Дома Археологија Надгробните споменици како културно наследство – случајот со Таор

Надгробните споменици како културно наследство – случајот со Таор

4,628 views
0

Откако постојат градовите, постојат и некрополите, кои го означува градот на мртвите луѓе кој вообичаено се наоѓал надвор од местото на живеење. Како што се вели во шега, сите археолози најмногу од се сакаат да копаат гробови. Но тоа не е поради нивната чудно извртена смисла за хумор, туку поради факот што гробовите претставуваат непроценливо богат извор за една цела палета на информации. Така по некој специфичен предмет и прилог може да укажат на потеклото на умрениот, неговата професија, а меѓу другото и социјалниот статус. И во минатото (како и денеска) луѓето кога умираале се погребувале според своите обичаи. Секој човек со себе си носел магија на културата, печат на времето и симбол од местото од каде што доаѓал. Ако уште во гробот се наоѓала и монета (а во минатото било вообичаено во секој гроб на починатиот да се остава монета), тоа претставува еден несоборлив доказ за прецизно датирање на археолошките наоди.

Од мојот пост
Зошто археолозите сакаат да копаат гробови?

Но што ќе се случи ако немаме археолошко ископување и увид во наодите од гробовите, туку за нив сведочат само надгробните споменици?

За голема несреќа по науката и археологијата, некрополата на античкиот Тауресиум лежи под денешното село Таор, додека денешната некропола се наоѓа веднаш до самиот локалитет. Поточно, за да се стигне доТауресиум, мора да се помине низ гробиштата на мештаните кои изобилуваат со необични надгробни споменици кои се наоѓаат вгнездени помеѓу современите гробови. Овие интересни споменици се прилично обраснати со вегетација, а со оглед на благата падина на која се простираат, може да се увиди дека им припаѓаат на постари културни слоеви.

Кај луѓето од селото постои предание оти овие гробови се римски, што можеби потекнува од самиот факт дека Тауресиум е доцноантички град и во околината вообичаено можат да се најдат римски стели. Сепак, типологијата, морфологијата и семиотиката на оваа гробна архитектура е сосема поинаква од античката, па дури и од средновековната. Досега не е познато дека истражувачите во Македонија (етнолози, археолози, историчари) се бавеле со оваа тематика, но според литературата која може да се консултира во Србија и Бугарија за ваквов тип на остатоци, постои мислење дека тие потекнуваат од 19., можеби и 18. век, а некои и од почетокот на 20 век.

Во овој почетен стадиум на истражување, не можам да бидам сигурна дали се овие надгробни споменици постари од покојниците над кој почиваат, зошто се потребни дополнителни анализи (или евентуално ископувања) да се провери дали каменот е повторно обработуван и преклесуван. Исто така не би била толку храбра како колегата Овчаров од Бугарија, за да тврдам дека некоја некропола датира од времето на темпларите.  Во секој случај вреди да се размисли околу потеклото на овие надгробни споменици и да се направат барем истражувања на локално ниво, бидејќи тие секако долг временски период биле дел од локалниот културен идентитет и во нив се вткаени примери на традиционални декоративни фолклорни традиции кои можеби не се запишани на ниту едно друго место. Преку нивната декорација и орнаментација, тие мапираат одредена територија, но се додека не се проучат научно, не можеме да бидеме сигурни дали тие ги отсликуваат локалните верувања.

Овие надгробни споменици даваат еден поинаков поглед кон иконографијата, начините на делкање на каменот во народната погребна уметност на Балканот и смислата за нивната употреба. Во надеж дека можеби ќе придонесам за малку поинаков развиток на научната мисла, објавувам поголем дел од овие надгробни споменици, да послужат како архива при некои идни истражувања.

Користена литература:

Nikolay Nenov, The gravestones as cultural heritage, Social and Spiritual Aspects of Material Culture (Collection of articles from the Conference held in Ohrid 20-22.09.08), Institute of Ethnology and Anthrpology, Faculty of Natural Sciences and Mathematics, Skopje, 2009 (eds. Svetieva, Ashtalkovska), 159-165.

Erdeljan Jelena B., Stećci – pogled na ikonografiju narodne pogrebne umetnosti na Balkanu, Zbornik Matice srpske za likovne umetnosti, 2002, br. 32-33, str. 107-120.

*     *     *

За поголема резолуција кликнете на секоја фотографија посебно. За да ја видите галеријата кликнете на следниот линк – http://pbckt.com/sA.e6O

Клучни зборови: Василка Димитровска, археологија, културно наследство, гробови, надгробни споменици, традиција, Таор, Зелениково, Балкан, Vasilka Dimitrovska, archaeology, cultural heritage, graves, graves stones, tradition, Taor, Zelenikovo, Balkans

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име