Дома Лично 20 години Т.А. Савана

20 години Т.А. Савана

2,458 views
0

Можеби повеќето постот ќе го сфатат како реклама, што всушност и треба да е, иако никој не платил за неа. Овој текст ќе дојде како компензација поради тоа што за сите овие десет години колку што трае мојот професионален однос со оваа компанија, не сум напишала ниту еден збор за нив на својот сајт.

Во Т.А. Савана почнав да работам уште додека студирав археологија. Од продажба на шалтер, до правење и водење на тури по светот, логистика, веб администратор и одржување на нивната официјална интернет страница, па до дел од екипата која го создава списанието Травел Инфо, единствениот месечен информатор во Македонија за патувања, одмор и забава. Сум била на договор на дело, вработена, најмена како туристички водич или сум работела како надворешен соработник. Сум почнала и завршила многу проекти во рамките на фирмата. Некои се сеуште тековни.

Пред Римскиот амфитеатар во Верона (т.н. Arena di Verona) со згодните римски војници. One of my favorite photo 🙂

Во Савана повеќе пати се надраснав себе си. Со многу искуства и премрежја (понекогаш и солзи) успеав да го скротам својот немирен, бунтовен и арогантен карактер. Да го спуштам своето его и да научам дека пред се треба да се биде човек, па потоа професионалец. Исто така научив дека чесноста, искреноста и најмногу принципите во животот се карактеристики кои ги поседуваат само оние луѓе кои сакаат да одат напред. Дека не постои нерешлив проблем, само е потребно огромно трпение кое мене ми недостигаше. Ме врзуваат многу спомени, секакви ситуации, многу луѓе, колеги, места, емоции, патувања, сеќавања …

За овие десет години си заминував и повторно се враќав во T.A. Савана. И повторно заминував по белиот свет и повторно се враќав за да соработувам со нив. Луѓето секогаш имале разбирање за моите цели, интереси и желбата да си ги остварам приватните сонови во животот. Човек без соништа не е човек, нели? И секогаш ме поддржувале. За нив ќе останам археолог кој придонел најмногу во полето за развивање на културниот туризам во Македонија, и како логистика и како водич, зошто пред се тоа е дел од мојата професија.

Поглед на живописната Фиренца од Piazzale Michelangelo. Во позадина се гледаат катедралата Santa Maria del Fiore чија купола ја направил Брунолески, и камбанаријата веднаш до неа дизајнирана и изградена од Џото.

На преминот од 2009/2010 година Т.А. Савана прославуваат 20 години од своето постоење. Им посакувам успешно работење на моите колеги во годините кои претстојат, а верувам дека со визната либерализација тоа и ќе го остварат. Уште многу успешно реализирани тури за македонските туристи кои ниту имаат туристичка култура, ниту имаат појма што сакаат од тие патувања. Но сепак знаат дека сакаат да патуваат.

И како за крај. Им благодарам што ме трпат сите овие години со моите хирови во светот на археологијата. Претпоставувате дека има и зошто. 🙂

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име