Дома Артефакт Пајонската свештеничка

Пајонската свештеничка

1,673 views
1

Пајонија е еден од брендовите на древна Македонија сѐ уште недоволно познат како за домашната, така и за странската стручна и медиумска јавност. Пајонската свештеничка пак, чијашто визуелизација се наоѓа поставена на средината од мостот „Око“ пред НУ Археолошки музеј на Македонија (фото 1), несомнено спаѓа помеѓу топ 10 археолошки откритија на сите времиња во нашата држава. Дека на пајонската свештеничка ѝ треба поголема афирмација, сведочи и фактот што многумина поминуваат покрај неа, честопати се фотографираат, но поради отсуство на сигнализација не можат да прочитаат повеќе информации за овој ексклузивен наод а исто така не знаат на пример дека реконструкцијата на нејзиниот гроб (фото 2) се наоѓа на вториот кат во Археолошкиот музеј.

Исклучителното погребување на една женска индивидуа која била на возраст од околу 35 години, се случило во летото 1997 година, при археолошките истражувања на некрополата на Лисичин Дол во Марвинци. Набргу овој наод е научно публикуван, при што е предложена и визуелизација на свештеничката (фото 3). Може да се забележи дека доминира церемонијалниот појас кој е составен од голема кружна плоча изработена од бронза прикачена на појас од органски материјал на кој биле пришиени повеќе од стотина калотести копчиња и композитен предмет, кој завршува со висулец во форма на афионова чашка во кој биле откриени остатоци од опиум.

Од железното доба (7-6 век п.н.е), откриени се уште неколку слични вакви пајонски свештенички, а предметите околу нив означени како „македонски бронзи“ пронајдени во оригинална позиција ни сведочат за статусот на покојничката којшто бил поврзан со одредена категорија луѓе кои имале посебно место и улога во заедницата, односно со можноста дека определени жени во заедницата биле чувари на култните вредности и религиозните активности во таа локална заедница.

Од таа причина се решив корицата на мојата книга за деца „Праисториска читанка и вежбанка“ посветена на младите истражувачи да биде илустрирана токму со овој прекрасен наод (фото 4). Комплетните илустрации како и корицата ги правеше младата и супер талентирана Бисера Наумовска.

Корица на мојата книга „Праисториска читанка и вежбанка за млади истражувачи“ во издание на ХАЕМУС

Доколку сакате да дознаете повеќе за светот на древните Пајонци, вкуцајте го на сајтов во пребарувачот зборот Пајонија, ќе ви излезат многу интересни мои написи како и видеа од настани кои сме ги организирале со ХАЕМУС на оваа тема.

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име