетоци Пивара Скопје произведувала и точела два главни вида на пиво ― бело (светло) и црно (темно) пиво? Од рекламите во весниците во периодот меѓу двете светски војни дознаваме дека Парна Пивара – Скопје, како што долги години гласело официјалното име на компанијата, на своите клиенти им го препорачувала своето „бело“, а подоцна „12% експортно жолто пиво“ и „14% црно пиво“. Овие две категории одговараат на денешните „светло“ или „лагер“ и „темно“ пиво, при што пивото од тогаш, па до денес се прави според оригиналниот чешки рецепт, но со посебен шмек кој го добива од скопската бунарска вода. Од етикетите кои се сочувани само благодарение на страствените вљубеници во пивото дознаваме дека истата таа понуда на „бело“ и „црно“ пиво опстојала и децении подоцна, во периодот после Втората светска војна.
Кон `50-тите години во продажба било пуштено „Бело пиво-Охрид“. Од зачуваната етикета се гледа дека било произведено од 14% сладен екстракт, во пакување од 0,33 л. Идејното решение на етикетата е доста интересно. На жолто-сина заднина е илустрирана една од најпознатите културно-историски знаменитости на Охрид ― Самоиловата тврдина ― а под неа со градација во димензии стои натписот „Бело пиво – Охрид“. На централниот горен дел е поставено тогашното лого на компанијата, со старото име „Парна Пивара – Скопје“. Од севкупниот впечаток кој го остава етикетата се гледа дека „Белото пиво – Охрид“ било понудено како соодветно дополнување на туристичката понуда од тоа време, а самата етикета е своевиден придонес во промовирањето на културно-историското наследство како туристички потенцијал.
Активната вклученост на компанијата во туристичката дејност се интензивира во 1967 година, кога пиварницата се приклучува на глобалната акција на УНЕСКО „Светска година на туризмот“ со своја специјална етикета на „Скопско пиво“.
Историските извори и сеќавањата раскажуваат дека во втората половина на `60-тите скопската пиварница произведувала три вида пиво, популарно именувани според процентот на сладен екстракт. Тоа биле: „10“ – бело пиво, „12“ – специјално светло пиво и „14“ – црно пиво „Кабинет“. Во Македонија најбарано било белото пиво, додека на пазарот во Јужна Србија и на Косово најбарано било пивото „Кабинет“. Првите две пива биле полнети во шишиња од 0,33 л и 0,5 л, а „Кабинет“ пивото само во шишиња од 0,33 л.
Една етикета од `70-тите години сведочи дека пивото „Охрид“ сѐ уште се произведувало. Овојпат тоа било именувано едноставно како „Охрид-светло пиво“, а и името на пиварницата е променето во скратената верзија „Пивара – Скопје“. Во тоа време честа практика било етикетите да се доставуваат како промотивен материјал до туристичките агенции, заедно со другите производи на пиварницата. Така и оваа етикета била испечатена на промотивните материјали на тогашната туристичка агенција „Генералтурист“ од Скопје.
Во истиот тој период и „Скопско пиво“ ќе биде означено со описот „светло“. Пивото „Охрид“ се повлекува во историјата, а „Скопско светло пиво“, меѓу народот набргу ќе биде познато едноставно како ― „Скопско“, што ќе биде одразено и во самиот натпис на етикетите.
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје
Архивски извор: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје
Текстот оригинално е објавен на 24.08.2022 на сајтот на Пивара Скопје АД.
Related posts: