Дома Антропологија Ја промовирав првата археолошка електронска монографија

Ја промовирав првата археолошка електронска монографија

5,563 views
2

Мојата маленкост, мојот колега м-р Горан Санев кој го менаџира порталот Порта Археологика и Ирина Шумадиева од Фондацијата Метаморфозис, денеска во 12:00 ч. ги поканивме на прес конференција медиумите по повод објавувањето на првото археолошко електронско издание во Р. Македонија – монографијата „Античкиот град на Исар – Марвинци кај Валандово“, од авторот Д-р Викторија Соколовска. Промоцијата на првата електронска монографија од областа на археологијата и на културното наследство која се одржа во просториите на НВО Инфоцентарот, беше во една сосема опуштена атмосвера во која на крајот се обрати и самата авторка, која  за жал заминува да живее надвор од Република Македонија.

Како што ќе биде наведено подолу во инфото од МИА, овој настан е од особено значење за македонската археологија бидејќи за прв пат (освен книгата Археолошки дневник) се објавува еден научен труд од областа на археологијата и културното наследство и тоа од д-р Соколовска која е првиот дипл. археолог во Македонија, патем има околу 80 години, но и покрај тоа собрала храброст да публикува книга на медиум кој и самата не го познава доволно. Големо браво за храброста и моја огромна поддршка и поттик за сите колеги кои до сега се думаа ‘Зошто македонските археолози треба да публикуваат на интернет под лиценцата на Криејтив Комонс‘. Во недостаток на печатени трудови во македонската археологија што заради когнитивните капацитети на моите колеги, што поради скапата финансиска конструкција, публикувањето на интернет е единствениот начин да се ставиме на научната и културната мапа на светот.

Д-р Соколовска припаѓа на генерацијата археолози со кои започнале големите систематски истражувања во седумдесеттите години, со цел да се збогатат музејските збирки со нови артефакти. Била многу години вработена во Археолошкиот Музеј во Скопје (ребрендиран во Музеј на Македонија), а била и негов директор. Својот многугодишен научен интерес д-р Соколовска го насочила кон проучувањето на раната антика, т.е. пред-римскиот период, и на материјалната и духовната култура на племињата и народите кои ја населувале територијата на Пајонија и Македонија. Автор е на преку 80 стручни и научни трудови, објавувани во домашните и странските стручни и популарни списанија и позната е како во Македонија така и надвор од нашата држава.

Книгата се состои од 10 поглавја каде авторот не запознава со сите околности во средното Повардарие во времето на антиката, фокусирајќи се на етничката припадност на населението кое ги наслувало градовите во овој регион, како и на нивната убикација (идентификација). Преку археолошките истражувања и артефактите главното прашање на крајот од книгата е идентификацијата на градот на Исарот крај Марвинци со Добер или Идомене, еден од градовите кои се споменуваат во античките извори. Со кој од овие два града д-р Соколовска го идентификува градот на Исарот – ќе ви препуштиме самите да истражувате низ страниците на новата монографија за Исар-Марвинци.

Симни ја книгата во е-верзија
Формат: пдф/7.95 МБ – Превземи

Додатоци

Линк: Рецензија од Фондацијата Метаморфозис

МИА – Вторник, 14 Јуни 2011, 15:17
Промовирано првото археолошко електронско издание во Македонија

Првото археолошко електронско издание во Република Македонија – монографијата „Античкиот град на Исар – Марвинци кај Валандово. Културно-историски осврт“ од најстариот и првиот дипломиран археолог во државава, д-р Викторија Соколовска денеска беше промовирано.

Ирина Шумадиева од Фондацијата „Метаморфозис“ истакна дека се занимаваат со промоција и застапување за користење на лиценците од Криејтив комонс, меѓународна организација која се занимава на интернационално ниво со промоција на лиценците.

– Првпат во македонската археологија се промовира монографија, научен труд, кој е напишан од доктор на науки, признат кај нас и надвор, рече археологот м-р Василка Димитровска, која исто така има ставено свои дела под лиценцата на Криејтив комонс.

Таа потенцира дека Македонија има огромно културно наследство кое, како што рече, поседува мал капацитет на научни и стручни трудови кои може да ги употребуваат обичните луѓе, медиумите, туристичките работници. Според неа, недостатокот од тие дела најчесто потекнува од финасиите кои се потребни за публикување на сите книги и монографии.

– Нивното објавување на интернет не само што го смалува тој финансиски трошок, туку прави тоа дело да биде достапно за сите во секое време, рече Димитровска.

Археологот м-р Горан Санев и менаџер на порталот за археологија „Порта Археологика“ истакна дека објавувањето на оваа прва електронска археолошка монографија ќе биде инспирација и почеток на воведувањето на македонската археологија во современите издавачки трендови кои, како што рече, несомнено овозможуваат лесна и брза достапност до потребните инфорамции.

– Во оваа монографија д-р Соколовска ни ги пренесува нејзините најнови согледувања и заклучоци на повеќе прашања поврзани со античкиот град на Исарот. Така преку десет поглавја авторот во целост не запознава со историјата, географијата и населеноста на Долното, односно Средното Повардарие во антиката, рече Санев.

Тој информира дека Соколовска има објавено повеќе од 90 стручни и научни трудови, објавувани во домашни и странски списанија. Во текот на својот истражувачки век, Соколовска била учесник и раководител на голем број археолошки истражувања.

Соколовска се осврна на својот труд и потенцира дека градот на Исарот го идентификува со Добер, еден од двата града кои се споменуваат во изворите. Според неа, овој локалитет заслужува да биде познат во нашата наука и јавност.

Наскоро се очекува да излезе и англиска верзија на оваа монографија.

Книгата може да се најде на линкот www.cc.org.mk во секцијата дела.

Архива на линкови: 1, 2, 3, 4, 5, 6 (en), 7 (sq), 8,

2 КОМЕНТАРИ

  1. Клик на сликата носи на даунлоад страната на книгата археолошки дневник. Поправка е потребна. Линкот под сликата си е OK.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име