Home Артефакт Интерпретација на наследството или Како се прави либација со смокви на Тумба...

Интерпретација на наследството или Како се прави либација со смокви на Тумба Маџари

1,545 views
0
Интерпретација на наследството по пат на либација, Едукативна интерпретациска тура на Тумба Маџари, 12.09.2021, Скопје

На локалитетот Тумба Маџари расте една смоква. И тоа не расте било каде, туку расте токму во центарот на овој археолошки локалитет од неолитскот период кој е воедно и музеј под отворено небо.

Во септември, еден убав сончев есенски ден, со тимот на ХАЕМУС организиравме интерпретациска тура во неолитското село Тумба Маџари. Оваа екскурзија се релизираше во рамките на манифестацијата „Европските денови на културното наследство“ и беше од едукативен карактер. Да создадеш интерпретациска тура која ја следи методологијата за интерпретација на наследството, не е само да направиш комуникација со посетителите кои имаат искуство од прва рака со истото тоа наследство, туку да им овозможиш преку раскажувањето на приказната и употребата на соодветни алтки, нови пристапи кон одредени универзални принципи кои нѐ поврзуваат сите нас. Покрај едукацијата, интерпретацијата и забавата, посетителите научија многу работи, вклучително и што е тоа либација.

Дали некогаш сте правеле либација? Знаете ли како се изведува ритуалот и зошто служи? Ве уверувам дека најголем дел од вас либацијата сѐ уште ја практикуваат по дома а важи и за оние кои се религиозни, но и за оние кои се наклонети кон некои древни пагански ритуали. Помеѓу другите работи, на оваа тура во Тумба Маџари имавме перформанс на либација со смокви проследен со молитва кон Големата Мајка, за да ги штити посевите и тие да дадат побериќетен род во следната година. Верувам дека сите коишто пристустуваа на настанот, ќе го паметат ова искуство со години.

Пред да ја направиме оваа тура, прочитав серија научни трудови за потеклото на смоквата и дали можеби растела во времето кога луѓето на Тумба Маџари во средина на 6 милениум п.н.е. веќе живееле тука. Смоквата почнала да се припитомува уште на почетокот од неолитот на Блискиот Исток, некаде помеѓу 11000-9000 год. п.н.е. Голем број истражувачи се согласуваат дека како бројка за доместикација на смоквата се зема околу 6 500 год. п.н.е., токму кога првите луѓе ја населиле Тумба Маџари, кои тука ќе останат уште многу долго. Археоботанички анализи на неолитските локалитети од Грција, го потврдуваат приуството на овој вид растение во своите научни истражувања. Па на прашањето од посетителите дали можеби древните жители на Тумба Маџари правеле либација со смоква, одговорот беше дека тоа најверојатно би можело да се случи, согласно природните услови и карактерот на населбата, но секако дека тој вид смоква ако не по изглед тогаш сигурно по вкус бил различен од она што ние денес го препознаваме како „слатко од смокви“.

Сега да се вратиме на самиот чин на либацијата. Со поедноставени зборови, либација (lat. libatio) е залевање со течна жртва во чест на боговите. За да го обавите овој ритуал, се разбира дека ви е потребен еден голем сад и одредена течност. Веројатно е дека либацијата се практикувала од праисторијата, но ова може да го претпоставиме само според археоботаничките наоди, а и според археолошките пронајдоци според кои нема потврда за жртвување на луѓе. Подоцна, од историските извори дознаваме дека се жртвувало вино, вода, мед, млеко, масло, разни овошја, со тоа што се излевале на олтарот или под него. Правејќи ваква инсталација, на овој начин се потврдува дека либацијата имала сакрален карактер, а честопати била пропратена и со приватни молитви, најчесто во име на починатите, што пак научно се нарекува како „култ кон мртвите“. Смоквата инаку подоцна ја сеќаваме како чест мотив во христијанството, а нејзина визуелизација има и на прекрасните мозаици во Хераклеја Линкестис.

Преку интерпретација и гамификација (игри, загатки и мапи) сите посетители на оваа невообичаена едукативна тура имаа прилика да се стекнат со искуство од прва рака, додека во живо ги посетуваат реконструираните домови од периодот на камено доба кои се опремени со покуќнина. Истовремено можеа да ги истражуват одблиску и предметите кои се реплики и се пронајдени токму на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари“, а на крајот на оваа прошетка сите има можност да се забавуваат, изработувајќи по желба некој предмет од глина кој го понесоа дома за спомен.

Целта на „Едукативната тура низ Неолитското село „Тумба Маџари“ беше промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Република Македонија од праисторискиот период коешто несомнено оставило трага во колективната меморија на главниот град. Турата е дел од образовната програма „Млад истражувач“ создадена од ХАЕМУС. Оваа едукативна тура се организираше под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР), а настанот беше логистички поддржан од Град Скопје, Општина Гази Баба и ЕуроДанвест.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here