Home Археологија Изгледот на римската куќа (2)

Изгледот на римската куќа (2)

9,944 views
1

План на римска куќа (кликни на сликата за зголемена резолуција)

Во старо време додека животот бил поедноставен, атриумот и таблинумот биле средиште на фамилијарниот живот. Честопати само од нив се состоела целата куќа. Во атриумот се наоѓало огништето со Пенатите (самиот збор атриум доаѓа од атер: поцрнет од дим) и еден опкован ковчег (arca) во кој се чувале парите и накитот. Домаќинот тука ги дочекувал своите пријатели, додека домаќинката со своите слугинки ги обавувала домашните работи. Таблинумот служел како соба за живеење и спиење. Кога едноставните обичаи ги снемало, почнале да се градат куќи по грчки примери, ширејќи се на тој начин што се додавал перистил, а собите се уредувале според тогашните животни можности. Огништето се пренело внатре, а куќните богови си добиле своја посебна мала капела (sacrarium, lararium), најчесто поставена во перистилот. Атриумот служел за примање на гостите и во племските куќи добил посебен дел со слики на фамилијарните претходници (imagines), кои се изложувале во алите.


Sacrarium Pompei

По градовите недостигот на простор придонел уште многу рано да почнат да се градат куќи на повеќе спратови. Во почетокот горните спратови служеле за живеење на робовите, а подоцна се изнајмувале. Уште за време на царот Август имало доста изнајмени куќи на многу спратови, кој се нарекувале insulae (кварт, остров).

Внатрешно украсување

Најубав украс во внатрешноста на куќите биле сликариите на карпи. Карпата се делела на полиња, кои се украсувале со орнаменти или орнаментално употребени фантастични архитектурални представи. Имало и фигурални слики (на пример од митологијата, животот или природата) како и поединечни фигури кои лебделе на средина на полињата или биле сместени помеѓу прекрасна архитектура. Се истакнувале со своите нежни бои на темната позадина. Подот се правел од мермерен прашок помешан со креч (итал. stucco-штуко) и во него се сложувале прекрасни цртежи од црни и бели камчиња.

Ѕидно сликарство – Помпеја

Во побогатите куќи подовите често биле од мозаик, најмногу со орнаментални мотиви, а поретки биле сликите од мозаици (opus musivum) кои барале многу пофина изработка и многу мали шарени камчиња. Подот исто така се градел и од мермерни плочи или геометриски изделкани мермерни парчиња во различна боја. Таванот обично бил плочест (lacunar), направен така за да можат гредите да се состават попреку. На тој начин се добивале четвороаголни вдлабнувања, кои се викаат касети, а се украсувале со сликарии и позлата. Прозорите кои обично биле само во горниот спрат се затворале со капаци и ролетни, а исто така се употребувале плочи, кои се добивале како мешавина од руско стакло (lapis specularis) и стакло (vitrium).

Мебелот и покуќнината во римско време

За греење на собите служеле camini и печки кои се пренесувале. Светилките изработени од земја или керамика се состоеле од сад за масло, средишен испакнат диск со отвор низ кој се сипувало маслото и се провлекувал фитиљот и држалка. Свеќникот (candelabra) бил со најразлични уметнички облици. Мебелот за седење кои се состоел воглавном од: cathedra – столица со потпирач за грбот, solium – столица со наслон за раце, sella – столица без наслон, bisellinum – двојна столица, се правел по грчките примери. Најдрагоцен тип на мебел биле т.н. mensae citreae.


Дневна соба во стариот Рим

Нивните плочи се правеле од дрво на цитрус, кое е еден вид на чемпрес од околината на Атлас, а се одликува со мирис на лимон. Покрај тоа доста е жилаво, па за него се плаќале големи суми на пари. Abaci-те служеле во нив да се сместуваат скапоценостите, а за истата цел служеле и delphicae (mensae) направени по примерот на грчките троножници. Садовите за домашна употреба биле исто така разновидни, како и грчките по чиј урнек биле правени. Можеме да ги споменеме уште и украсните садови кои имале најразлични големини и форми (како на пример амфорите), а служеле за украс и разубавување на тремовите, градините и внатрешните простории.

И ние имаме римски куќи

На територијата на Македонија во Римскиот период постоеле огромен број на градови, кои своевремено добиле дури и поголеми привилегии а со тоа и повисок статус, откако им била доделена титулата urbs , т.е главен град на една римска провинција. Еден од нив бил Scuvpi (со остатоци во Скопје) како главен град на провинцијата Мезија, но посебно место во тогашното битисување и стопански развој веројатно одиграл античкиот град Stobi (во близина на Градско). Како град кој имал извесен степен на самоуправа и одличен стопански живот, добивал огромен прилив на пари, со што и даноците боле поголеми. Тие придонеле да дел од парите се искористат за изградба на јавни објекти, улици, театар, водовод, канализација, мозаици и т.н.


Куќата на Партениј -Стоби

Од друга страна, големиот број на археолошки локалитети на територијата на Македонија заедно со импозантната бројка на наоди (како што веќе еднашка споменав) треба да не наведе да размислуваме на една поширока тема од типот “На кој начин луѓето од старите цивилизации ја остварувале комуникација со преметите што ги опкружувале, а кои постојано ги употребувале во својот секојдневен живот или при своите ритуали”.

крај

Постот е репринт на истоимениот текст публикуван 2003 г. во списанието ,,Мој Дом”


Некои од термините употребени да се опише Roman Domus

atrium – formal entrance hall
ala – “wings” opening from atrium
cubiculum – small room; bedroom
culina – kitchen
exedra – garden room
peristylium – colonnaded garden
taberna – shop
tablinum – office; study
triclinium – dining room
vestibulum – entrance hall

Препорачан линк: Римска куќа ; Римска архитектура ;

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here