Home Администрација Ете бидна и BlogOpen 2008 во Бор

Ете бидна и BlogOpen 2008 во Бор

6,388 views
7

За Бор тргнавме во 03:55, утрината во саботата на 05. Октомври 2008. Со една цел – да бидеме дел од годинешниот BlogOpen како претставници од Македонија. Повикот беше отворен до целата блогосфера, но од вкупно 11 присутни македонци, се собравме само шест блогери (Арвена, Дарко, Џаман, Фемгерила, Оксиморон и Гершанина) и еден љубител на блог-постови. 🙂 Патувавме со изнајмено рент а кар комбе и јас изричито бев против тоа да се пушат цигари внатре. Успаев да ги истрпам критиките, ама затоа неизбежно беше застанувањето на секој половина до еден час.

BlogOpen е конференција осмислена и патентирана од Татјана, која ја има и официјалната лиценца. Минатата година тој се одржа во Нови Сад, а оваа година како дестинација беше избран Бор. Замислен на почетокот како работна средба на блогери, од оваа година настанот премина не само во традиционален, туку и во интернационален. Имаше блогери од Босна, Хрватска, Србија и Македонија, па дури дојдени и од Англија. 😀

За Бор и гостопримливоста

Бор е мало рударско и индустриско гратче основано во 1945 година. Геоморфолошки е слично на нашата Македонска Каменица, на која по многу нешта наликува. Се наоѓа во Тимочка крајина, а она кое пленува се прекрасната природа и околината во која се наоѓаат огромен број на лековити бањи. Луѓето се срдечни, весели и гостопримливи. Испадна дека ние го имаме најдоброто сместување од сите учесници и една од најдобрите газдарици. Уште долго ќе ги паметам нејзините принцез-крофни кои ни ги направи за добредојде. 🙂

Со голема љубов и упорност на граѓаните, ова мало место прераснува полека во мини туристички центар со одлични угостителски капацитети. Верувајте секој би посакал барем еднашка да го посети. Или како некои од нас, да се релаксира во некоја од бањите.

Ова е верувам настан без преседан, кој го постави Бор на културната мапа на светот. И навистина заслужено. Едно големо браво за луѓето кои стоеја позади овогодишниот Blogopen, а тоа е BITNO (Borska internet organizacija). Најмногу благодарност веројатно и должиме на Суска која на сите можни начини се погрижи целиот престој да ни помине благопријатно. Организаторите добро се држеа за време на конференцијата, па не дозволија да забележиме колку се всушност возбудени.

За конференцијата

Распоредот како течеа предавањата, може да се прочита на официјалниот сајт на BlogOpen. Овдека би се задржала на сопствениот впечаток. Имав(ме) чест да ги слушаме двата највлијателни германски блогери (Oliver Gassner и Robert Basic), но мене лично задоволство ми направи разговорот со Саша и Бане за време на свечената вечера организирана во Брестовачката бања. Луѓето едвај веруваа дека јас своите текстови како ги пишувам, така ги постирам на блогот. Но тие се книжевници и критичари на убавиот збор, додека јас сум само археолог кој се труди на еден сосема приземјен начин да ја доближи археологијата до луѓето.

Мислам дека прилично добро се претставивме во однос на јавните настапи, со оглед на тоа што Фемгерила и Оксиморон учествуваа во двете од најкоментираните панел-дискусии, а ние останатите се вклучувавме со свои прашања или коментари. Многу луѓе меѓу кои и Драган Варагич (со кој веќе се сретнавме на Glocal конференцијата во Скопје), добија впечаток дека македонската блогосвера е прилично организирана и конципирана на едно повисоко ниво за разлика на пример од српската. Повторната средба со Драган ни донесе многу забава, умерени критики, но и размислувања на тема блогирање-заработување после кои верувам дека некои од присутните добија сосема поинаква перцепција што се може да се стори со блогот.

BlogOpen, Bor, Serbia

Фото vs. Видео

Фотографиравме сите, а за видео материјалот беше задолжен Дарко. Јас лично нема да постирам фотографии со останатите блогери на нив, се додека не добијам дозвола која од сликите сакаат да отиде во јавност. Донесовме полна архива од снимки, а веќе добивме и понуда за гостување на една од националните телевизии. 🙂

Блогопедија

Како шлагворт на овогодинешниот BlogOpen беше книгата Blogopedija – избор од најдобрите постови за изминатава година пишувани на српски, хрватски, бошњачки или македонски јазик. BITNO (на наше огромно задоволство) покрај тоа што ни дадоа примерок на сите присутни, испратија уште 40 книги за сите македонски блогери кои воопшто се пријавиле на конкурсот, независно дали влегле меѓу публикуваните. Дел од примероците понесов јас, нешто Фем, а најмногу Оксиморон. Блогерите ќе бидат контактирани каде и како ќе можат да си ги подигнат книгите. Бане сепак се потруди никој да не биде заборавен.

Од 41 текст кој се најде поместен во Блогопедија, 11 се од македонски блогери. Високиот процент на застапеност во оваа книга само сведочи за квалитетот на македонска блогосфера во однос на литературата. Исто така учесниците на конференцијата не можеа да ја скријат воодушевеноста за едицијата ,,Блог записи”, иако на пример и во Србија во последната година доста од блогерите имаат издадено книги. Mи беше криво што не понесовме по некој примерок од блог-книгите. Се уште имам впечаток дека добро ќе се продаваа.

Бане – епа што да ви кажам, Бане е супер. Јас добив еден искрен потпис од него на мојот примерок од Блогопедија, а видливо беше неговото задоволство од нашето присуство во Бор. Навистина му беше криво што не се појавија блогери како Букарски, Мечето Ушко и Јуракот, па се надевам дека во иднина тоа ќе се надокнади. Неговата ,,Креативна работилница за пишување” беше една од најинтересните и најактивните. За кратко време идејата ќе биде поместена на неговиот блог, каде што секој кој сака може да земе учество. Тоа ќе биде верувам еден од пооригиналните проекти кои се појавиле во последно време по балканската блогосфера.

Заклучок:

Многу дружење, забава и овердоуз информации направија ,,проблем” да си ги средиме впечатоците. Ваков тип на настани го прават човек побогат за едно големо искуство, низ кое секој би посакал да помине секој во животот. Заклучоци има многу. Најважниот, успеа да се надмине ксенофобијата која дел од македонската блогосфера се обиде да ја наметне пред почетокот на овој BlogOpen.

Ова се само почетните импресии. Македонската блогосфера е зрела за еден поголем потфат. Многу поголем отколку една интерна блог конференција каква што ја правиме секоја година. На крајот пред заминувањето од Бор си рековме – BlogOpen во Македонија? Зошто пак да не …


Линкови:

Краток видео преглед од овогодинешниот BlogOpen
Блогосферата за BlogOpen 2008

7 COMMENTS

  1. Лепо је имати госте као што сте били ви. Након овако лепих речи, ја само могу да вас позовем да нам будете гости кад год то пожелите.

    Хвала вам свима што сте конференцију БлогОпен учинили међународном.

    Свако добро 🙂

  2. многу ти е добра патеписнава репортажа…
    скоро и да доловува колку ни беше убаво 🙂
    блог-дружењава излегоа навистина на ниво…

    догодина Охрид!?

  3. Захваљујем се овим путем свим Македонским блогерима који су се појавили на Блогопену и свима који су подржали Блогопедију.
    Хвала и много вас волим.
    Осветлили сте образ Македонији.
    А Василка је била прави министар за комуникације 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here