Скопје има микро клима, изгор лето, кочан зима. Скопје има свој препознатлив Камен мост, моќна тврдина над Стариот град и планина која го чува. Но Скопје има и неколку бренда кои околу стотина години се гордост за главниот град на Република Македонија. Се смета дека не си го вкусил најдоброто од Македонија, доколку не си го пробал локалното „Скопско“ пиво, бренд со кој се идентификуваат многу поединци и генерации на семејства кои го создавале или го конзумирале овој пијалок.
Во 2018 година започна соработката на ХАЕМУС со Пивара Скопје АД, една од најстарите компании во Скопје и Македонија. Пивара Скопје АД е познат бренд кој го има заслужено своето место во производството на пиво и во поттикнување на културата на пиење пиво како во Македонија, така и во поширокиот регион и Европа. Компанијата своето патување како приватна инвестиција го започнала уште во раните 1920-ти, а во периодот на социјализмот била национализирана. Денес Пивара Скопје е зедничко вложување и дел од големото семејство на Coca-Cola HBC и HEINEKEN N.V.
Главната цел на проектот е научно-истражување за историјатот на „Парна Пивара АД Скопје“, кое било и всушност првото официјално име на пиварницата. Според документите кои со колегите од ХАЕМУС ги откривме во Архивот на Југославија (Белград, Србија), пиварницата е создадена на 02. септември 1922 во Белград и во 2022 година наполни сто години. Во рамките на проектот нашата задача е да го документираме сукцесивно историскиот континуитет на Пивара Скопје АД преку истражување во архивите во Белград, Загреб и Софија и секако домашните архиви од кои голема благодарност би сакала да искажам за вработените во Архивот на град Скопје. Таму ги пронајдовме и оригиналните деловодни книги кои биле уредно водени уште од самите почетоци на компанијата и кои фрлаат едно сосема до сега невидно интересно светло на социјалниот, економскиот и забавниот живот на градот Скопје во првите неколку децении од 20 век.
Исто така до сега направивме многу интервјуа со луѓе кои работеле во пиварницата низ децениите, за да ја доловиме душата на самата компанија, а исцрпувачкото собирање на историски документи и артефакти кои ја прикажуваат традицијата на компанијата стара речиси еден век, визуелизирано е преку дел од поставката во Музејот на Пивара Скопје АД.
Фаза1: 2018-2022 | Консалтинг, научно истражување и документирање на индустриското наследство на Пивара Скопје АД
Фаза 2: 2023 | Создавање, организирање и консалтинг за Experience Center and Museum на Пивара Скопје АД
Фаза 3: 2024 – ∞ | Heritage storytelling на Пивара Скопје АД
Пивара Скопје АД е индустриско наследство коешто го надополнува историското наследство на компанијата, додека пивото „Скопско“, кое за првпат било произведено во август 1924 година, во август 2024 официјално ќе стане македонско нематеријално културно наследство.