Дома Археологија Кралството на Античките Босанци

Кралството на Античките Босанци

21,939 views
9

Најновата нелустрирана и нецензурирана историја на Балканот зборува за Кралството на Античките Босанци и највиокиот технички градителски дострел на Леденото Доба – Пирамидата во Високо. Во записите стои дека дури и Еѓипќаните се потомци на древните античките босанци (никако обратно), кои во својот ланец на државотворнички формации како свој последен потомок ја имаат Босанската Кралицата Катерина. Таа со свои очи ја видела пирамидата во Босна. Некогаш и некаде.

Оваа историја ни ја раскажува приказната за античките босанци кои прескокнале неколку периода од културно-историскиот развиток на човекот, вклучувајќи ги и праисториските периоди на неолитот, мезолитот и доцниот палеолит, и директно во средниот палеолит се судриле со Неандерталците од Крапина и Виндија. Пирамидата во Босна не е ништо друго освен доказ за нивната супериорност на Балканот, која рака на срце безобразно им е одземена. Секако тука не смее да се пропушти информацијата дека од една, за три години на територијата на гратчето Високо во Босна и Херцеговина израсна цел мистериозен комплекс на пирамиди, што дефинитивно сведочи дека овие прастари формации се најстаро етничко јадро во етногенезата на античките Босанци. Пирамидите се во спрега со нивната календарска година која била луно – соларна, имала 10 месеци и почнувала во 9 месец, т.е. 1:10 се земал како почеток на новата година. Тоа ни го покажуваат и ориентациите на т.н. Пирамида на сонцето и Пирамидата на месечината кои за жал се уште не ни го обзнанија на нам обичните смртници, својот лик.

Во недостаток на историски, археолошки па дури и етно материјал кој би го покажал континуитетот на постоењето на пирамидите во колективната свест на населението што живее во нивна близина, доволен доказ е мегалитниот камен блок на кој има испишано 300 знаци. Да се открие само еден камен артефакт од цела пирамида за четиригодишни ископувања, со писмо на кое “глаголеле” древните АнтиЌЌи босанци, навистина е успех. Но се уште има време за останатите “Камени Розети” кои се длабоко закопани под земјата каде секој слој од 5см е стар 250 години. Значи пола метро копате и цирка цивилизација од 12 500 години имате!?

Главните показатели кои упатуваат на различноста на еден народ во сите општествено – историски периоди, се јазикот, културата, обичаите и религиска пракса. Бидејќи првите три факти се веќе неоспорно докажани, само навидум се допира моментот за религиозноста на Античките Босанци. Поради повисоката состојба на свесност тие се претвориле во чиста енергија и овој факт оди во прилог на отсуството на антрополошките докази на терен. Всушност пирамидите служеле како енергетски канал каде спирално се земала и се отпуштала енергијата во космосот и на цивилизацијата која ги изградила им служела за религиски разговори со енергетски ентитети.

За само два дена на македонската нација сето ова и го приопштија лица од Босанската фондација „Археолошки парк” кои гостуваа во една национална телевизија. Во интервјуто не се знаеше кој е повеќе фасциниран со фамозните достигнувања на античките босанци, водителот или гостинот. Уште еден навидум сериозен национален медиум ја објави веста за постоењето на пирамидите, но она што чуди е зошто ја поставиле во категоријата занимливости, а не во наука.

Во случај да не ни успее долгогодишното упорно промовирање на Кокино како локалитет кој се трудиме да го ставиме под заштита на УНЕСКО, секогаш можеме да си најдеме пирамида. Кога добро ќе размислам, зошто би наоѓале пирамида кога можеме да си ја изградиме, позајмиме или евентуано да си ја купиме. И онака UN 2009 ја прогласи за година на астономијата, па би си ја ориентирале како што ќе посакаме. Во склад со “науката”, де!

Инаку за следното гостување во Македонија беше најавен самиот пронаоѓач на Пирамидите во Босна – лично himself господинот Семир Османагиќ. Се надевам дека најголемите археолошки научни умови во државава кои моментално молчат за случајов, ќе имаат доблест да лобираат неговата презентација да се одржи во просториите на МАНУ. Сепак се работи за најмонструозно осмислената брилијантна археолошка кампања било кога направена во светот. Во оваа кампања има скоро се, секако, освен археологија. 😉

Препорачани линкови:

1. Босанските пирамиди – псеудо или археологија?
2. Срушена босанската пирамида
3. Пирамидата во Босна – природна формација
4. Апдејт на Пирамидата во Босна
5. Пирамида на сонцето – рецензија на емисијата на HRT1
6. APWR и недостаток на идентитет
7. Босанците ја бараат Пирамидата, а Херцеговците древната Троја
8. Зошто би граделе пирамида кога можеме да си ја најдеме или да си ја купиме
9. Што?А? Нема пирамиди?

Текстот го поставив на интерактивниот сервис Кајмак.от. За постот можете да гласате тука.

9 КОМЕНТАРИ

  1. Би било права ерес да ја пропуштиш древната босанска митологија во твојот есеј. 🙂

  2. ха, ха, ха, ха, е значи никогаш крај на овие Балкански ,,мега,, истории. Инаку, шала настрана, забележувам дека сите овие и оние, измислени се разбира, на Балканов ,,мега,, истории се слични една на друга како јајце на јаце. Па сите зборуваат обично за ,,славни и многу далечни корени на нивната нација, која е со ,,изворна и богата култура,,, од каде, нели, ,,тие потекнуваат и имаат континуитет, и од каде сите други нации водат потекло…..,,(Замислете Србите во својата националистичка еуфорија своевремено се прогласија себе си за ,,небески народ,,Боже прости ми, ама ова тврдење никогаш не го сфатив!Но, исто така забележувам дека, некако, како нај интересна, на Балканскиве ,,историчари,, во барањето на славното и далечно потекло и минато на нивниот народ им е Антиката (ние на пример ќе се испотепаме со Грците за да докажеме дека сме Антички народ и дека Александар Македонски дека е наш, оригинал. Нема кафана во која не сум чул како се преде и раскажува Античката Македонска историја). Еве сега читам дека и Босанците се прогласија за ,,Антички,, со пирамидите кои ги нема…..хахахахаххаха, и кој уште не!. Инаку ова со пирамидиве во Босна од порано сум го чул, ама не знаев до каде отишла работава. Ма, искрено мислам дека доста е со тие квази и кафански истории. Презаситени сме сите веќе на овие простори од ова. Мислам дека историјата е сепак наука и доста веќе ја злоупотребуваме само за да докажеме колку сме важни и големи како народ на овие простори. Ова го зборувам за сите Балкански народи воопшто. Со оваков пристап кон сопствената историја само докажуваме колку сме исфрустрирани и мали, ништо повеќе…. Не сакајќи никого да навредам, ама ако Босанците се Антички народ, од кои ,,Еѓипќаните или можеби мислат дека и сите други народи водат потекло,, како што обично, нели, на крај бива на овие простори, тогаш мислам дека историјата и историчарите повеќе немаат никаква вредност. Добро, не можам да сфатам, како тоа сите овие Балкански нации кој кројат вакви големи истории, некогаш биле толку големи и важни за човештвото, и на сите нам ,,ни ја дале,, нивната култура, а денеска се толку мали или слаби и на работ на пропаста, како што е конкретно Босна и Херцеговина денес, која е патем каѓано тотално дисфункционална држава и која опстанува само благодарение на цврстата воља на моќните земји да ја зачуваат нејзината целина. А, нејзиното создавање сепак е само не така далечна историја. Мотивите, зошто беше создадена, и каква беше нејзината улога во поранешна СФРЈ мислам дека ни се добро познати (таа требаше да биде симбол на братството и единството на југословенските народи, што е апсолутно добро како мотив)! И сега, што е чудно, не ја согледуваат и не бараат излез од сегашнава ситуација, во која и они, а и ние и сите на Балканов се наоѓаме, туку запнале, а и сите од овие простори запнуваме, со тоа од каде водиме потекло и колку сме ,,Антички,, и големи.
    Инаку, сум слушнал и тоа од ,,големиве историчари,, од Балканов, како за денешнава реалност во која се наоѓаат нивните народи знаат да кажат обично:,,Ама не, тоа што е денес вака со нас и ова што ни се случува е заради душманите,па денес се сите против нас…, нели е очигледно, а инаку, во многудалечната историја тоа било сосема поинаку, сите сме ги покориле и освоиле и сме им ја дале сегашната нивна култура, која е наша и без која другите ќе беа сеуште варвари. Ќе видиш ти што ќе бидеме ние еден ден кога ќе го вратиме некогашниот сјај и големина во кој сме биле,,. Ма дајте Ви се молам, доста со прикаски како да сме мали деца.
    П.С.За да не бидам погрешно разбран јас немам ништо против Босна и Херцеговина и нејзините граѓани, туку напротив, ги почитувам многу (Босанците посебно) и ги поддржувам во нивната желба за просперитет, ама дефинитивно ваквите размислувања на нивните историчари околу пирамидиве не можам да ги сфатам. Ова го велам затоа што ,,великите истории,, кои ги предеа Балканскиве политилчари ги завија во црно граѓаните на овие простори, и за таквите големи ,,истории,, се пролеваше крв како река. Мислам дека е навистина доста.

  3. Античките Босанци се спомнуваат на Каменот од Розета кој е напишан на битолско-лерински дијалект. Тие се бореле во војската на Александар Македонски и познати се по тоа што не носеле шлемови зашто главите им биле тврди. А пирамиди граделе затоа што Александар Македонски бил прогласен за фараон. Башка нели и Троја била во Гавела во Херцеговина.
    Не случајна беше платформата Глигоров-Изетбеговиќ, да се знае кои се двата антички и најстари народи!
    Се кладам дека во пирамидата во Високо е гробот на Александар Македонски – кој не верува нека ги праша Хунзите или МПЦ.

  4. Ах тој копнеж за славно потекло. Можно е и египетските пирамиди да ги конструирале впрочем Босанците 🙂

  5. Кога се меша квази-наука и наука,аргументите се мешаат.Босанците и Херцеговците се по потекло од
    популацијата на Европскиот палеолит.Прочитај во
    Documenta Praehistorica XXXIII, 2006
    Neolithic Studies 13 http://arheologija.ff.uni-lj.si/documenta/v33.html
    Османагич има извршено генетски испитувања за себе и
    неговиот резултат покажува дека е од неолитските Малоазиски доселеници карактеристични според хаплогрупата Е-В13 најприсутна на Балканот кај Албанските Геги.
    Што се однесува на Троја,археолозите се поделени.Шлиман
    бил фатен како внесува злато(Пријамовото богатство) во Отоманска Турција и бил одведен пред султанот.Султанот се зачудил на ваквиот наод затоа што сите изнесувале злато,а овој внесувал и затоа сакал да знае зошто.Подоцна бил пуштен затоа што добил уверување Султанот од Шлиман дека ќе ја направи Турција пославна од Грција.До денешен ден во областа на Малоазиска Троја не е пронајден ни грам злато освен она Пријамово богатство што го откриле Шлиман и жена му кога никој немало на ископувањето.Шлиман е
    обвинат во серија на натписи во америчкото издание на весникот Археологија за фалсификување на наодите од Микена.Голем број на Археолози и научници бараат да се испита маската на Агамемнон со брада која потсеќа на модата која ја вовел Вилхем втори и докованите мустаќи кој се носеле во времето на Шлиман на Балканот и во Грција. Грција тоа упорно и без аргументирано го одбива.До денес во Микена ништо слично не е пронајдено.Претпоставката на Салинас за Габела како можна Троја има валидни аргументи ,но нема докази затоа што не е извршено никакво проучување на теренот.Инако популацијата во Палеолитот живеала во горната половина на Јадранското море и нивните остатоци се потопени пред 8200 години во специфичен климатски настан со зголемување на нивото на морињата езерата и водотоците заради нагло топење на мразот по леденото време.Во никој случај тоа не се градби од пирамидална импозантна структура туку се живеалишта типични за ловци и збирачи на плодови од каменото време.

Leave a Reply to Љубо

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име