Дома Антропологија Народните обичаи и етничкиот идентитет – интервју за Mia.mk

Народните обичаи и етничкиот идентитет – интервју за Mia.mk

4,790 views
0

По професија сум археолог, но поради природата на својата работа да го менаџирам ХАЕМУС кој во текот на своите 6 години постоење пресрасна во голем центар за научно истражување и промоција на културата, морав да се едуцирам дополнително, особено во полето на нематеријалното културно наследство. Но кога ќе стигнете во една понапредна фаза на проучување и менаџирање на наследството на еден микро или макро регион, ќе сфатите дека овие два сегмента се испреплетуваат и е практично невозможно да се согледуваат одвоено.

Живото или како УНЕСКО го дефинира нематеријалното културно наследство се манифестира во повеќе домени кои народот ги препознава како традиција. Постои верување дека ако не се одржи некој обичај, со тоа се бришат трагите на идентитетот, без да сме свесни дека и во самите тие традиции има инкорпорирано многустрани елементи. Кај луѓето е многу помоќно мислењето дека со неодржувањето на еден обичај може да дојде до пропаѓање и уништување на заедницата, која во овие современи услови на живеење е единствено нешто што ги поврзува и ги држи како компактна група. Оттука е многу важно сите тие традиции, обичаи, ритуали и верувања да се продолжат, да се заштитат, документираат, негуваат, презентираат и популаризираат. Од таа причина во ХАЕМУС кадешто сум директор, се посветува големо внимание за нематеријално културно наследство со цел да продолжи да го негува духот на традицијата во Република Македонија во сите негови облици и начини кои би придонеле за поширока промоција на овој тип наследство.

Минатата година ова време дадов едно големо интервју за Миа.мк. Со преуредувањето на сајтот на оваа новинска агенција се загуби пристапот до многу едукативни содржини, помеѓу кои и интервјуто коешто го дадовме со колешката д-р Лидија Ковачева за живото наследство во Република Македонија под маски и улогата на ХАЕМУС во заштитата и промоцијата на истото во УНЕСКО. Во прилог е текстот на новинарката Даниела Такева на оваа тема како и нејзините теренски фотографии објавени со одобрување.

 

Се симнаа маските и се избрка злото од Пијанец и Малеш

31 јануари 2017, МИА

Ратевските бамбурци , по танцот кој традиционално се одржува на денот посветен на Свети Јован Крстител, ги симнаа маските задоволни што и оваа година почитувајќи ја традицијата стара од дамнина, успеаја да го одржат локалниот обичај под маски со единствена порака, да го избркаат злото од Малешевијата. Само една недела претходно, на Василица, ѕвегорските суроваскари ја дочуваа невестата да не биде предвреме откриена и ги благословија домовите на ѕвегорци со „Сурова и здрава нова година“.

Живото наследство под маски во регионот на Пијанец и Малеш, олицетворено преку Ратевските бамбурци и ѕвегорската Сурова, не е единствено во земјава и пошироко, магиските и практичните обреди во некрстените денови од Божиќ до Водици имаат длабоки корени во обичаите, традициите и ритуалите, потенцира м-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата.

– Во суштината на луѓето и нивните обичаи, традициите и ритуалите лежи паганското, независно од денешниот религиски фејслифтинг. На многу европски обичаи можат да им се повлечат историски паралели до протоисторијата, а на нив до праисторијата, но бидејќи таму нема историски записи, остануваат само археолошките наоди и, евентуално, етнобелешките да припомогнат во нивната интерпретација и реконструкција. Најчесто обичаите на носење маски на Балканот, етнолозите го поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Слична на оваа теорија е и онаа за аграрното магиско потекло и нивната поврзаност со божествата од старобалканските култови. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски и организирање на карневали гледаат континуитет во некои практики од антиката иако тие своето потекло го имаат многу порано во разни култури во светот, истакнува Димитровска.

Симболиката на маските

Во делчевски Ѕвегор имаме обичај „Сурова“, со традиционални маски на невеста, младоженец и белаците, стара баба, данокчија, мечкар и мечка и со многу елементи на еротика која асоцира на плодноста. Додека во беровско Ратево, тоа се бамбурците-мажи облечени во кожи од овци, кози, зајаци и други животни, украсени со ѕвонци со исцрнети раце и треба да бидат многу страшни и да ги црнат по лицата девојките и гостите кои доаѓаат во селото за да ги заштита од болести.

Проф. д-р Лидија Ковачева, стручен консултант за нематеријално културно наследство во ХАЕМУС, прави паралела на сите групи со маскирани учесници: василичари, сировари, џамалари, ешкари, бабари, русалии итн. со кои се маскираат учесниците во периодот од 12 дена, од 7-ми до 19-ти јануари, т.е. од Божик до Богојавление, во македонската народна традиција познат како период на Некрстени, Погани или Ристосови денови.

– Во Тетовско се познати уште и како Некрстениноќој, Караконџулос или, пак, едноставно наречени: „Дванаесет дена“, симболиката е една и иста за сите, a тоа е симболичко означување на крајот на лошите и неплодни денови, повторно раѓање на новото Сонце и протерување на лошите сили и дијанија, со што започнуваат добрите и плодни денови во претстојниот годишен календарски циклус. Заедничка карактеристика на овие маскирани дружини се стаповите кои ги носат со себе направени од дабова гранка, а во некои случаи од леска или дрен, каде преку симболичко удирање на домаќините при посетата на нивните домови во овој период, учесниците им посакуваат да бидат здрави и цврсти во претстојната година. Оттаму и македонската народна поговорка: „Здрав како дрен“, вели Ковачева.

Балкански народни традиции поврзани со обичаите под маски Еден од настаните во светот кој ви дозволува да бидете личност за која само границите на фантазијата се лимит, а притоа да останете анонимни, се карневалите. М-р Димитровска потенцира дека постојат илјадници карневали кои се одржуваат во светот и на територијата на Европа секоја година веќе со столетија, вклучувајќи ги и карневалите во Македонија.

-Со карневалите се поврзани и маските кои се предмет на поливалентни антрополошки и културолошки студии посветени на видовите и нивното значење. Во Македонија најпознат е Карневалот во Вевчани стар стотици години, но во овој временски период до Водици, карневали се одржуваат и во многу други села како Цапари, Бегниште, Мислешево, Ѕвегор, Ратево, вели Димитровска

Проф.д-р Ковачева истакнува дека периодот од Божик до Богојавление, во балканските народни религии е познат како период на Некрстени денови или Караконџулос, а во балканските народни традиции, караконџолите се карактеризираат како демони од подземниот свет, кои се јавуваат единствено за време на некрстените денови.

-Во грчката народна традиција се претставени како полуантропоморфни и полутериоморфни демони од подземниот свет, со црна боја како нивна главна карактеристика. Во периодот на нивното појавување се дочекувани на многу драматичен начин: навечер им се принесуваат жртви во јадење, а младите луѓе си ги црнат лицата и се маскираат на начин на којшто ги замислуваат, како души од задгробниот живот. Во бугарската народна традиција се замислуваат како персонификација или со атрибути на коњ. Во српската народна традиција се претставени како нечестиви, зли сили кои во ноќните часови ги демнат луѓето кои ќе се затекнат надвор од домовите, ги зграпчуваат, ги јаваат и злоупотребуваат и најчесто ги насочуваат кон водите со цел да ги удават, истакнува Ковачева. Таа додава дека во македонската народна традиција караконџолите се претставени како демонски суштества кои не наликуваат ниту на човек, ниту на животно, имаат светли очи и со себе носат стап со кој ги тепаат и отепуваат децата.

– Тие се демони од подземниот свет, а на земјата се појавуваат само ноќно време со цел да му наштетат на човекот. Во Радовишко се замислени како страшни и црни суштества со голема глава, во Кривопаланечко како гола, луда жена која трча низ полињата и со вратило од разбој во рацете ги поцрнува житата, додека во Гевгелиско е во облик на ламја која живее во пештери и стари куќи и за време на некрстените денови низ оџакот влегува во куќата и им ја пие крвта на децата. Караконџол е еден од обичаите кои влечат корени од далечното минато, поточно од остатоците од паганските обичаи, чии рудименти се забележуваат и денес преку обичаите практикувани за време на некрстените денови, не само на македонската почва, туку и ширум Балканот, пред сè преку обредните поворки кои креваат врева и со помош на своите стапови и маски имаат моќ да ги прогонат караконџолите, веели Ковачева.

Народните обичаи и етничкиот идентитет

Жителите на беровско Ратево и на делчевски Ѕвегор обичаите под маски ги поврзуваат со нивниот идентитет и како оставштина од дамнина, која задолжително мора да се почитува и одржува, за да не се навлечи гневот на лошите сили. Под влијание на новото време, модернизацијата, но пред сѐ иселувањето на овие краеви, сепак, изненадува фактот што многу млади кои останале да живеат во овие села ја прифаќаат оваа традиција, па оваа година во делчевските суроваскари најбројни беа младите момчиња кои се сокрија зад традиционалните маски, а во ратевските бамбурци, најмладиот бамбурец имаше само 6 години, додека просечната возратс на групата која брои 30-ина членови, се движи од 20 до 30 години. Народните обичаи и ритуалните практики, како неизоставен дел од религијата, се едни од индикаторите на етничкиот идентитет и се највидливиот израз на духовната и материјалната народна култура, вели проф. д-р Ковачева.

– Еволуцијата на овој народен обичај се забележува во последна, т.е. денешна етапа, каде поради губењето на својот сериозен и магиско- обреден карактер, со текот на времето се здобил со шеговит карактер и денес служи единствено за забава и игра.

М-р Димитровска потенцира дека живото или како што УНЕСКО го дефинира нематеријалното културно наследство, се манифестира во повеќе домени кои народот ги препознава како традиција.

– Постои верување дека ако не се одржи некој обичај, со тоа се бришат трагите на идентитетот, без да сме свесни дека и во самите тие традиции има инкорпорирано многустрани елементи. Кај луѓето е многу помоќно мислењето дека со неодржувањето на еден обичај може да дојде до пропаѓање и уништување на заедницата, која во овие современи услови на живеење, е единствено нешто што ги поврзува и ги држи како компактна група. Оттука е многу важно сите тие традиции, обичаи, ритуали и верувања да се продолжат, да се заштитат, документираат, негуваат, презентираат и популаризираат. Од таа причина ХАЕМУС започна процес на акредитација како консултат за нематеријално културно наследство во УНЕСКО со цел да продолжи да го негува духот на традицијата во Република Македонија во сите негови облици и начини кои би придонеле за поширока промоција на овој тип наследство, потенцира Димитровска.

Таа додава дека македонскиот етнос е како како хард-диск кој со текот на вековите апсорбирал кодови и ги вткал во сопствениот фолклор.

– Во рамките на ‘глобализацијата’, ако религијата може да ни одговори на прашањето ‘Кои не сме ние’, тогаш традицијата дефинитивно во многу поголем обем, а со многу помала контроверзност, ни кажува ‘Кои сме ние’. ‘Верувајте’ во религијата, ама чувајте ја традицијата!, Вистинскиот клуч за старите култури го носиме во себе. И треба да го дадеме како сведоштво, за да остави печат на времето, истакнува Димитровска.

Инаку, маските кај Македонците се појавуваат периодично. Освен за периодот на божиќните празници и некрстените денови на Божиќ, Василица и Водици, нив ги има и по започнувањето на велигденските пости – во форма на Прочка, како и вториот и третиот ден на Велигден. Тука може да се вбројат и Ѓурѓовден, селските слави и некои специјални прилики (свадби, сунети, временски непогоди).

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име