Дома Cпонзорирано Патешествие околу светот со срцето во Малешевијата

Патешествие околу светот со срцето во Малешевијата

1,157 views
2

Еден убав и невообичаено топол ноемвриски ден, се упативме во срцето на Малешевијата, или како што најчесто ја нарекуваме „нашата мала Швајцарија“. А таму природата која здив одзема, со сета раскош својата убавина ја растурила. Во некоја следна прилика ќе објаснам и сликовито колку е понекогаш тенка границата помеѓу природното и културното наследство, но сега ве поведувам на прошетка која е лична но и различна од сето она што досега сум го доживеала истражувајќи ја Македонија.

Голема благодарност до Програмата за зачувување на природата која со поддршка на Владата на Швајцарија ни ја обезбеди оваа промотивна тура наменета за тур оператори и новинари. Јас се најдов меѓу избраните бидејќи држев обука за интерпретација на наследството на грантистите кои се дел од програмата „Со грижа до бериќет“.

Додека се движевме со автобусот кон Источниот плански регион, попатно научивме дека за последните десетина години колку што оваа Програма за зачувување на природата постои, направени се многу големи работи, не само на локално туку и на национално ниво. Изработени се повеќе студии, истражувања, а во борбата со администрацијата да се прогласат Малешевските планини и дел од Осоговските планини за природно наследство заштитено со Закон од страна на државата постигната е навистина голема работа. Во 2022/2023 година оваа програма влегува во завршна фаза кадешто треба и да се капитализираат повеќето од сработените проекти. Еден од тие проекти претставува и туристичката понуда во Брегалничкиот регион која е збогатена со два интегрирани туристички пакети. Менаџирани од страна на туристичките агенции Balkan Prime Tours  и Mountain Experience овие тури вклучуваат 8 локални чинители од Осоговскиот и Малешевскиот регион кои имаат за цел да придонесат кон подобрување на економската положба на локалното население преку одржливо користење на природните ресурси. Преку промоција на традицијата и културата, природните вредности, како и грижа за животните и природата, овие пакети нудат активен престој и уникатно доживување за посетителите.⛰️ 🍲 🍂 🐝

Со нашата посета се чини дека имавме привилегија да го почувствуваме духот на неколку од овие локални чинители. Посетата започна од „Едукативниот центар за зачувување на природата“ во с. Негрево, преадаптирано старо основно училиште во кое забележав многу интерпретциски интерактивни алатки, особени за деца и млади. Наоколу се обележани и велосипедски патеки, а онаа наменета за деца е соодветно насловена како „Патеката на Петко“.

Следното наше застанување беше на фармата „Агро Чука“ која се наоѓа во близина, а нејзин сопственик е Маноил Стефановски, историчар на уметност. Имавме привилегија да го вкусиме негровското сирење кое е со врвен квалитет на производство, воопшто не е мрсно и има една пријатна киселкаста нијанса. Заедно со превкусниот зелник од неговата домаќинка Билјана, домашниот ајвар кој ни го понудија беше божествен.

Потоа со групата се придвиживме кон Пехчево во работилницата на Даниела Крстевска за правење на природни органски сапуни. Даниела билките од кои рачно ги прави сапуните претежно ги бере и ги суши самата, што значи дека се од локално потекло. Во сето тоа нејзино детално уметничко објаснување и прекрасното гостопримство од нејзиното семејство, се заљубив кога прв пат во животот пробав и сируп од бор (со домашно правени вафли), којшто локалците го користат и како терапија за дишни заболувања. Си помислив: колку ли убавини и природни терапии ни нуди нашата недопрена природа.

Целата група потоа се упативме во Апи ценарот „Кладенче“ во с. Владимирово, каде освен традиционалното правење на мед овозможена е и апи терапија преку вдишување на медот од пчелите. Освен „пентарењето“ по патеката долга 400 метри притоа проследена со величенствен поглед од кој се гледа целата Малешевија, имавме можност нашите домаќини Верица и Антонио Арнаутовски да ни објаснат што точно значи „пчелна терапија“ во нивната буквално “природна аптека“ која засега има околу педесеттина пчелни фамилии.

На крајот нашето патешествие го завршивме во самото село Владимирово каде се наоѓа и „Културниот центар на Горан Алачки“. Кога ќе влезете во етно катчето вгнездено во некогашниот рид „Китка“, добивате претчувство дека ова место ќе прерасне во голем културен двигател за целиот регион. Погледот на куќата (составена од ресторан во долниот кат и пет апартмани на горниот кат) кон соседниот рид плени, а додека го пиеме локалниот ликер од бозел околу нас се врткаат гостопримливите мештани кои се дел од оваа приказна.

Заклучок:

На оваа несекојдневна авантура сите тргнавме видно возбудени, а на крајот си заминавме со намерата повторно да се вратиме во ова земско катче каде природните убавини се терапија за сите наши сетила. Да не правам муабет пак како „легнува“ со домашна ракија негровското сирење, медот од Владимирово, нежните рачни сапуни кои ја милуваат кожата и народната музика која ги опчинува сетилата. Сите домаќини кои се избрани грантисти на Програмата за зачувување на природата покрај тоа што се професионалци и големи ентузијасти, беа прељубезни. Со нивните приказни го обиколивме светот, но на крајот нивната љубов завршува таму каде и сѐ почнува, во срцето на Малешевијата. И покрај сите предизвици, решиле да останат во Македонија и тука да го реализираат својот сон во форма на мал бизнис.

Овие убавини на нашата држава и искуства што и самите не си ги познаваме доволно се задолжителна животна лекција која постојано треба да си ја преповторуваме! Затоа, свртете се кон Истокот, следете го Сонцето и разбудете ги сите сетила!

И како за крај, заборавив ли да ви кажам дека Источниот плански регион е регион на УНЕСКО? Истражете малку и самите, нека биде и за вас тоа патешествие и лично и различно искуство што ќе го паметите доживотно.

2 КОМЕНТАРИ

  1. Прекрасно опишано доживување на Малешевијата.Се воодушевив,навистина.Јас не сум малешевка,ама искрено сум вљубена во неа и веќе повеќе од 45 години живеам во Пехчево,како пехчевска снаа.

    • Ви благодарам Нада што сте одвоиле време за да го прочитате моето доживување на Пехчево. Навистина тој регион е прекрасен, нуди голем број на можности за различни доживувања, а толку малку е промовиран и посетен. Се надевам дека тоа во иднина ќе се смени и Пехчево и делот од Малешевијата ќе го добијат вниманието коешто го заслужуваат.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име