Дома Антропологија Духовните традиции на Тивериопол

Духовните традиции на Тивериопол

4,627 views
0

Денеска е големиот празник Светите Петнаесет Тиверополски свештеномаченици. Легендата за нив вткаена и на истоимениот археолошки локалитет, е составен дел од битот на некогашен Тивериопол, а денешна Струмица. Црквата посветена на овие светци која се наоѓа во истоимената месност, содржи еден од најстарите фрескоживописи во Македонија, на кои се претставени овие светители.

Sts._15_Martyrs_of_Tiveriopolis

Археолошки остатоци од базиликата посветена на
Св. Петнаесет тивериополски (струмички) маченици

Изложбата за ‘Духовните традиции на Тивериопол’ во Музеј на Македонија, имав чест да ја посетам на 25.12.2007 кога официјално се отвори, а поставката можешe да се види до крајот на јануари следната година. На изложбата беа опфатени археолошките наоди од три локалитети: Вељуса, Водоча и градското јадро каде се наоѓал средновековниот Тивериопол, сега под темелите на прочуената Орта џамија во Струмица. Концепциската замисла на изложбата опфаќаше временска рамка од 4 век. пред н.е. до доцниот среден век, а дијапазонот на артефакти се движеше од покуќнина, мегарски чаши со еротски сцени, тегови за разбој во разни големини, средновековни фрески и накит, се до архитектонски остатоци, претежно од римскиот и рано-христијанскиот период. Своевремено, додека траеше изложбата во Музеј на Македонија, направив едно кратко видео кое е вгнездено во текстот подолу.

tiveriopol basilica

Струмица, црква Св. 15 Маченици, 9. век
(цртеж според Д. Коцо – П. Миљковиќ)

Изминативе години додека траеја археолошките ископувања, одвреме навреме ќе се појавеше информација за одредени пронајдоци на некој од овие локалитети, како што беше случајот со мегарската чаша со сонце со 16 краци, а јас пред 2 години дури бурно реагирав на еден напис на Шпиц (текстот не е повеќе достапен на интернет), кога беше пронајдена мегарска чаша со претстава на Афродита, а тиe објавија дека се работи за статуа.

„Градот Никејски се фали со вашите пелени, богоносни, Тиверискиот пак, со чудата ваши се насладува и со страданијата се украсува, Теодоре, Божествен, и Тимотеје, Евсевие, богоблажен, и Комасие – и со песни Го воспева Христа во сите векови. Со свештени песни да ги воспееме Петар и Теодор, Јован, Никифор, Сергиј и Василиј, Тома, Харитон, Даниил и Јеротеј, со нив и Сократ себлажениот: сета твар нека Го благословува и нека Го превознесува Бога во сите векови.“

од житието на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици

Струмица, град со исклучително поволна географска положба како место каде се сретнале и прекршиле духовните и материјалните традиции на многу цивилизации, посебна улога имал во доцната антика и средниот век кога под името Тивериополис, прераснал во голем црковен епископски центар.

„Но мачениците, бидејќи неограничени по силата на Христа, чинеле чудеса изобилно не само на месните жители туку веќе ги распространувале надвор од границите. Зашто сите што биле обеспокојувани од демони и измачувани од други телесни слабости, кога пристапувале до ковчезите нa светите веднаш добивале исцеление, така што мнозина од Елините, водени од тие чудеса, ја познале вистината, пристапувале кон верата Христова и примале Божествено Крштение, и на тој начин ниту во Тивериопол ниту во околината не останал ниту еден безбожник…”

(од житието на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици)

 

Честит празник на градот Струмица! 🙂

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име