Дома Архитектура Вевчанскиот карневал на листата на УНЕСКО – проблеми, цели и препораки

Вевчанскиот карневал на листата на УНЕСКО – проблеми, цели и препораки

4,743 views
0
Вевчанскиот карневал - фото Роберт Атанасовски (превземено преку mkd.mk)

Мартинките се поставени на репрезентативната листата на УНЕСКО како светско културно наследство на човештвото. Нивни носител во Македонија е ХАЕМУС. Си спомнувам дека за апликацијата слушнавме кон крајот на 2013, а ја потпишав и дадов поддршка како директор на ХАЕМУС во 2014 год. Оттогаш сѐ досега, со тимот на ХАЕМУС поминавме цел процес на метаморфози и статусот кој УНЕСКО ни го додели како носители на светско културно наследство, е нешто највисоко до коешто може да стигне една граѓанска организација во светот. Имајќи го повеќегодишното искуство од областа на културниот менаџмент, директното учество во една апликација на УНЕСКО, како и обуките коишто ги поминав за нематеријално културно наследство, во прилог на овој текст ќе ставам неколку белешки околу моите размисли за Вевчанскиот карневал и неговото поставување на репрезентативната листа на УНЕСКО. Секако, во изработката на оваа анализа со свои сугестии ми помогнаа и луѓето од општина Вевчани, на коишто сум им благодарна. Тука изнесувам само дел од согледувањата.

За почеток

Сѐ може да се одложи, само Вевчанскиот Карневал – не! Секоја година на преминот од 13 кон 14 Јануари, на денот кога се дочекува Новата (православна) година, а се испраќа старата, во селото Вевчани се одржува карневал под маски стар повеќе стотици години. Карневалот, еден од поголемите во Европа, привлекува илјадници туристи од Македонија, регионот, па и пошироко.

Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува Свети Васиља (Василица) и е посветен на Св. Василиј Велики. Учесниците во него се нарекуваат Василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти. Постојат три традиционални маски: зет и невеста, Глупавиот Август и музичари. Останатите маски се помали или поголеми карневалски групи, кои со костумите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови.

Вевчанскиот карневал и УНЕСКО

Голема предност на Вевчанскиот карневал е што настанот се третира како живо наследство. Тоа значи дека се практикува и пренесува како традиција од генерација на генерација од самите луѓе, без да е поттикнат и/или спонзориран од државата што би го оспорило неговото опстојување. Тогаш ќе се запрашате зошто надалеку познатиот Вевчански карневал не е поставен на репрезентативната листа на УНЕСКО, кога навистина го заслужува тој пиедестал? Јас ќе додадам дека има повеќе причини за чиишто предизвици, секако постои решение.

Вевчанскиот карневал - фото Роберт Атанасовски (превземено преку mkd.mk)
Вевчанскиот карневал – фотографија Роберт Атанасовски (преземено преку mkd.mk)

Кога се работи за менаџирање на културно наследство, една од основните работи што треба да се изработат се две дрва или оски – дрво на проблеми и дрво на цели. Оти само така може да се направат подетални анализи. Оттука, на прашањето зошто Вевчанскиот карневал не е поставен на листата на УНЕСКО, одговорот е многу едноставен – затоа што до сега не е поднесена апликација во УНЕСКО. Тука ќе ја вброиме и отвореноста и подготвеноста за надградување со образовани човечки ресурси, потоа добар ЛЕР кој ќе направи план за повеќегодишна инфраструктура на општината и секако, финансии. Но за ова да случи потребно е да се има истовремена и заедничка повеќегодишна соработка и иницијатива на граѓанскиот сектор, општината и на државниот сектор. Кои би биле крајните резултати како придобивка од оваа ситуација: поголема препознатливост во светски рамки која ќе придонесе за подобрена туристичка инфраструктура, но и низа други сегменти кои би го зголемиле профитот на локалното население, општината и државата на повеќе нивоа.

Еден од главните чинители во апликаците на УНЕСКО, особено кога се работи за нематеријално културно наследство е граѓанскиот сектор. За УНЕСКО, граѓанскиот или невладиниот сектор е од толку витално значење, што му се посветува подеднакво внимание како и за сите други експертски работи. Овој сектор има свои вмрежувања, форуми, обуки, свои паралелни сесии на големите собири, а честопати организациите од некои држави се земаат и како независно советодавно тело во УНЕСКО, паралелно со највисоките државни органи за културно наследство на една земја. Заклучокот е многу едноставен – ако нема поддршка од граѓанска организација и нејзино врмежување со државните институции = нема успешна и одобрена апликација во УНЕСКО за нематеријално културно наследство.

Вевчански карневал – дрво не цели

Кога ќе се направи дрвото на проблеми, тогаш треба да се пристапи кон правење на дрвото на цели. Треба да ги имаме сите фактори со кои сакаме да создадеме успешна аликација за Вевчанскиот карневал во УНЕСКО. Анализата има цел да го идентификува сѐ она што е од висок приоритет за постигнување на целта. Потребно е да се мобилизираат што е можно повеќе експерти, неформалните групи како и заинтересираните институции и организации кои ќе придонесат за позитивни резултати во иницијативата за поднесување на апликација на УНЕСКО. Потребни се кабинетски и теренски истражувања кои ќе резултираат со мноштво на видео материјал и публикации, но од друга страна потребно е постојано да се работи на едукативна надградба на локалните носители на ова наследство, на промоторите, а богами, понекогаш и на експертите.

Препораки

Во принцип, секојпат треба да се слушаат препораките на УНЕСКО за успешна апликација на едно добро, а тие се содржани во Конвенцијата на УНЕСКО за заштита, афирмација и промоција на светското нематеријално културно наследство ратификувана од Владата на РМ во јуни 2006Оваа Конвенција, досега ратификувана во 155 држави во светот, се покажала како еден од најважните акти на УНЕСКО, бидејќи ја покажува сериозноста на една држава во поглед на заштитата на определено културно добро на своја територија. Колку повеќе се знае за оваа конвенција и се дисеминира нејзиното знаење, толку е подобро за сите чинители кои се вклучени во процесот на една апликација во УНЕСКО. Придобивката од впишување на одредено наследство на било која листа на УНЕСКО, ја валоризира и ја признава посебноста на наследството на светско ниво. Заштитувањето и афирмацијата на едно културно добро може да брендира една држава или регион, да го направи препознатлив во светски рамки и со тоа да му го зголеми економскиот бенефит.

Кратко инфо за Вевчани

Селото Вевчани се наоѓа во подножјето од планината Јабланица, 14 километри оддалечено од Охридското Езеро и градот Струга. Има преку 2.500 жители и своја локална самоуправа. Неговите жители кои се познати како врвни мајстори-градители, својата перспектива ја гледаат најмногу во развојот на туризмот. Од културниот туризам, освен Карневалот, надалеку е позната и вевчанската свадба. Во Вевчани е зачувана традицијата за мартинките, а се празнуваат и лазарско-ѓурѓовденските обичаи и песни. Вевчанските извори се само дел од природното наследство со чија помош ова село опстанува како жив музеј, или музеј на отворено. Ако до сега не се пошле, може да ги посетите и вевчанските светилишта, меѓу кои е црквата Св. Никола (19 век), трите параклиси на локалитетот кај Вевчанските Извори и природата во околината на Вевчани. Постои зачуван и еден мал дел од макадамски антички пат, но според повеќемина истражувачи, патот Via Egnatia не поминувал оттаму и најверојатно се работи за копија или крак на оваа позната траса.

Поглед од Вевчани кон Охридското езето
Поглед од Вевчани кон Охридското езеро – Фотографија Василка Димитровска, септември 2017

 

Како за крај

Со еден збор, ќе отидете еднашка во Вевчани – и се заљубувате заскогаш во тој предел. Старите велат дека ниту една Василица не смее да се заборави, па затоа секој следен карневал нека биде само еден чекор напред во зачувување на традицијата. А јас, сум горда што го носам името на светецот според кој карневалот започнал да се празнува. 🙂

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име