Home Археологија Археолошкиот локалитет Градиште, с. Таор со сопствен веб сајт

Археолошкиот локалитет Градиште, с. Таор со сопствен веб сајт

11,751 views
3

Локалитетот во Таор е ископување на кое и самата имам учествувано, а своевремено пишував и текстови за веб сајтот на студентското друштво Аксиос, кои веќе одамна не се достапни на интернет. Овој локалитет можеби споро, но секако упорно си го завзема своето место на Археолошката карта на Македонија, благодарение на мојот колега археологот м-р. Кире Ристов од Музејот на Град Скопје – раководител на овие долгогодишни ископувања. Сваќајќи ја предноста на интернетот како медиум, од ноември 2008 година почна да се подигнува веб сајт на ископувањата во Таор на македонски и англиски јазик каде освен досегашните резултати од истражувања може да се погледнат и мапи, цртежи, а има фото и видео галерија.

tavresium

И годинава горе-долу континуирано продолжуваат ископувањата на археолошкиот локалитет Градиште, во с. Таор, што ми даде повод да ја промовирам и  сопствената веб страница која овој локалитет ја доби неодамна.

Имам доста замерки на веб страницата почнувајќи од домејнот, како и на дел од содржината, цитатите, литературата …, а да не кажам пак дека изгледот е онака олд скул, како на почетокот од деведесеттите години кога почнаа да се прават сајтови. :) Што е она кое би го променила на позитивно:

1. Домејнот – оригиналното име на негогашниот град од времето нa Јустинијан I e Tavresivm, што воопшто не кореспондира со сегашниот домејн. Покрај него може да се додаде барем уште еден чија наставка би била .mk. Секако нема штета еден сајт да има 2 или повеќе домејна.

2. Кога некој тип на фајл (фотографија, мапа, видео, текст) ќе отиде на интернет мошне е тешко да се спречи неговото даунлодирање и плагирање. Така онаа реченица најдолу дека „Сите права се задржани. Забранета е употреба на материјалот од оваа интернет страница без дозвола од авторите.“ е многу подобро да се замени со една од лиценците на Криејтив Комонс. Со тоа се обезбедува поголем легитимитет во однос на цитирањето на самиот сајт, а од друга страна се одлична алатка за истражувачката заедница (за археологот/тимот кој го ископува)  да ги сподели значајните (заштитени со копирајт) содржини, овозможувајќи им притоа одредена репутација за нивниот придонес во општеството.

3. Потребно е да се наведе од каде е цитатот на насловната страница и покрај тоа што се знае дека е тоа од Прокопи(ј)е (Procopius of Caesarea), како и тоа да се најде посолиден англиски превод на истиот, отколку тој да се преведува директно од македонски.

4. Предметите и архитектонските градби на локалитетот се наведени, но без цитирана литература и отсуство на компатибилен материјал во регионот и пошироко. Исто така отсуствува и литература каде овој локалитет бил обработен, презентиран и публикуван до сега.

5. Секогаш треба да се има во предвид дека сајтот го гледаат различни профили на луѓе, со различен степен на образовение. Затоа сметам дека кај фотографиите е потребно да се додаде кратко инфо, опис на секоја слика, како и имињата на луѓето кои работат на теренот.

Но со оглед на фактот дека само 5 археолошки локалитети во Македонија се пропратени со сопствен веб сајт (Вардарски Рид, Скопско Кале, Кокино, Тумба Маџари и Цареви Кули), сепак успех е што оваа веб страница воопшто постои. Бидејќи Министерствата за сега се премногу зафатени по спонзорирање на шунд склуптури и печатење на томови бесцелна литература, отколку со минимални вложувања во презентацијата на културното наследство на интернет.

Местоположбата на археолошкиот локалитетот ,,Градиште” – с.Таор

Местоположбата на археолошкиот локалитетот ,,Градиште” – с.Таор се наоѓа на 20 км југоисточно од Скопје. За прв пат е откриен пред повеќе од сто години од англискиот патеписец Артур Еванс (Arthur Evans), кој на местото на античкиот град Скупи (Scvpi) го препознал се уште изгубениот град Јустинијана Прима (IUSTINIANA PRIMA), а во селото Таор – родното место на царот Јустинијан Први (Iustinian I), Taurisium . Во историската хронологија овој локалитет се поврзува со големиот император Iustinian I, најмногу според податоците изнесени од неговиот биограф Procopius. Според историографот Procopius тој се родил во местото наречено Taurisium, во близина на кастелот наречен Baderiana. Населбата била разрушена во големиот земјотрес од 518 година, чиј епицентар бил на местото од денешно Скопје, во кој меѓу другите настрадало и античкото Scupi . Iustinian I за да му се оддолжи на своето родно место, го обновува и доградува. Во негова непосредна близина ја гради преубавата и волшебна IUSTINIANA PRIMA, како град-седиште на неговата архиепископија.

Проучувањата на теренот покажаа дека во Таор навистина постои тврдина, датирана од VI век, со 4 кули (тетрапиргија). Како што забележал Procopius, 6 км источно од Таор лежи крајпатен каструм крај селото Бадер со остатоци од IV-VI век. Можеби вистинското име му било Baderiana, која Procopius ја посочил како најблизок патоказ. Важно е да се забележи дека имињата на селата Таор и Бадер се од предсловенско потекло, што укажува на тоа дека можно е да биле изведени токму од Taurisium и Baderiana. Дури во 2000 година започнуваат систематските ископувања водени од археологот Кире Ристов и Музејот на град Скопје.

Првите истражувања на теренот евидентираа атрефакти од раното бронзено време (кои се спорадични и без паралелен културен слој како контекст). Подоцна ќе биде откриен дел од бедемот кој ја обиколувал населбата. Вниманието досега го привлекуваат делови на две јавни градби, од кои поинтересна е втората, за која истражувачите сметаат дека претставува атриум. Атриумот наведува на помислата дека тука треба да се очекува постоење на поголем објект од јавен карактер. Ова зборува дека во периодот на доцната антика од IV-VI век, но и подоцна, населението на овие простори имало активен живот. За тоа сведочат големиот број на монети, накит, керамички садови, предмети од стакло за секојдневна употерба, остатоци од панцир, орудија, оружја и други атрефакти.

од мојот пост – По трагите на ,,Изгубениот град – Iustiniana Prima”

 

Јустинијан                     Теодора

Од друга страна во Србија, на локалитетот Царичин Град каде веќе еден век траат ископувањата, нашите соседи скромно се надеваат дека можеби ќе ја најдат Јустинијана Прима. Меѓутоа она кое им фали и дефинитивно може да го потрвди нивните надежи е пронаоѓање на натпис, што во археологијата е навистина ретко, но не е невозможно. Е сега дали Царичин град е или не Iustiniana I, а Таор родното место на овој имепратор веројатно ќе покажат археолошките ископувања. А дали IUSTINIANA PRIMA навистина постоела и каде била изградена останува археолошка загатка која многумина би сакале да ја одгатнат.

Досие ,,ТАОР”

“Откриена” нова археолошка атракција – 2001-07-02
Јустинијана Прима најверојатно е во Таор 2001-07-06
Откриен панцир од византиски офицер 2001-12-27
Уредување на археолошкиот локалитет “Таоресиум” 2002-03-28
Откриени атриум и фурна 2002-09-14
ТАЈНИТЕ НА ЕДЕН ГРАД СЕ УШТЕ МИТ 2002

Јустинијана Прима на дваесет километри од Скопје? 2002-09-14
Ќе ја открие ли Таор мистеријата на Јустинијана Прима 2002-10-05
Дали Царичин град е родниот град на Јустинијан 2006-10-16

Препорачани линкови

Јустинијана Прима кај Чучер – Сандево?
Последниот антички владетел од Таор
По трагите на ,,Изгубениот град – Iustiniana Prima ? 
Разговор со Кире Ристов – денес стартува ископувањето на локалитетот Таор

3 COMMENTS

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here