Home Археологија 10 години од Википедија и 2 години од Викимедија Македонија

10 години од Википедија и 2 години од Викимедија Македонија

2,830 views
0

Вечерта на 15.01.2011 низ цел свет се прославуваше десет години од постоењето на Википедија, првата слободна енциклопедија која секој може да ја уредува. Во таа чест, фондацијата Викимедија која стои позади Википедија, организираше настани низ светот од кои некои се случија и во Скопје. Како еден од основачите на Wikimedia Macedonia, присуствував на настанот за кој се погрижија некои од другите членови на здружението, а се случуваше во старата скопска чаршија, во кафулето Ла Кања. Упатувам благодарност и до Фондацијата Метаморфозис, Слободен софтвер Македонија, Канал 103 и Порталот IT.com.mk за поддршката и партиципацијата во овој, но и во ред други настани на Викимедија Македонија кои претходеа, а некои допрва ќе се случат.

Го потпишувам статутот на Викимедија Македонија

Кон крајот на 2009 година заврши процесот во кој со уште неколку активни членови на Македонската Википедија ја создадовме Викимедија Македонија, организација која е официјален локален огранок на фондацијата Викимедија. Со тоа го озаконивме нашиот повеќегодишен придонес кон македонската верзија на Википедија, која ја подигнавме од ништо и ја доведовме до стадиум на моментални скоро 43 000 статии. Викимедија Македонија е огранок на фондацијата Викимедија за Република Македонија и функционира како граѓанско здружение кое работи во согласност со законот за граѓански здруженија и фондации. Викимедија Македонија е основана на 13 март 2009 во Скопје, а огранокот е одобрен од фондацијата Викимедија на 21 септември 2009. Во меѓувреме, во името на Викимедија Македонија јас имав свој настап на E-society 2009 со темата ‘Јас Медиум‘, додека некои од другите членови исто така имаа активности и локално, но и глобално како учесници на неколку светски конференции од оваа сфера.

Основачите и создавачите на Македонската Википедија
и на Викимедија Македонија

прв напис на Македонската википедија беше во далечната 2006 година, додека проектот Википедија на македонски јазик постои од крајот на 2004 година. Во рамките на Википедија напишав, поставив, ажурирав или променив стотици текстови, а го започнав и проектот АрхеоМак 2.0 кој резултираше со Портал за археологија. Како активен корисник кој веќе неколку години придонесува за содржините на Македонската Википедија во областа на археологијата и културното наследство, (вклучувајќи го и проектот Археомак 2.0) изнајдов начин да ги спојам овие две работи, со тоа што делумно некои мои постови ги пишувам во духот на Википедија за да можат подоцна да бидат искористени и да се се постават како статија на оваа отворена енциклопедија. Создадов една огромна онлајн архива за македонската археологија која можам да ја повлечам кога сакам и да ја одвојам на посебна вики платформа, со што би се создала веројатно најдобрата интернет архива за оваа наука. Признавам, порано бев поактивна во ажурирањето на написите, но затоа сега повеќе работам на промоција на оваа енциклопедија.

Што е доброто со знаењето на Википедија. Едноставно, по мое мислење (не заборавајте дека сум археолог), ако не го споделите знаењето, можете слободно да си го однесете во гроб. Sharing is caring, па затоа не чекајте, седнете и почнете да уредувате или да дополнувате некоја статија на Википедија. Најголемиот проблем со кој се соочува Македонската Википедија е недостаток на стручни кирилични содржини како валидна референца со која би се поткрепиле текстовите, затоа што корисниците не можат ниту смеат да измислуваат информации за да ги постават на интернет.

Еден од најретвитуваните статуси по повод роденденот на Википедија

Википедија е повеќе јазичен проект на креирање на потполна и точна слободна енциклопедија. Секој посетител може да додава и менува статии. Во развојот на Македонската Википедија како заеднички проект можете да се вклучите преку некој од следниве начини:

1. Пишување нови статии
2. Проширување на веќе постоечките
3. Техничка помош (ако е потребна, посебно за табели, функции можете да се обратите за помош кај другите корисници)
4. Промоција кај други луѓе кои би биле заинтересирани да ги спроведат на дело горенаведените работи.

Македонска онлајн енциклопедија е потребна зошто се покажа (случајот со енциклопедијата на МАНУ) дека како држава досега немаме издадено релевантна општа енциклопедија. Како исклучок ќе ги наведам Македоника, која е енциклопедија само за Македонија и Македонски древности, специјализиран ЦД-ром за археологија и историјата на уметноста, обете печатени на медиум до кои пристап имаат само ограничен број на читатели (оние кои ќе ги купат цедињата). Со онлајн енциклопедија добиваме книга која што освен бесплатна, секојдневно расте и секој и од секаде може да ги користи нејзините податоци. Што впрочем се случува и во моментов.

Јас немам некое големо IT искуство и кога почнав да пишувам на интернет, се што сакав е да го споделам своето знаење за културното наследство. Ми беше доволен компјутер, пристап на интернет и голема љубов кон археологијата. Се уште не сум ја изгубила својата цел и после толку многу години. И многу сум горда за се што создадов и покренав во дигиталниот свет, а има врска со археологијата. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here