Home Археологија Како до подобар имиџ на археолозите во медиумите – случајот во Штип...

Како до подобар имиџ на археолозите во медиумите – случајот во Штип со ископувањето, џамијата и законот

2,723 views
0

Предмет на рецензија или повеќе би сакала да кажам, предмет на моја реакција е написот ,,Македонци и Срби бесправно вршеле археолошки ископувања во џамија во Штип”, објавен на 20.04.2015 во FOX MK. Во текстот е спомената терминологија за ,,бесправно’’ археолошко ископување која според Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија не постои, па оттука целата реторика на написот добива сосема погрешна конотација во медиумите за работата на археолозите и правниот аспект на истата. Истото се случува и со верскиот статус на објектот со кој во јавноста се пренесува сосема поинаква димензија на интерпретација.

Вистинитост на информацијата

Информацијата за овој настан е вистинита бидејќи е базирана на релевантен извор на информации, во овој случај СВР Штип. Се поставува прашањето зошто државните институции и органи не реагирале порано, бидејќи во текстот се наведени две оштетувања во последователни две ,,археолошки ископувања”. За да има второ оштетување на еден споменик на културата заштитен со закон, морало да се случи првото оштетување за кое претходно немало никакви сознанија ниту пак соодветна реакција.

Screenshot-FOX MK

Квалитет на насловот или непотребно таргетирање

Во насловот пренесен од повеќе медиуми во благо изменета форма (1, 2), споменaта е етничка припадност или државјанство на осомничените за стореното кривично дело. При тоа, новинарите не објасниле зошто е тоа важно за случајот, бидејќи ваквото етикетирање/таргетирање може да послужи подоцна како средство за поттикнување нетрпеливост по етничка, национална или верска основа, што е спротивно и на јавниот интерес и на самата тема на написот која е повеќе информативна. На овој начин се поттикнуват стереотипи и предрасуди, чијашто „највисока форма“ е говор на омраза што е пак од друга страна кривично дело.

Локација во насловот или што отсуствува кај медиумите

Од насловот се добива впечаток дека оштетувањето од дивите копачи се случило во џамија, а не во црква, бидејќи во текстот не е појаснето двојното именување на објектот. Сегашната црква св. Илија со местоположба над градот Штип е изградена врз постара средновековна црква за која постојат историски записи. Кон крајот на 19 век, објектот бил срушен/преадаптиран од страна на Турците и претворен во Хуса Медин Пашина џамија. Официјални археолошки ископувања до сега не се вршени, па статусот на споменик на културата од висок ранг дополнително треба да биде научно верифициран. Со оглед на континуитетот на жив споменик на културата во кој на секој 2. Август се одржува богослужба, објектот го носи првенствено статусот на црква, а дури потоа може да се употреби секундарното именување кое го добил во минатото како џамија. Во написот недостасува кратко објаснување за споменикот, а даденa е исто така погрешна интерпретација за неговиот верски статус. Исто така отсуствува и изјава на археолози кои работат во Заводот за заштита на спомениците и Музеј во Штип, кои како локална институција од областа на културата се најдобро упатени во истражувањата и состојбата на црквата Св Илија.

Појаснување за правен редослед при археолошко ископување

Во обид да им се помогне на медиумите да не пласираат испревртени информации, потребно е да се објасни процесот на ,,правно” археолошко ископување, бидејќи терминот бесправно археолошко ископување не би смеел да постои во вокабуларот на новинарската професија.

Само археолог кој работи во институција или организација со уредно поднесен проект кој поминал во Министерството за култура и со обезбедени средства од државата или од приватни спонзори/институции, може легално да добие дозвола од Управата за заштита на културното наследство врз база на елаборат. Со тоа стекнува право на археолошко ископување на локација која веќе е означена како археолошки локалитет или има основа според површинските ресурси да се смета како таква. Оттука, терминологијата од типот на ,,бесправно археолошко ископување” не постои, бидејќи се што не е во рамките на Законот за културно наследство на Република Македонија, се смета за криминал и како таков се казнува според постојните закони. Исто така овие именувања даваат сосема погрешна димензија за имиџот на археолозите во Македонија кои не би смеело да се едначат со криминалци и диви копачи врз база на своеволна интерпретација на фактите од страна на медиумите.

Наместо заклучок – што се случи со имиџот на археолозите?

По редица немили настани кои се однесуваа на културното наследство, имиџот на археолозите во јавноста е комплетно изместена слика за реалноста на една професија која покрај својата благородна мисија да го истражува и интерпретира минатото, треба да придонесе и кон градење на имиџот на една држава пред светот. Се поставува прашањето дали за оваа ситуација се криви само медиумите и пораките кои тие ги пренесуваат, или и самиот начин и ‘медиумот’ преку кој поракатa е пренесена од археолозите кон јавноста!?

Не смееме да се заборавиме дека сите археолози се јавни ангажирани личности. Поради професионалната природа на својата работа, тие се должни и имаат етичка обврска и одговорност да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое ископување или случување. Во спротивно нивното молчење ќе се третира како потврда за одредена манипулација од страна на мејнстрим а особено новите медиуми, кои во последните децении се ентитет кој го обликува јавното мислење. Во отсуство на научни публикации и јавни дебати, за многу луѓе медиумите се и единствениот извор на информации, како што е тоа моментално случај со археологијата во Република Македонија.

Во генерална смисла, не се само информациите во медиумите виновни за лошата претстава за стручноста на археолозите во Република Македонија. Амбиентот го надополнува нивното генерално отсуство во медиумите и давањето на релевантни изјави за некој настан или ископување, отсуството на јавните дебати, непубликувањето на досегашните сознанија и воопшто, отсуство на македонските археолози е видливо во сите димензии кои креираат едно демократско општетство.

Медиумите можеби несвесно проекетираат една ситуација која трае со децении и на некој начин ја отсликува работата на археолозите, нивниот имиџ во јавноста, односот на институциите од културата кон наследството и најсетне, неуспехот на државата сето тоа да го стави под заштита и закрила на своите механизми.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here