Home Антропологија Midsummer – празникот на летниот солстициј

Midsummer – празникот на летниот солстициј

6,871 views
2

Можеби никогаш нема да дознаеме дали популарната Шекспирова комедија ‘Сонот на летната ноќ‘ била инспирирана од празникот кој и денеска е нашироко прифатен во Велика Британија и Европа уште од 13 век, но затоа пак знаеме дека празникот на летниот солстициј во некои земји на Северна Европа (Шведска, Финска, Естонија) денеска е вброен помеѓу една од најголемите прослави во текот на годината, која по својата раскош е еднаква на Валпургиските ноќи или на Бадниковата, т.е. Божиќната вечера.

Обичај во Шведска, според @Magnus Reuterdahl

Празникот на летниот солстициј се поклопува со најдолгиот ден во годината кој кај различни култури паѓа помеѓу 21 и 24 јуни, и се смета дека има потекло од праисторијата, иако не може со сигурност да се дебатира околу неговата старост како и практикувањето на обичаите кои најверојатно по многу нешта се разликуваат од овие денешните. Во моментов најголема популарност празникот на летниот солстициј има во Шведска, каде е израмнет со државен празник, но тоа е многу разбирливо ако се земе во предвид фактот дека ова е всушност најдолгиот и најсветлиот ден на северната полутопка. На блогот на шведскиот археолог Magnus Reuterdahl можете да прочитате некои од обичаите кои тие ги прават за време на прославата (1,2,3), кој освен практиката на јадење, пиење и пеење на традиционални песни, исто така го опфаќа и адетот според нивниот фолклор немажените девојки да соберат седум различни типови на цвеќиња и да ги стават вечерта под перницата за го сонуваат нивниот иден маж.

Во Македонија овој празник очигледно не си го нашол своето место во фолклорот и обичаите по тертипот на народите од северна Европа, но чинам дека на територијата на нашата држава сепак се задржани некои традиции според кои би можеле да го побараме потеклото дека паганскиот обичај за славење на Midsummer се задржал доволно долго за да биде инкорпориран подоцна во некои христијански празници.

Во западна Европа според нивниот календар, празникот на летниот солстициј се поклопува со прославата на Св. Јован Крстител, а разликата во сметањето кај христијанската религија, го поместила празникот познат како Иванден на 7ми јули. Сепак, за време на празникот на Св. Јован според католичкиот календар, кај нас паѓаат Духови (кога се раздава за мртвите) и етнолозите забележале дека ‘во минатото христијаните на овој ден ги кителе црквите и гробовите, но и куќите со цвеќе и зелени гранки. Со обновувањето на природата во овој период од годината тие симболично гледале и обновување на својата сила што било резултат на примањето на Светиот Дух’ (цитат). Исто така познато е дека неделата по Духовден се Петрови поклади, кога започнуваат Петровденските пости. На овој ден црквата го празнува споменот на ‘Сите светци’, a oвој празник меѓу народот е познат и под името Сисвети. Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале (цитат). На Петровден се прават разни обичаи на територијата на Република Македонија, но секако најактуелена и најпозната е Галичка свадба во селото Галичник, која традиционално на овој ден се оддржува со векови. Ќе се навратам накратко на Иванден, со кој на територијата на Македонија се поврзани многу обичаи и верувања кои најмногу се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ, што сепак повлекува некои паралели со сегашното празнување на летниот солтициј и во остатокот од Европа. Според едно од верувањата Сонцето и Месечината биле брат и сестра кои не се познавале и се вљубиле, поради што мајката ги проколнала никогаш да не се видат. Затоа, тие успеваат да се сретнат само еднаш во годината, на Иванден, денот на летната рамнодневница. (7-ми јули, раѓањето на Св. Јован Крстител).

Обичај во Шведска, според @Magnus Reuterdahl

Во последните две години околу овој ден, некаде помеѓу летната долгоденица и летната рамнодневница, забележлива е тенденцијата да се одржува настан кој се случува на Кокино, и кој можеби несвесно се навраќа на некои подзаборавени корени. Одењето на Кокино на денот на летната долгоденица е земен како повод за оваа манифестација бидејќи маркерот на долгоденицата според некои ‘истражувачи’ ја определил староста на праистористака обсерваторија на овој бронзенодобски археолошки локалитет.

Предисторијата е период од човековиот развииток кога нема пишани докази, и многу тешко ќе биде повлекувањето на паралели со нашето совремие без конкретни докази. Сепак, почетокот на Петровите Пости во јуни, одење на Кокино кој треба да ‘воскресне’ една стара паганска праисториска прослава и паганските ритуали на Иванден, за сега не обезбедуваат доволно елементи, но даваат надеж за некои пообемни етно-археолошки истражувања со кои би можеле да трагаме дека празникот на летниот солстициј во Македонија се задржал со милениуми.

2 COMMENTs

  1. Моја грешка. Ова е „Иванден“.

    Цитирам од „Македонска енциклопедија“), статија Иванден/Раѓање на Јован Крстител. Но освен по наслов, сета содржина е паганска и бога ми одговара на ова во твојов напис::

    Се празнува со многу обичаи, верувања и песни поврзани со билките. Верувањето дека сонцето на тој ден играло или се превртувало три пати, произлегува од фактот што празникот е во најтоплиот период од годината. спроти празникот се бере цвеќе што се вика иванден и се става во ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Вечерта спроти празникот, за здравје се бере папрат, што се става во постелата каде што се спие. Утрото на празникот со папрат се вијат венци што се ставаат во градините, со верување дека ќе ги штитат растенијата од штетници. Со празникот е поврзан и обичајот тајане. група девојки закитувале едно ѓумче со разни билки, една го ставала на глава, а другите оделе со неа и пееле иванденски песни: тајане бојане, имам брат свети
    јоване… во преспа со многу обичаи и верувања девојките правеле кукла †иванка# која потоа ја шетале низ улиците, пееле песнии собирале дарови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here