Home Археологија Мојата изјава за Фокус во врска со архитектонското наследство на Македонија

Мојата изјава за Фокус во врска со архитектонското наследство на Македонија

4,877 views
8

Пред некој ден ми се обратија од неделникот Фокус да дадам изјава за текст коjа се најде во нивниот денешен број. Не бев упатена кој е поводот за написот, освен дека има допирни точки со конзервација, заштита и презентација на нашето богато архитектонско наследство.

Архитектонското културното наследство на Република Македонија е светска заедничка продобивка и треба да се негува. Сите ние кои се бавиме во било кој облик и на било кој начин со културното наследство, веруваме дека тоа носи добробит за заедницата која се идентификува со него, зошто е незаменлив сведок на минатото. Всушност, развојот на едно општество се мери и според односот кон сопственото културно наследство, бидејќи тоа не само што ни го оживува минатото, туку помага да се разбере човечкиот, друштвениот и технолошкиот развиток. Остатоците од древнините служат како потсетник од каде сме дошле, каде патуваме, кои сме и кои “сакаме да бидеме”.

Поради пренагласениот елемент на политиката, во последната деценија почнаа да се вулгаризираат културните добра кои сме ги наследиле од претходните генерации или кои настануваат во сегашноста како архитектонски отисок на едно време. Туризмот е гранка која својот развој помеѓу другото го темели врз културно-историското наследство и архитектонските објекти насекаде во светот се околина во која се случуваат многу настани, изложби, работилници, концерти, биеналиња и перформанси. Со оглед на раскошноста од изобилството на облици, се надевам дека туристите во Македонија ќе имаат можност што побргу да го видат ова богатство кое може да не стави на мапата на посакувани туристички дестинации, но тоа претходно мора да биде добро средено во поглед на конзевација, заштита и презентација на објектите. Од стотици ископувани, засега само неколку арехолошки локалитети се спремни за туристичка валоризација, а што се однесува до сакралното наследство сеуште не е дефинирано прашањето како да се третира во поглед на влезниците одреден споменик на културата кој во исто време е и ‘жив’ (во него се одвива одредена религиозна процесија). Поради природата на својата работа и како археолог, но и како професионален туристички водич, би сакала да го споменам нашето богато византиско наследство кое привлекува голем број на странски туристи, и кое сметам дека во последните две децении се запостави и остана на маргините од фокусот на интересот за итна конзервација, заштита и презентација.

Претпоставувате дека оваа моја изјава која е предолга, малку е редуцирана од страна на редакцијата на Фокус, во согласност со просторот кој им е лимитиран како медиум кој излегува во печатена, но не и во електронска форма. Сепак е најдолгата и најспастрената изјава во целата статија. 🙂

Габа која се вдомила во основата на севернот ѕид од црквата Св. Андреа, која е од непроценлива вредност за нашето (и светското) богато византиско наследство! Фотографијата ја направив на 26.06.2009 на Матка.

Основната дефиниција за конзервацијата е да се запре деградацијата на спомениците кои потекнуваат од различни периоди, а по својата намена можат да бидат профани или сакрални, според поднебјето – копнени или подводни, според природата на материјалот може да содржат: земја, дрво, камен, тула, метал, стакло, мозаик, кожа итн. За да почне да се конзервира и заштитува еден локалитет, прво треба да се изработи приоритетна листа на загрозени споменици според значајноста, па дури многу години потоа откако ќе завршат процесите на конзервација, да почне некој објект културно и туристички да се валоризира преку промоција. Колку што сум јас запознаена, официјална приоритетна листа на загрозени споменици на културата во Република Македонија не е изработена од страна на институциите надлежни за тоа. Поточно, во рамките на истите тие институции постои голема веројатност дека се изработени вакви листи, но тие не и се приопштени на јавноста, па така се нема увид што и во колкава мера од нашето наследство е загрозено, секако се’ додека некој странски медиум или институција не го објави тоа јавно.

Од друга страна јавноста треба да знае дека улогите на археолог и конзерватор се дијаметрално спротивни. Кога археологот ископува, со самото тоа го уништува локалитетот, оти археологијата е една од најдеструктивните науки. Валидната проценка подоцна се прави преку публикација на научен труд, и доколку нешто убрљал за време на ископувањето, сето тоа може фино да се (за)маскира. Затоа пак работата на еден конзерватор е од особена важност бидејќи неговото дело останува видливо со децении и постојано се наоѓа под критичкиот нож на јавноста.

При конзервација и заштита, посебно на културно-историски споменици најчесто се употребуваат повелбите и конвенциите. Сепак, не е важно на еден локалитет/објект само да се направи конзервација, а потоа и по можност реконструкција, туку интерпретацијата треба да биде сфатена во поширок друштвен контекст од аспект на духовно, естетско и длабоко значење на самата локалција. Туристичката презентација потоа е само следниот чекор кој самиот ќе се надоврзе.

Кога ја давав изјавата за Фокус, не знаев во каква конотација е пишуван текстот со наслов ‘Додека сонуваме за барокното Скопје 2014, пред очи ни пропаѓаат вредностите на милениумската Македонија‘, од авторот Владо Апостолов, новинар и блогер. Би ви препорачала да го прочитате! Најмногу поради фактот што сум јас единствената која работи со културното наследство и изјавата ја потпишувам со име и презиме. Останатите мои колеги инсистирале да бидат анонимни. Треба ли да претпоставиме зошто е тоа така, а?

8 COMMENTs

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here