На 9 декември 2021 година во организација на Советот на Европа, се оддржа првата академска работилница за културни рути во Европа, на којашто бев лично поканета. Поканата дојде како резултат на моето неколку годишно учество како консултант на проектот Triple P Tourism, создаден од RCC (Regional Cooperation Council) и наменет за креирање на културни политики како и итинерари за културни рути на Балканот. А каде е културното наследство на мојата Македонија, таму сум и јас! 🙂
Оваа работилницата на Советот на Европа обедини 265 научници, истражувачи и студенти од 43 држави, кои учествуваа во размена и споделување на нивните истражувачки резултати во областа на студиите за културните рути. Фокусот беа темите од културно наследство (зачувување, подобрување, интерпретација, управување, итн.); туризмот (културен туризам, одржлив туризам, туристички индикатори и мерење, трендови кои се појавуваат, итн.); учеството на заедницата (ангажман на локалните заедници, „грас-рут“ проекти, сопственост на наследството итн.); локалниот развој (одржлив развој, наследство и туризмот како двигателиза развој, итн.) и секако неизбежните влијанија од пандемијата со „ковид-19“ во секторите на културата, наследството и туризмот (трендови, употреба на виртуелна реалност и дигитални технологии, креативност и издржливост, финансирање и финансии за закрепнување по Ковид, итн.).

Културните рути се создадени од Советот на Европа во 1987 година. Нивната основа цел е преку патување низ просторот и времетo, да го прикажат наследството на различните држави и култури во Европа кои придонесуваат за заедничко и очигледно мошне живо културно наследство. Културните рути се еден вид на транснационални мрежи на народите кои живеат во Европа. Тие служат како медиуми за меѓукултурен дијалог и промовираат подобро запознавање и разбирање на заедничкото европско културно наследство.
Во моментов постојат повеќе од 30 сертифицирани мрежи на „Културни рути на Советот на Европа“, кои покриваат многу различни теми како што се архитектурата, културните пејзажи, гастрономијата или главните фигури на европската уметност, музиката и литература и кои обезбедуваат мноштво забавни и едукативни активности не само за локалните жители, туку и за сите посетители кои гравитираат на територијата на Европа.
Но не знам дали ви е познат фактот дека Македонија е вклучена во две сертифицирани културни рути од страна на Советот на Европа: Рутата на дрвјата со маслинки и Iter Vitis Route или винската рута. Се работи за сегменти кои се важен дел од европската и медитеранската прехранбена култура, вклучувајќи го припитомувањето, производството, обликувањето на пејсажот, како и обредите и обичаите во едниот случај на маслинките а во вториот на виновата лоза, кои влијаеле на начинот на живот кај локалното население.

Овие рути се создадени со цел да им помогнат на сите заинтересирани субјекти и да бидат поставени во функција на културниот и економскиот развој во државите кои партиципираат во обете иницијативи. Потенцијалот коишто го поседуваат овие древни практики и нивните производи, сѐ уште не е доволно искористен и валоризиран низ призмата на презентацијата, а како што може да се заклучи од резултатите и видливоста, овој потенцијал скоро воопшто и да не е искористен низ призмата на интерпретацијата на наследството.
Да не говорам дека Македонија има и потенцијали да биде дел од уште неколку други културни рути, како што се: патиштата на римскиtе императори, индустриското наследство и многу други. Но, за тоа можеби ќе поговориме, во некоја друга прилика.