Home Археологија Златната маска од Охрид патува надвор од Македонија

Златната маска од Охрид патува надвор од Македонија

5,875 views
0

На 30 септември 2002 год., со систематски археолошки ископувања кај Горната Порта во Охрид, откриена е гробница со седумдесеттина гробни прилози од разновиден материјал (керамика, ќилибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато). Помеѓу нив се пронајдени два артефакта од посебно значење поради својата ексклузивност: една златната посмртна маска и една златната ракавица со златен прстен. Ова епохално откритие за македонската, но и за балканската и европската археологија треба да фрли дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола во ‘Требеништа’ крај Охрид, кадешто во првата половина на 20 век, во 1918 година и 1934 година се откриени исто така четири златни маски (денес две во Белград и две во Софија). Временската припадност на оваа гробница од Охрид и на сите наоди во неа е 5 век пр. н.е., со слична датација како и останатите златни маски кои не се веќе во Македонија.

Фотографија на златната маска и ракавица од Охрид
Фотографијата е сопственост на © УЗКН

Од причина што никаде не можат да се најдат релевантни информации кои граѓаните би сакале да ги прочитаат за овој артефакт, своевремено на Македонската Википедија беше поставена една наменска статија за златната маска од Охрид. Но и она што е напишано на Википедија треба да се земе со резерва, и потребно е да се ревидира и апдејтува, од причина што е краток сублимат на она кое е кажано за оваа маска на еден далечен симпозиум во 2004 година во Гевгелија, и на некои информации што се веќе познати од претходни публикации.

Колку што јас можам да си спомнам, ако грешам душа нека ме поправат колегите, но освен еден официјален труд од 3 страни, не можев да најдам ништо друго публикувано за овој артефакт. Ако постои, слободно додадете ја публикацијата во коментарите, додека пак споменатиот труд посветен на златната маска од Охрид е вгнезден подолу во постот.

The golden mask from Ohrid, Republic of Macedonia

Според Законот за културно наследство кој може да се симне од сајтот на УЗКН (Управата за заштита на Културното наследство), археологот кој истражувал одреден локалитет има право во рок од три години да ги објави резултатите  и да ги предаде движните наоди на својата матична институција или друга национална музејска установа. Како надокнада за неговиот труд, државата му го дава на археологот научното право од тие три години за да може наодите кој ги пронашол да ги обработи и научно публикува. Потоа наодите се враќаат во институцијата која е задолжена за нив и по закон му припаѓаат на секој граѓанин на РМ, т.е. “Грижата за културното наследство и неговото почитување е должност на секој граѓанин” (ставка 5, член 7, глава I од Законот). Понатаму, артефактите мора да се достапни за секој оној кој ќе изрази желба да ги проучува. Арно ама, непубликување на наодите е една многу болна точка на македонската археологија која се провлекува веќе со децении и треба да се стави крај на сета таа несериозност во односот кон нашето културно наследство.

Археологот кој ископувал е само една методолошка алатка во целиот процес на пронаоѓање, детектирање, ископување, презентирање и публикување на наодите од едно археолошко ископување. И не постои ставка од Законот според кој тој може да ги држи наодите 5-10 години, притоа да не ги публикува или пак да не ги даде на некој субјект заинтересиран за истите. Секое недоследно спроведување на законот, автоматски е и негово прекршување.

Од непознати причини, златната маска повеќето од македонските археолози ја немаат видено во живо и никогаш од 2002 година до сега не била изложена пред јавноста, стручна и нестручна. Но ете, на изложбата ‘Христијанството во Македонија’ која ќе биде отворена од 8 февруари во холандскиот град Утрехт, Холанџаните ќе ја има честа први да го видат овој ексклузивен артефакт од Македонија кој не потекнува од христијанството туку од 5 век. п.н.е. Блазе си им! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.