Се сеќавате ли на Кенан? Има ли некој од постарата генерација кој не го знае овој мајстор за чевли?
Во еден од изминатите броеви на магазинот Форум (поместен и во нивната онлајн архива), новинарот Васко Марковски ја обработува темата за еден од автентичните скопски занаетчии кои имаа свој дуќан на градскиот плоштад во Скопје. Секако, во времето кога Скопје имаше плоштад! Помеѓу другото, тој побара кратка изјава и од мене како некој кој ги бележи и документира настаните во својот роден град.
За “Кенан” поразговаравме и со Василка Димитровска, археолог и туристички водич, која на еден од своите блогови го спомнува “Кенан” како важна точка во градот, која не смеело да се дозволи да се избрише.
“Дуќанот на Кенан го паметам во пакет со цветниот пазар. Имав и неколку успешни обиди да префарбам чевли кај него пред да го дислоцираат. До ‘Кенан’ стоеше розевиот столб со плакати за претставите во кино ‘Култура’. Овој столб немаше архитектонско, уметничко, археолошко или историско значење, но како и Кенан беше белег на центарот во Скопје. Сметам дека дуќанот на Кенан требаше да остане на градскиот плоштад заради зачувување на една традиција, бидејќи додека минуваме, а не ги забележуваме, во овие објекти вткајуваме по мал дел од нас. Во нашите прекрасни семантички ‘урбани’ артефакти кои се неотуѓив дел од секој град”, вели Димитровска.
Мојата мајка го памети Кенан како крупен, дебел човек кој бил единствен што поправал чевли и бил најдобар во нивното бојадисување. Ќе однесеш стари чевли кај Кенан, а ќе си ги земаш како нови. Повозрасните генерации паметат дека дуќанот на Кенан на скопскиот плоштад постоел отесекогаш. Кога се договарале за не корзо, велеле ‘ќе се најдеме кај Кенан’, како топоним околу кој се ориентирале во центарот на Скопје. Еден од итинерарите на шеталиштата од некогашното корзо се протегал од Кенан, покрај старото училиште Гоце Делчев, хотелот Македонија, па се до денешната зграда каде се наоѓа Клубот на писателите. Денеска тоа е улицата Максим Горки каде се наоѓаат единствените дрвја со јапонски цреши.

Моите мартинки од средно, полувисоки со челик напред
префарбани кај Кенан 🙂
Според тврдењето на една моја сосетка од средна возраст, мајсторлакот на Кенан се состоел всушност во тоа што имал специјална боја со која прво ги премачкувал старите кондури за да не се гледаат лузните од ударите, па дури потоа нанесувал боја по желба.
Кенан беше имиџ на Скопје! Шармантна традиција. Навистина голема штета што го дислоцираа. Да бевме во некоја друга држава, пари ќе му дадеа на газдата само за да го одржи занаетот и да биде атракција за туристите. Ама ете, ние имаме таква среќа како држава, па се што е старо, добро и традиционално, полека го снемува. Сакајќи да создадеме нова и современа историја, ја уништуваме полека онаа вистинската која ја имаме.



